Нови 10 илјади Македонци побарале да станат Бугари
Меѓу мај 2017 година и истиот месец годинава, околу десет илјади државјани на Република Македонија, побарале да добијат бугарски пасош, јавуваат медиумите во Софија повикувајќи се на официјални податоци на бугарското министерство за правда.
Според овие податоци, во изминатите 12 месеци, вкупно 17.793 лица, државјани на странски земји, аплицирале за добивање на бугарско државјанство и пасош на таа земја. Далеку најбројни биле државјаните на Македонија. Во соопштението на бугарското Министерство се вели дека други странци кои побарале пасош на Бугарија, биле државјани од Украина, Молдавија, Србија и Албанија, каде, според ова Министерство, постојат бројни бугарски заедници.
Од вкупно пријавените апликанти, 9848 лица добиле државјанство и пасош на оваа земја, додека други 895 биле одбиени.
Интересот за добивање бугарски пасош значително се зголеми откако Бугарија, на 1 јануари 2007 година, стана членка на Европската Унија. Официјална Софија почна да дели пасоши на државјани од соседните и блиски држави , оправдувајќи го тоа со националниот интерес. Како услов за аплицирање и порано и сега се бара доказ дека апликаните имаат бугарски корени, или се Бугари по род, формулација која во свое време ја употреби и Грција, нудејќи им враќање во земјата на некогашните бегалци од грчката граѓанска војна меѓу 1946 и 1949 година и на нивните потомци.
Најголемиот број од македонските државјани, при апликациите се повикуваат на личните документи на нивните дедовци и баби, што ги добивале во текот на двете светски војни, кога територијата на Македонија била под контрола на Бугарија, или од времето кога овие луге во еден период живееле и работеле на територијата на бугарската држава.
Бугарските власти кон средината на 2017 година објавија дека 100 илјади македонски државјани имаат бугарски пасоши, но агенциите во Македонија кои најчесто посредуваат при апликациите пред бугарските власти, тврдат дека таа бројка е речиси двојно поголема.
Во еден период, властите во Софија делеа државјанства и пасоши на странци од соседните земји, речиси без контрола, но по острите критики од другите земји членки на ЕУ и заканите за преземање остри мерки према бугарските државјани и оние кои поседуваат бугарски пасоши, властите на Бугарија мораа да го забават целиот процес. Земјите од ЕУ ја обвинуваа Софија дека со својата политика за делење пасоши, практично, ги изигрува европските прописи, бидејќи овозможува, на мала врата, државјани од држави кои не се членки на Унијата, да влегуваат , работат и се населуваат во ЕУ, на штета на европските социјални фондови.
(С.Г.)