Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Москва сака да ги скара Софија и Скопје

Belish/BigStock.com

Москва сака да ги скара Софија и Скопје

Бугарија и Македонија минуваат низ најдобриот период од своите односи, но на почетокот од август малку требаше за да избувне кавга, откако бугарските опозициски социјалисти и  тамошната стара,  националистичка структура, позната уште од времето на комунизмот во Бугарија, ги обвинија македонскиот премиер Зоран Заев и Македонија, за „изигрување и непочитување„ на договорот меѓу двете земји  кој беше направен , потпишан и верификуван и во Софија и во Скопје, за да нема повеке расправии околу историјата и минатото.

Повод за ваквата реакција на дел од софиските политички кругови беше една несмасна изјава на македонскиот премиер околу значењето на Илинденското востание. Во првиот момент, никој  во Софија не реагираше , особено што Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов, беа заедно во Благоевград, пред тамошниот споменик на Гоце Делчев, за да се одбележи годишнината на востанието од пред 115 години. Никој ниту во Скопје не се огласи со „прекор„ до македонскиот премиер за „грешните зборови„ .

Независни посматрачи во бугарскиот главен град, се согласуваат дека Заев и не направил ништо , за да биде прекоруван, затоа што нема никаков доказ за  користењето на формулацијата „Илинденското востание е македонско„ . Но,  лидерот на БСП ( Бугарската социјалистичка партија) Корнелија Нинова  , во Софија го нападна македонскиот премиер , оквалификувајќи ја неговата изјава како „скандал„. Таа  остро го прекори и Борисов што ги одмолчел зборовите на Заев, па брзо му испратила писмо на претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани. Во него ,  Нинова барала од Тајани да се изјасни за „скандалот што го предизвикал Заев„.

Зашто токму Тијани, а не на пример некој од Европската комисија, во БСП не објаснуваат, но во Софија се верува дека целиот спектакал на лидерот на бугарските социјалисти и нема за цел да се изнуди реакција на претседателот на Европскиот Парламент, туку само „скандалот„ да добие меѓународни димензии, за да целата таа изнасилена приказна  допре до македонската јавност и до гласачите во Македонија, а тие да се запрашаат- зашто  ни се потребни сите овие работи ( меѓудржавни договори со Бугарија, Грција…) кога и онака, нема да не пуштат да влеземе во ЕУ.

Обидот да се скараат Софија и Скопје, доаѓа на само 1,5 месец пред референдумот за договорот за името со Грција и зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ, а целта е да се остави впечаток дека двете страни и натаму се караат за историјата, дека договорот за пријателство не функционира и дека вината за сето тоа треба да се бара само кај Заев, чиј углед на политичар подготвен да прави компромиси на Балканот, за европската иднина на неговата држава и на регионот, треба да се урне.

Во Софија се смета дека целата бура што ја предизвика Нинова има  и  внатрешно политичка намена, но друштвото на политичари кои застанаа зад неа и зад нејзините обвинувања кон македонската страна, открива дека обидот за обнова на расправиите  меѓу двете соседни земји , не потекнува од Бугарија, туку од Русија.

Официјална Москва веке и не се труди да ги сокрие своите сплетки во регионот на Западен Балкан, а особено, мешањето во македонските работи и настојувањето, по секоја цена, Македонија да не стане членка на НАТО. Тоа го покажа со подршката на режимот на поранешниот премиер Груевски и обидот , во согласност со актуелниот претседател на државата, да се предизвика остра меѓунационална криза, која би резултирала со пуч на власта, за неограничено владеење на преобратениот лидер на македонските националисти, во русофил, , а особено со сето она што го направи Русија , во Македонија и во Грција, потплатувајќи политичари , јавни личности и медиуми, предизвикувајќи насилни протести и ширејќи лажни вести, за да не дојде до договор за името со Грција.

Договор, сепак, се постигна и бидејќи Москва е свесна дека  само  преку него, Македонија доби формална покана за влез во НАТО, за што чекаше повеќе од четврт век и определен датум за почнувањето преговори со ЕУ,   затоа сега, кога договорот е потпишан и ратификуван во Парламентот во Скопје и останува да се потврди на референдум, Русија ги засилува активностите за да влијае врз македонските гласачи, за да се изнуди неуспех на референдумското изјаснување на 30 септември. Тоа е она што го сака руската страна, затоа што би се запрел процесот за влез на Македонија  во НАТО, земјата би останала надвор од Алијансата, а процесот за приближување кон ЕУ, би се одложил на неопределено време.

Во таквото руско сценарио, сега се најдоа бугарските социјалисти, поранешни комунисти, кои во годините на режимот на Тодор Живков, во тогашната поделена Европа, важеа за најлојалните и најсервилните сојузници на Москва и некогашниот Советски Сојуз. Очигледно е дека старата „дружба„ на некогашните бугарски комунисти со советските комунисти и во услови на владеењето на претседателот Владимир Путин, не е целосно заборавена, особено што тоа одговара на политиката на Кремљ, за подршка на сите ултра десни и крајно леви партии и сили, при создавањето кризи низ Европа и низ самата ЕУ.

Нинова сега треба да ровари, за да се скараат Скопје и Софија и особено, за да не успее референдумот. Иако бугарск0- македонскиот договор е ратификуван и во Парламентот во Софија, лидерот на БСП, сугерира бугарската влада да се однесува како владата во Грција, пред договорот од Преспа, условувајќи ја подршката за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Таа, нејзината партија и политичари блиски до левицата, како и поранешните комунистички функционери, јавно беа против дил на Скопје и Атина, барајќи гаранции од Македонија дека договорот со Грција нема да биде „антибугарски„. Некои од поранешните претседатели на Бугарија , дури сугерираа и кое име треба да прифати Скопје, барајќи од грчките преговарачи да не и попуштаат на македонската страна.

Софиски медиуми, посочија дека зад Нинова сега застанаа сите проруски и про-Путин политичари и јавни личности кои бараат блиски односи со Москва и со Путин, кои заговараат укинување на сакциите кон Русија и легализација на руската анексија на Крим. Актуелниот бугарски претседател Румен Радев, избран како независен кандидат, но со силна подршка на социјалистите на Нинова, ја искористи ситуацијата што ја создадоа Москва и БСП, за да побара „ново разгледување„ на договорот на Бугарија и Македонија, со додавање ново поглавје кое би било истоветно со поглавјето 35 од пристапните преговори за ЕУ.

Владата во Софија мирно реагираше на рускиот обид за нова криза во односите меѓу две соседни земји на Балканот, какви што заедно со Србија, Москва веќе ги создава во регионот, а македонскиот премиер Заев, направи нешто што во овој дел од Европа, не се прави- преку својата страница на Фејсбук се извини за невнимателно срочената изјава. Порача уште еднаш дека Македонија и Бугарија продолжуваат заеднички да ги одбележуваат некои од датумите на историјата. Тој и Бојко Борисов, веке беа заедно на гробот на Гоце Делчев, на годишнината од неговата смрт, на чевствувањето во Рим, на гробот на Свети Климент, за прв пат досега, а беа заедно и за одбележувањето на Илинденското востание, на 2 август, во Благоевград, во Бугарија.

(Т.И.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе