Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Асад ги менува границите под Кавказ

Асад ги менува границите под Кавказ

Сирискиот претседател Башар ал Асад се одлучи да „излезе„ од регионот на Блискиот Исток, кризата во регионот и од хаосот во неговата земја, по шест годишната граѓанска војна,  објавувајќи дека владата во Дамаск ги признава , како независни држави, двете грузиски енклави Абхазија и Јужна Осетија, кои претходно имаат прогласено отцепување од Грузија, имајќи ја во тоа обилната помош на Русија.

Двете територии уште веднаш по распадот на поранешниот Советски Сојуз, објавија дека не сакаат да останат надвор од Русија и дека одбиваат да бидат дел од поранешната советска република Грузија, која во меѓувреме стана независна држава.

Одлуката на Асад, токму сега, додека и тој и Русија се под силен меѓународен притисок, да се замеша во исцртувањето нови граници во реонот под Кавказ, област  која и самата е исклучително тензична и со закани од нови воени судири, никого не изненадува. Таа е изнудена од Москва , а за Асад тоа е најмалкуто што тој може да направи за Русија, откако руската армија, со своето оружје и дирекното вклучување во воени операции, му обезбедија да остане на власт во Дамаск и практично да се скрши отпорот на сириските, исламистички бунтовници.

Сирискиот претседател соопшти дека многу брзо во главните градови на двете отцепени грузиски енклави,  владата  во Дамаск  ќе отвори свои амбасади, придружувајќи им се на Венецуела и Никарагва, како и на двете мали пацифички островски држави, Вануату и Науру , познати само како рајски локации за перење на валкани пари и за изигрување и неплакање данок. Неговиот потег, како и на тие пред него, се дел од операцијата на Москва за трајно „замрзнување„ на воените конфликти во двете енклави кои избувнаа во еден момент и за грубо газење на меѓународното право, легализирајќи илегално распарчување на грузиската територија.

Владата во Тбилиси реагираше со единственото оружје што го има- да ги прекине дипломатските и сите други односи со режимот во Дамаск. Во нејзиното соопштение се инсистира дека Абхазија (реон во северозападниот, црноморски дел на државата) и Јужна Осетија, која Грузијците ја нарекуваат Цхинвали, се „бесправно окупирани територии, на кои во изминатите години се спроведува интензивно етничко чистење, во полза на руското население„.

Абхазија- се отцепи од Грузија уште во 1999 година, што Грузијците уште тогаш го означија како руска окупација.

Абхазиската независност беше прогласена по краткотрајната војна (1992-1993) во која загинаа неколку илјади лица на двете страни. Веднаш по прогласувањето на примирјето, Грузијците и сите кои зборуваа грузиски, почнаа да се иселуваат од енклавата, што во времето на СССР беше користена како место за одмор и летување на советскиот државен и партиски врв, а поранешниот лидер Леонид Брежњев, во Сохуми, имаше и своја летна резиденција. Сите се плашеа дека ке бидат изложени на насилство и на губење на својата национална посебност. Грузија и Абхазија, го имаат примено христијанството, уште во 6 век. Во времето на болшевизмот, Москва дозволи Гризија да стане автономна територија, додека Сталин кој и самиот бешее Грузиец, во 1931 година ја претвори Грузија во една од советските социјалистички републики. Во 1991 година, според официјалните податоци на државата, само помалку од 1 , наспроти петмина жители на Абхазија се изјаснуваа како Абхазијци, затоа што сите се чувствуваа како Грузијци. Во 2008 година, во текот на втората руско-грузиска војна , овојпат за Јужна Осетија, руската армија ја искористи абхазиската територија за да навлезе во Грузија. Абхазиските сили, користејќи ја новонастанатата ситуација , ги протераа грузиските војници од стратешката клисура Кодори, единсвеното место каде тие дотогаш се наоѓаа во Абхазија.

Јужна Осетија е поинаков случај од абхазискиот.

Станува збор за поделена територија, затоа што Северна Осетија, беше и остана во Русија. Целиот простор на Осетија, која се наоѓа високо во кавкаскиот реон, над 1000 метро надморска височина, е населен главно со Осетијанци кои зборуваат јазик што е сличен со персискиот и е сосема различен од грузискиот. Национализмот и сеператизмот во Јужна Осетија е од понов датум и се врзува со изборот на грузискиот националист Звиад Гамзахурдија, за лидер на независна Грузија, по падот на СССР , од кога Осетијанците почнаа да инсистираат на својата посебност и да заговараат сепаратизам.

Официјална Москва, која во многу му кумуваше на ваквиот развој на настаните во Поткавказието, обезбеди во за неа чувствителниот и стратешки важен реон две „сателитски држави„ заговарајќи ја и бранејќи ја нивната „независност„ само за да не бидат обвинувани дека, практично, извршиле анексија, како онаа на полуостровот Крим.

(А.И.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе