Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Silk Road против ЕУ во Западен Балкан

Songquan Deng/BigStock.com

Silk Road против ЕУ во Западен Балкан

Европскиот Запад е загрижен поради забрзаното навлегување на Кина во реонот на Западен Балкан- поранешните југословенски републики Србија, Црна Гора, БиХ и Македонија, како и Албанија- покажуваат анализите на јапонски економски експерти и на аналитичари за стратешки состојби.

Јапонија за свои економски и стратешки интереси, внимателно ги следи кинеските инвестициони активности што ги спроведува далеку од своите граници и на европското тло, затоа што сите имаат политичка заднина и ја изразуваат геостратешката позиција на Пекинг во нејзиниот натпревар со другите големи играчи на меѓународната сцена.

Во Западниот Балкан, Кина навлегува со крупни инвестиции, со намера преку овој регион што е се уште надвор од ЕУ, да  дојде до границите на Унијата и преку него да навлегува на просторот што го оградува ЕУ. Кина тоа го прави преку своите државни компании кои ја спроведуваат програмата на Пекинг , означена како „ Belt and Road” што за Кинезите значи  ревитализација на некогашниот Silk Road (Патот на свилата) , создадена пред се, за трговски , но и за други цели.

Таквата стратегија е ставена во рамките на годишните самити на кинескиот премиер со политичките лидери на 16 европски држави (оние од Западен Балкан, како и десет земји- членки на ЕУ, сите од реонот на Источна и Централна Европа, поранешни комунистички држави, врзани за некогашниот политички, воен и економски блок на сега непостоечкиот Советски Сојуз. Ваквите самити започнаа во 2012 година, а послениот се одржа во Софија, на почетокот од јули.

Јапонските анализи тврдат дека ЕУ и посебно Германија , веке го предупредиле Пекинг  дека преку програмата Silk Road во реонот Западен Балкан, Кина, практично, им сугерира на тамошните држави, да останат надвор од ЕУ и да не мора да имаат претензии за приклучување кон Унијата,  потхранувајќи го евроскептицизмот кај десете земји од Унијата кои се дел од групата „16 плус еден„ – Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, како и Романија, Бугарија и Хрватска. Ваквата реакција на Брисел и Берлин доаѓа откако тие веке имаат проблеми и сериозни разлики со земјите од Вишеградската четворка, а пред се со десничарската влада на Унгарецот Виктор Орбан, околу мигрантите, нивната распределба и отстапувањето од демократските стандарди на ЕУ.

Најголемите инвестициони проекти, сепак, се во Западен Балкан и тоа во Србија или се врзани за оваа земја. Станува збор за брзата железничка линија Белград- Будимпешта, проект вреден 3,5 милијарди евра, која треба да биде дел од замислената траса од грчкото пристаниште Пиреја, што делумно е во кинески раце, до германските и до другите големи европски пазари. Кина веќе има инвестирано 12,2 милијарди  евра во разни проекти во Источна Европа, но се проценува дека главнината ке остане  во Србија и во БиХ  најмногу низ инвестиции во комуникацискиот сектор. Македонија, преку државни кинески кредити  е вклучена во еден дел во железницата, а повеќе во изградбата на патни правци кои не се на замислената траса од Југот кон Северот на Европа, но кои се организирани и договорени на нетранспарентен начин.

ЕУ која војува со Русија и со обидите на Москва , максимално да ја ослабне и разедини Унијата, кога веќе не може целосно да ја растури, како и со Турција , околу стратегијата на Анкара за силно економско, но и религиозно и културолошко присуство на Западен Балкан,  што Турција го смета за „свое парче„ на европскиот континент, уште од времето на некогашната Отоманска Империја, сега се соочува и со силниот налет на Кина. Станува збор за стратегија за изградба на патни правци во наредните  30-40 години, но и за стратешко политичко присуство на просторот на кои Пекинг ги пласира своите инвестиции.

По софискиот Самит на Кина со 16 европски земји, кинескиот премиер Ли Кечијанг имал средба со германскиот канцелар Ангела Меркел. Средбата се означува како дел од билатералните контакти на двете земји, но се тврди дека Берлин силно приговорил околу кинеското инволвирање во Западен Балкан, особено што веке се знае дека дел од кинеските инвестиции се изведуваат на нетранспарентен начин, без почитување на пазарните прописи и стандарди.

Премиерот на Македонија, Зоран Заев кој учествуваше на Самитот во Софија,  по средбата со кинескиот премиер во бугарскиот главен град изјави дека „ кинеските  (државни) компании, конечно, се подготвени за учество на меѓународни тендери „ што треба да се разбере дека повеќе нема да има правење зделки и договори за инвестиции во „четири очи„ како што тоа досега се случувало. Во официјалното кинеско соопштението од разговорите Заев- Кечијанг, што го има пренесено државната кинеска агенција Хсинхуа, е наведено дека Македонија и Кина „ се договориле да ја продолжат прагматичната соработка, посебно во инфраструктурата„.

Прашањето за транспарентноста на кинескиот настап на европско тло и посебно во Западен Балкан, изгледа, било силно изразено во Софија и тоа, секако, е  резултат на реакцијата од Брисел и Берлин, па премиерот Ли Кечијанг во своето обраќање уверувал дека во својот инвестиционен налет во овој дел од Балканот и во делови од ЕУ, Кина се раководи од економско-комерцијални, а не од геостратешки мотиви, фалејќи ја притоа, улогата и силата на ЕУ во меѓународната заедница.

За Брисел, како и за Берлин, меѓутоа, останува нивната позиција дека врзувањето на земјите од Западен Балкан во цврста врска со Кина, како и со Русија, претставува опасна стратегија.

 

(Н.Р.Ј.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе