Ново ладење меѓу Црна Гора и Србија
Среде летните горештини Белград и Подгорица , уште еднаш се најдоа во ситуација на ладење на нивните односи, кои и онака се длабоко замрзнати, по обидот да се изврши пуч во Црна Гора, во 2016 година, за кој постоеја силни сомнежи дека покрај Русија е вмешана и Србија.
Причината за сегашната јавна расправија, меѓутоа, е трета страна, Хрватска и нејзината прослава на годишнината од воено-полициската операција против самопрогласената „Република Српска Краина„ во август 1995 година, што во Србија се третира како сурова пресметка со хрватските Срби и операција за „целосно чистење„ на Хрватска од српското население, по нејзиното осамостојување од поранешна Југославија.
Официјален Белград ги спореди целата операција и однесувањето на хрватските власти, со нацистичка Германија, а претседателот на Србија му порача на Загреб дека целта на Хрватска била да се изчисти земјата од Србите, онака како што Хитлер ја исчисти Германија од Евреите. На острата хрватска реакција на тамошниот политички врв, Александар Вучиќ не само што не ги повлече своите недипломатски и навредливи зборови, туку рече дека уште еднаш би ги употребил, ако биде потребно.
Во „војната со зборови„ меѓу двете соседни држави, на удар се најде и Црна Гора, само затоа што црногорското воено аташе, во Загреб, учествувал во тамошните свечености на операцијата „Олуја„ што во Хрватска се смета како на „историски настан„ затоа што тогаш била извојува „конечната победа за независност„.
Не е познато дека црногорското аташе има дадено било каква изјава околу славењето , но во Белград неговото присуство беше оценето како погрешно и непримерно, како недобронамерен гест и како „вртење грб на Србија„. Српскиот претседател Вучиќ, на една прес конференција, уште јавно ја нападна владата во Подгорица, дека не се придржува на ветувањата што му ги има дадено на Белград, за тоа дека Црна Гора „ќе води сметка за интересите на Србија кога ќе станува збор за нејзини важни датуми„.
Од Подгорица уследи брз демант и изјава на тамошната влада за тоа дека „Црна Гора ништо и нема ветено на Србија„.
„Она за што нашиот премиер Душко Марковиќ зборувано, се однесува на унапредувањето на положбата на српската заедница (во Црна Гора) како и за внимателен однос према гласовите, или незадоволството и забелешките кои би доаѓале од припадници на српската заедница„- стои во соопштението на црногорската влада.
Во Белград, од порано мошне критички се реагираше и на присуството на двајца црногорски офицери, во штабот на НАТО, на Косово, што беше оквалификуван како „антисрпски„ потег на владата во Подгорица, иако е јасно дека и „случајот„ со аташето во Загреб и оној , косовскиот, треба да се гледаат само во рамките на членството на државата во Северноатланската алијанса, од пред една година. Црна Гора и Хрватска се членови на еден ист, воено-политички сојуз и според тоа сега веќе не станува збор за тоа кој со кого треба да биде поблизок , туку за обврски кои произлегуваат од нивното сојузништво, што го носи членството во НАТО и неговите планови.
Србија на Црна Гора, очигледно, не гледа така, па и после случувањата со неуспешниот пуч, во кој беа вмешани луге од локалната српска заедница, припадници на тамошната политичка опозиција, целосно антизападна, а посебно анти НАТО определена, впечаток е дека на оваа балканска држава во Белград се гледа како на територија на која ке може да и се налага однесувањето и да се држи под контрола. Србија отворено се замеша во прифаќањето на договорот за граничната линија меѓу Црна Гора и Косово, прво обвинувајќи ја Подгорица дека и работи од зад грб. Потоа изврши притисок врз српските пратеници во косовскиот Парламент, да бидат против договорот, правејќи така сојуз со најтврдокорните националисти меѓу косовските партии, само за да не се случи Црна Гора да ја прифати границата со Косово како со суверена држава.
Случајно или не, токму во моментите додека Белград и Загреб беа „закрвавени„ околу „Олуја„ српскиот државен врв прими делегација на Србите од Црна Гора. Главна тема на разговорот била нивната положба во црногорското општество и државата, а според она што пренесоа белградските медиуми, најмногу се зборувало за незадоволството на црногорските Срби од својот статус.
Имало обвинувања дека нивната положба сега е „најлоша во последните 100 години„ дека Србите, наводно, во Црна Гора се прикажуваат како „антидржавни и антисистемски елементи„ дека се изложени на „постојана асимилација„ , па дури и дека во последниве 20 години се спроведува програма која била „полоша и од онаа на усташите и нивниот водач Анте Павелиќ„ во текот на Втората светска војна, во Хрватска, против тамошното српско население.
Не се знае како на сите овие груби обвинувања и дисквалификации реагирале домаќините, освен што е пренесено дека српскиот претседател Вучиќ рекол дека Србија нема да се откаже од грижата за својот народ, порачувајќи дека Србите во Црна Гора не може да бидат малцинство и дека тие таму не се уставотворен народ, но дека Белград ќе помага, секогаш почитувајќи ги црногорските закони.
(П.Б.)