Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Милион Французи станаа непушачи за една година

Voy/Bigstock.com

Милион Французи станаа непушачи за една година

Бројот на пушачите во Франција се смета дека е намален за еден милион во споредба со периодот од 2016 до 2017 година. Ова го покажува најновата сондажа за тоа на колку луѓе пушењето цигари им е секојдневна навика.

Државното здравство на Франција, кое ја спроведе студијата, додава дека ова е најголем пад на бројот на пушачите во земјата во последната деценија. При тоа, намалување е забележано и меѓу тинејџерите, како и кај луѓето со ниски примања.

Студијата посочува дека овој тренд главно се должи на кампањата против пушењето покрената низ цела Франција, која вклучува „неутрални“ пакувања на цигарите, надомест за луѓето кои користат замена за тутунот, зголемување на цената на цигарите, како и активностите од типот – месец без тутун на национално ниво. Студијата покажува дека во 2017 година 26,9 отсто од луѓето на возраст од 18 до 75 години пушеле секој ден, додека во 2016 тој број изнесувал 29,4 отсто. Односно доколку во 2016, секојдневно пушеле 13,2 милиони луѓе од возрасното население меѓу 18 и 75 години, во 2017 тој број се намалил на 12,2 милиони.

Списанието за медицина „Лансет“ објави податоци според кои еден од 10 смртни случаи во светот се должи на последици поврзани со пушењето цигари и дека половината од нив се случуваат во само четири земји – Кина, Индија, САД и Русија. Анализата за секоја земја одделно, предупредува дека „епидемијата на пушење е извезена од богатиот свет кон земјите со низок или среден приход“.

Светската здравствена организација дека еден од начините да се делува кај луѓето за да се откажат од цигарите се визуелните предупредувања, односно прикажување на последиците низ слики. Организацијата додава дека оваа практика се спроведува во 78 земји кои сочинуваат скоро половина од светското население.

Франција е една од земјите која во минатото изгради култ поврзан со пушењето цигари, меѓудругото и преку филмската индустрија. Во филмовите од пред неколку децении речиси редовно се појавуваше познатиот францууски бренд „Gitanes“.

Но минатата година сенаторката од редовите на Социјалистичката партија Надин Грелет-Сертене (Nadine Grelet-Certenais) покрена остра дебата околу прикажувањето сцени со пушење цигари во новите француски филмови. Таа побара нивно целосно исклучување од филмовите за доброто на сите, како што истакна, тврдејќи дека „Галските херои кои пуфкаат на екранот создаваат претстава дека нездравата навика всушност е многу лежерна и „кул“, а на тутунската индустрија и обезбедуваат бесплатна реклама“. Нејзиниот повик веднаш наиде на поддршка од министерката за здравство на Франција Ањез Бузин (Agnes Buzyn)

Австралија беше првата земја во светот која воведе задолжително неутрално пакување за цигарите, во бели неозначени кутии и најави план за постојано зголемување на данокот за цигари се додека една кутија не стигне цена од 40 австралиски долари. Британија веднаш потоа ги прифати белите кутии, а својата кампања ја дополни со затскривање на цигарите во продавниците надевајќи се дека ако бидат подалеку од очите, ќе останат и подалеку од срцето на купувачите.

(Б.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе