САД бараат од Русија да се повлече од Грузија
Официјален Вашингтон, по подолго време, го покрена прашањето на руското мешање во реонот на Кавказ, како и територијалниот интегритет на Грузија, барајќи од Москва да се повлече од оваа држава и од нејзините две територии- Абхазија и Јужна Осетија.
Станува збор за две грузиски сецесионистички територии, чија независност Русија ја има прифатено и формално признаено пред десет години, каде од тогаш има оставено свои војници и има уредено свои воени упоришта.
„Станува збор за грузиска територија и тие два региона (Абхазија и Јужна Осетија) не се дел од Русија„- изјави Хедер Науерт, портпарол на американскиот Стејт департмент, инсистирајќи дека САД го почитуваат територијалниот интегритет на Грузија. Според Науерт, САД бараат од Русија , да ги повлече сите свои воени сили на позицијата определена со прекинот на огнот, од 2008 година.
Грузија сака да има добри односи со својот голем сосед, Русија, меѓудругото и како поранешна советска република, но владите во Тбилиси сакаат да ја видат својата држава како членка на ЕУ и на НАТО. Официјална Москва, меѓутоа од почетокот се спротивставува на ваквите желби на Грузијците, затоа што го сметаат тоа за опасно навлегување (на Западот) во руската зона на влијание, а тоа се практично, сите поранешни републики од некогашниот СССР.
Во август 2008 година, избувна краткотрајна, петдневна, војна меѓу Грузија и Русија, која заврши со пораз на грузиските сили. Владата во Тбилиси започна воена операција во Јужна Осетија, против, како што тогаш беше објаснето, јужноосетиските сепаратистички сили. На нивна страна, веднаш застана Русија, која со моќни тенковски сили и во брз налет, ја разби грузиската војска , отворајќи пат за руските војници до самиот главен град, до Тбилиси.
Руската војска, сепак, не го продолжи напредувањето и се повлече, по прекинот на огнот што беше воспоставен, со посредување на Франција и на нејзиниот тогашен претседател Никола Саркози. Официјална Москва, меѓутоа, не ја остави Грузија мирна, па подоцна, истата таа година, ги призна како независни држави двете грузиски сепаратистички територии.
Абхазија својата сецесија ја најави прва, уште во веднаш по распадот на Советскиот Сојуз и прогласувањето на Грузија, за независна држава. Јужна Осетија, пак, на тоа се определи малку подоцна, порачувајќи дека не сака да биде дел од Грузија, туку на Русија, како и северниот дел на областа, Северна Осетија.
Американската реакција и изјавата дека САД го почитуваат територијалниот интегритет на Грузија, доаѓа на десетгодишнината од воените судирања и руската воена интервенција, по која тие се определија за трајно настанување во овие сецесионистички територии. Интервенцијата на Вашингтон се случува во време на „замрзнатата војна„ во Источна Украина, на комплетирање на анексијата на Крим и на засиленото руско мешање во внатрешните работи на земјите од Западен Балкан, со обиди за дестабилизација на владите во Црна Гора , Македонија, но и на Грција.
(С.С.Г)