Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ерменија-Нова Украина или војна под Кавказ

Ерменија-Нова Украина или војна под Кавказ

Жестоките улични протести на опозицијата против власта во Ереван, во текот на април, избувнаа неочекувано за странските посматрачи. Откако, потоа,  релативно брзо се смирија,  остана дилемата околу  тоа, што, всушност, се случуваше во Ерменија.

Според едни мислења, тоа беше обид за украинизација на оваа поранешна советска република која и по распадот на СССР, остана цврсто врзана за Москва. Други, пак, се на мислење дека случувањата во ерменскиот главен град, претставуваат увод во една нова војна под Кавказ, меѓу Ерменија и нејзиниот сосед Азербејџан, околу спорната територија Нагорно Карабах, за која и двете страна тврдат дека е само нивна.

Стравувањето од можен нов воен конфликт е резултат на искуството во изминатите две и пол децении , затоа што во секоја ситуација на изливи на ерменска национална гордост или на внатрешни политички бранувања во самата Ерменија, доаѓаше до тензии во односите со соседен Азербејџан кои завршуваа со употреба на оружје.

Овој пат, протестите во Еревена избувнаа откако поранешниот претседател Серж Саркасјан, од неговата Републиканска партија беше именуван за нов ерменски премиер, со многу пошироки овластувања и со целосна контрола и моќ во политиката и во државата,  според рускиот модел што го користи Владимир Путин, кога претседателската функција  ја менуваше за премиерската.

Под притисок од протестите на опозицијата, Саркасјан , поднесе оставка на премиерската функција, но протестите  продолжија , овојпат со барање, лидерот на опозицијата Никола Пашинијан да стане премиер, до одржувањето вонредни парламентарни избори.

Протестите против власта во Ерменија не се чести, па априлските случувања на ереванските улици, можеа да се протолкуваат и како еден од ретките примери на демократија во оваа земја, доколку Саркасјан не важи за човек на Москва и силен застапник за тесни врски со Русија, додека Пашанијан сака свртување кон Западот. Сето тоа добива на тежина , затоа што мошне наликува на Украина и на тамошните случувања кои доведоа до руска анексија на полуостровот Крим и до сепаратистичките судири во Источна Украина, по што Донецк и Луганск останаа надвор од контролата на властите во Киев, благодарејќи на обилната подршка и помош од Русија.

Како и во украинскиот случај и  Ерменија, стратешки, е исклучително важна за Русија. Сместена меѓу Грузија, Турција, Иран и Азербејџан, земјата , практично, делува како своевидна руска стражарница во Транскавказието. Токму и затоа, судирот на ерменската власт и домашната опозиција, против рускиот модел на власта во Ерменија , меѓународните посматрачи го ставија во рамките на одмерувањето на силите и позициите на Западот со Русија, особено што Пашанијан не крие дека сака позасилено врзување на неговата земја за Западот.

Москва и овде има своја воена база и војска , затоа што Ерменија е членка на Договорот за колективна безбедност, кој претставува воен сојуз под руско водство. Русите во земјата, меѓу другото имаат 3300 војници, 72 тенкови, артилерски и ракетни сили, 160 добро опремени оклопни транспортери, како и 18 воени авион Миг-29. Оваа руска војска, ниту по бројност, а ниту по опременост, не може да се споредува со кримската црноморска флота, но  таа е сепак главниот воен фактор во Ерменија.

Во овие ерменски случувања , досега и барем јавно, официјална Москва се држеше настрана и без отворено инволвирање во разрешувањето на кризата, особно откако утврди дека Западот не е амбициран за отворање на нова криза во односите со Русија, по сето она што се случи  и се случува во Украина. Останува меѓутоа отворено како натаму ке се развиваат работите со Азербејџан и прашањето за Нагорно Карабах, што е под контрола на христијанска Ерменија, иако таму муслиманите се доминантно население.

Проценка е дека доколку ерменската криза не се смири или продолжи да се одржува и ескалира, дека властите во Баку би можеле да ја искористат за упад и заземање на оваа територија. Пред десет години тоа се случи , кога демонстрациите во Ерменија, поради лажираните претседателски избори, Азербејџан ги искористи за напад врз територијата на Нагорни Карабах. Од тогаш остана, секоја година, Азербејџанците да предизвикуваат прекугранични инциденти. Барем  така тврдат во Ереван.

Ерменците имаат релативно бројна армија од 23 илјади војници, но таа е трипати помала од азербејџанската. Ерменските воени стратези сметаат и на 20 илјади  луге под оружје во рамките на т.н. ерменски одбранени сили во Нагорно Карабах, сепак, независки посматрачи укажуваат дека воените сили на Ерменија се вооружени и организирани според стариот советски модел. Слично е и со азербејџанските воени сили, но за нив се вели дека тие се помодерно и посилно опремени, па на воен план се во голема предност при евентулано нов судир со Ерменците.

Ситуацијата се усложнува и кога на тоа ке се додаде турскиот фактор. Турција се граничи со Ерменија но е силен сојузник и подржувач на Азербејџан. Однсите меѓу Анкара и Еревена се практично во длабоко смрзнување и поради еден стар, историски проблем од времето на Отоманската Империја, кога при прогонот на Ерменците во 1915 година од страна на отоманските сили, настрадале дури еден милион лица. Ерменија ја обвинува Турција за извршен геноцид врз ерменскиот народ, додека властите во Анкара не само што тоа го отфрлаат, туку грубо и заканувачки се однесуваат и кон сите земји кои се подготвени овој трагичен настан од пред повеќе од 100 години да го прифатат онака , како што тоа го оквалификуваат Ерменците.

Охрабрувачки е дека ситуацијата во Ереван е ставена под контрола, а дека Москва настојува дискретно и во сенка, да ги задржи и Азербејџанците, да не ја преминат линијата што во Нагорно Карабах ги дели двете соседни земји. Тоа барем засега успева, поради добрите руско-турски односи и зафатеноста на сите актери во поткавказието со други, за нив, поважни состојби. Русија е веке длабоко вовлечена во Украина и во Сирија, Турција е насочена околу блокирањето на автономните амбиции на Курдите во Сирија и во Ирак, а Азербејџан по аферата Кавијар, околу потплатувањето на членови на Советот на Европа,  за  разубавуваето на извештаите на азербејџанските  состојби со човековите права, ни малку не е во позиција да тргнува во освојување туѓи територии.

(Р.С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе