Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трговска „војна„ меѓу САД и Турција

vverve/BigStock.com

Трговска „војна„ меѓу САД и Турција

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одлучи остро да ги казни Американците , обвинувајќи ги за непријателски удар врз економијата на Турција, откако турската лира се соочи со најголем пад на својата вредност, во последно време , што пак повлече цела низа шпекулативни операции на инвеститорите на светските девизни берзи, поврзани со  турската валута.

Лирата ја загуби својата вредност и до 40 отсто во однос на американскиот долар, а по едно неделнато тонење, успее да го запре својот пад и дури да закрепне со минимален раст на својата вредност од три отсто. Сепак, остана значително ослабната во однос на времето од пред кризата, предизвикувајќи раст на цените на основните потреби на населението. Шокот на власта во Анкара, со силниот пад на лирата, беше предизвикан и од стравувањето дека ваквата ситуација може да ги исплаши инвеститорите, па земјата да се најде во многу поголема и потешка криза. Ердоган, затоа, во свој стил, се определи за казнување на САД кои ги обвини дека стојат зад она што се случи.

Со претседателски декрет, како што тоа сега е пракса во Турција, тој наложи нови тарифи зголемени за  120 отсто за американските возила, за  140 отсто за алкохолните пијалоци, за 60 отсто за тутунот во листови, зафакајќи ги со екстра високи тарифи и американските козметички производи и храната. Пред овие мерки,  Ердоган повика на бојкот на американските електронски производи.

Претходно, американската администрација во Вашингтон ги дуплираше тарифите за влез на турски производи, откако Анкара одби да го ослободи од затвор, американскиот евангелистички свештеник Ендрју Брансон кој безмалку две години е уапсен. Турскиот заменик претседател во изјава за домашните медиуми признал дека  екстра тарифите се „реципрочна мерка„ иако , официјално, наметнатите високи тарифи , се објаснуваат како „мерки за стабилизација на турската лира„.

Некои аналитичари веруваат дека станува збор и за турска одмазда што САД не сакаат ниту да разговараат за тоа да биде екстрадиран турскиот верски  водач Фетула Гулен кој живее во Америка, а кого Ердоган го обвинува дека стои зад обидот за пуч во Турција, во јули 2016 година. Ниту еднаш досега , турскиот претседател не испостави доказ дека остарениот и оболен Гулен е навистина „мозокот„ на неуспешниот пуч,  па Американците  веруваат дека и апсењето на свештеникот Брансон, што се случило во времето  додека турските власти сурово се пресметуваа со пучистите,  е резултат на лутината на Ердоган што не може да го добие Гулен за да се пресмета и со него.

Евангелистичкиот свештеник Брансон долги години живее во Турција, каде проповеда во една мала христијанска заедница во Измир. Тој потекнува од Северна Каролина, во САД, а е уапсен пред безмалку две години, откако е обвинет за , наводни, врски со забранетата Курдска работничка партија и за поврзаност со припадниците на Движењето на Гулен. Свештеникот ги отфрла ваквите обвинувања, но му останува уште можноста за жалба пред турскиот Врховен суд, пред да му биде изречена казната, која за ова за што го обвинуваат турските власти, може да добие и 35 години затвор.

Официјален Вашингтон тврди дека станува збор  за нефер , неоправдано и без основа обвинување , додека претставник на Белата куќа објаснува дека властите во Анкара немаат ниту еден доказ за тоа дека пасторот Ендрју Брансон направил нешто лошо и противзаконско.

Излегува така дека двајца свештеници, едниот во затвор во Измир, а другиот, далеку од Турција, изолиран во САД, се причина и повод за „непријателството„ меѓу двете, инаку,  сојузнички држави и за избувнувањето на турско-американската „трговска војна„ преку увозните тарифи.

Меѓународни економски и финансиски експерти, меѓутоа, сметаат  дека причините за економските проблеми на Турција и за падот на нејзината валута, имаат многу подлабоки корени и дека тие се наоѓаат пред се состојбата на турската економија, за која сите се согласуваат дека почнува да го губи здивот. Неколку години на ред, Турција се соочува со двоцифрена инфлација. Во само еден месец, два најголеми турски конгломерати, започнаа преговори за реструктуирање на нивниот долг, во висина од девет милијарди долари. Турската лира има загубено над 50 отсто од својата вредност према доларот, во изминатите пет години, откако забрзано почна да паѓа од почетокот на април годинава.

Лирата се стабилизира за момент, кога  во средината на април Ердоган објави дека ќе има предвремени избори, цели 18 месеци пред рокот. Стабилизирањето на лирата во  тој момент, се објасни со верувањето на инвеститорите дека турскиот претседател и неговата АК партија (Партија на правдата и развојот) сигурно, одново, ке победат и ќе наложат мерки со кои ке се ограничат трошењата за стимулирање на домашната економија. Засега, меѓутоа, нема такви навестувања.

Политичките аналитичари уверуваат дека Ердоган знае во неминовноста од стагнација, опаѓање,  дури и можна рецесија на турската економија, па затоа побрзал со изборите во јуни годинава, стравувајќи за својата политичка иднина, доколку изборите се одржеа во редовниот термин.

Претседателот и неговата влада, по еднонеделното потонување на лирата, настојуваат во кус рок да  ги уверат инвеститорите и светските пазари, дека Турција останува и натаму сигурен партнер. Но независни експерти предупредуваат дека она што треба да се направи, не се само  уверувањата и пресметките со „непријателите„ туку и запирање на дипломатската криза , еднаш со едни, па потоа со други, во кои Анкара речиси постојано се наоѓа, како и започнување значајни економски реформи и значително зголемување на каматите. Впечаток на експертите  е дека , во овој момент  Турција не сака ниту да помисли на менување на досегашното однесување во политиката, меѓународните односи, или во економијата.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе