Борис Џонсон пред партиски суд
Поранешниот британски министер за надворешни работи Борис Џонсон, е соочен со истрага и судење на партискиот суд на владеачката Конзервативна партијана Велика Британија, на која тој и припаѓа, осомничен дека ги прекршил нејзините правила за однесување.
Ваквото решение е донесено откако британските Ториевци имаат добиено на десетици протести и приговори против Џонсон, околу неговите коментари за носењето на „бурката„ ( женска облека кај муслиманите, која целосно ги покрива лицето, главата и телото ). Џонсон одби јавно да им се извини на муслиманките , како и на припадниците на бројната муслиманска заедница во Британија, откако изјави дека оние кои носат „бурки„ наликуваат на „поштенските сандачиња во Британија„ , или личат на „крадливци на банки„ кои оперираат целосно маскирани. Ваквите коментари се наоѓаат во неговиот текст објавен во проториевскиот лондонски весник „Дејли Телеграф„ во кој , инаку, Џонсон е против донесувањето забрана за носење на „бурките„ што веќе е воведена во неколку држави на ЕУ.
Оние кои го бранат уверуваат дека неговите коментари , а пред се, неговите заложби, не се навредливи, инсистирајќи дека Џонсон ги брани либералните вредности на британското општество. Критичарите, меѓутоа, а тие се побројни, тврдат дека така интонираниот текст на доскорешниот шеф на Форин Офисот, покренува исламофобија, која веќе е присутна во земјата и придонесува Конзервативната партија на премиерот Тереза Меј да биде означена како „антимуслиманска партија„ што ториевците никако не сакаат да им се случи особено при сегашните состојби во државата, сврзани со Брегзит.
Но, какви тоа партиски правила и норми Џонсон има повредено ? Висок ториевски функционер објаснил дека партскиот код на однесување налага пратениците, министрите и функционерите на партијата да бидат пример во јавноста, пример кој ке охрабрува и ќе потикнува респект и толеранција, а нема да се афирмира со навреди и злоупотреби и со дискриминација на другите.
„Случајот„ на Џонсон кој демонстративно поднесе оставка, несогласувајќи се со платформата на Меј во врска со финишот на преговорите со ЕУ за Брегзит, доаѓа во крајно незгодно време за британскиот премиер чии позиции се крајно ослабнати. Меѓу лондонските аналитичари, не е мал бројот на оние кои веруваат дека Џонсон стана евроскептит и предводник на „брегзитерите„ (најтврдите поборници за излез од ЕУ) иако претходно беше приврзеник на европското интегрирање , откако утврди дека прибирајќи ја зад себе целата евроскептична дружина, а таа меѓу конзервативците, традиционална не е мала, како и оние неопределените меѓу ториевците, може преку ред, да стане лидер на партијата, а потоа и британски премиер. Затоа се смета дека тој не е било кој во ториевските редови и дека има свои приврзеници кај моќните весници, блиски до конзервативците , во владата и меѓу пратениците, за да може Меј да тргне во пресметка со него.
Таа, како и високи партиски функционери, сепак, се согласиле „судот„ на ториевците да се занимава со случајот на екс министерот, особено кога стана јасно дека Џонсон го има прекршено и министерскиот кодекс на однесување, со тоа што како бивш министер нашол нова работа, да пишува колумни за „Дејли Телеграф„ без притоа да ја информира специјалната комисија на Парламентот која треба да даде согласност.
Партискиот суд може да изрече казна од суспензија во партијата, до исклучување, што е малку веројатно, иако повеќето муслимански активисти, како и гласачи од неговата изборна единица , во која има бројна муслиманска заедница, бараат тој да поднесе оставка на пратеничката функција.
Борис Џонсон, новинар, пратеник, министер во влада во сенка, па градоначалник на Лондон во два мандати, па одново пратеник и министер, во британската јавност е познат, главно, по својата препознатлива, руса и најчесто неуредна коса, по својата, често претерана зборлестост и неконвенционаленост за еден ториевец.
Оние кои не го сакаат цинично велат дека е најпознат по своите гафови (сметајќи го и овој последниот околу бурките) , по ироничните шеги кои повеќе му штетат, но и прават проблеми и на партијата, но неговите приврзеници уверуваат дека тој останува и понатаму еден од најперспективните британски политичари.
Роден е во 1964 година, во Њујорк, во САД, од родители Англичани.Образуван е во најпрестижното средно училиште во земјата, во Итон, а потоа студира класика во Оксфорд. Зборува старогрчки и латински и според неговиот биограф, важи за силен интелектуалец. Неговиот татко е поранешен ториевски пратеник, кој подоцна е назначен за еврокомесар во ЕУ, во Брисел, а потоа својата служба во Унијата, ја продолжува како европратеник. Затоа што е роден во САД, до не така одамна имаше и американско државјанство. Заедно со својот татко престојувал во Брисел каде се дошколувал.
Џонсон , меѓутоа, е и потомок на еден министер во Отоманската Империја, а неговите деца, една четвртина се Индијци. Негов прадедо бил Али Кемал, новинар кој кусо време бил и министер во владата на Ахмед Тавлик Паша. Дедото на Џонсон, Осман Али се преселил во Британија, во дваесетите години на 20 век, каде веднаш го сменил името во Вилфред Џонсон.
Борис има работено како новинар за „Тајмс„ а бил дописник од Брисел за „Дејли Телеграф„ и повеќе години беше главен уредник на партискиот неделник „Спектејтор„ .
Во политиката влегува во 2001 година, како пратеник на конзервативците, а на два пати во тоа време, поранешниот партиски лидер Мајкл Хауард го става во својата влада во сенка, како министер, но и набргу го сменува откако беше откриено дека го излажал својот лидер, за љубовната афера со една лондонска новинарка. Во влада во сенка, го врати Дејвид Камерон, кога во декември 2005 година, овој стана лидер на ториевците. Тие беа другари уште од Итон и Оксфорд, но се разделија откако Џонсон му сврте грб на другарот, кога од проевропеец и дете на еврокомесар, се определи да војува против ЕУ и Камерон, кој со мнозинството од владините министри се заложија за останување на Британија во Унијата.
(И.Т.)