Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Половина век од советската инвазија врз екс ЧССР

Половина век од советската инвазија врз екс ЧССР

Половина век помина од советската инвазија врз тогашна Чехословачка (ЧССР), во август 1968 година, со која целосно се задушија настојувањата на тогашното раководство на чехословачката КП, за демократизација и либерализација на општеството, но и на партијата, што требаше да биде различно од дотогашниот „тврд„ советски модел на комунизам и уредување на државата.

Идеите за тоа потекоа низ т.н. „Прашка пролет„ и демократската  клима што почна да се создава, а ја раширија тогашната генерација интелектуалци, левичарски теоритичари, писатели и публицисти, лугето од филмот и театарот, како и младите чехословачки комунисти, што доведе до мирен пад на старото , ортодоксно раководство на партијата, кое слепо ја подржуваше линијата што ја диктираше Москва. На чело на чехословачките комунисти, во пролета таа година, застана Александар Дубчек, кој стана мошне популарен во јавноста и особено кај младите , иако не заговараше револуција,  ниту повеќепартиски систем,  укинување на комунизмот во земјата, или раскинување на односите и врските со СССР,  туку отворено се залагаше и тоа го постави во новата партиска програма, за изградба на „ социјализам со човечко лице„.

Од самиот почеток на тие случувања во Чехословачка, советскиот партиски врв, предводен од Леонид Брежњев, беше против состојбите во земјата кои Москва ги квалификуваше како „антикомунистички„ и пред се „антисоветски„ обвинувајќи дека се потикнати од „странски сили„. Советскиот Сојуз беше во постокан „идеолошки судир„ со тогашна Југославија и нејзното раководство, кое беше означено како „ревизионистичко„ па не сакаше , Чехословачка со Дубчек како лидер,  да се претворат во копија на југословенскиот модел за самоуправен социјализам.

Претседателот на САД Гералд Форд и Советскиот генерален секретар Леонид Брежнев. Владивосток, СССР 1974.

Тогашна Југославија и нејзниот лидер Тито, беа единствени кои им даваа силна подршка на Чехословаците во настојувањето за уредување социјализам со друго лице, различно од она што го имаше наложено Москва, што Советскиот Сојуз го толерираше се до 21 август 1968 година. Во раните мугри, над 250 илјади тешко вооружени војнци со тенкови почнаа да навлегуваат на територијата на Чехословачка од север, од исток и југ и набргу навлегоа во Прага, брутално разбивајќи било каква барикада или протест на голораките Чехословаци кои не можеа да веруваат што им се случува.

Советските воени сили беа далеку најбројни во инвазијата, а помош им пружија и војници од другите земји- членки на тогашниот Варшавски Пакт- Полска, Источна Германија, Унгарија и Бугарија. Во инвазијата не учествуваше само војската на Романија. Во воената операција беа убиени 110 Чеси и Словаци кои тогаш живееја во една заедничка држава. Повеќе од 100 илјади, избегаа од земјата и на Запад, до 1969 година кога беа затворени границите, а уште толку други, до падот на комунизмот, во 1989 година, емигрираа од земјата, често користејќи ја територијата на тогашна Југославија, за префрлање во некоја од западноевропските земји, или преку Атлантикот.

Новата власт, одбрана со согласност на советското ракводство дека ке биде лојално на Москва , мораа да избираат како ќе се определат. Да бидат лојални и покорни на власта и партијата, која беше целосно исчистена од „дубчеквизмот„ или да ризикуваат да останат без работа, без кариера и без можноста да им обезбедат иднина на своите деца. Сите во следните 20 години, останаа изложени на притисоци да и бидат лојални на партијата, на следење од тајните служби и на прислушување . Чехословачка беше окупирана, а сите обиди за малку демократија и за некакво либерализирање во општеството , во рамките на постоечкиот комунизам, беа задушувани.

Најпрепознатливото лице на „Прашката пролет„ и на започнатите промени, Дубчек,  беше уапсен веднаш по инвазијата и одведен во Москва. Подоцна му беше дозволено да се врати во Прага, каде новата власт го прати кусо време како амбасадор во Турција, но го врати од таму, па целосно психолошки скршен, до крајот на животот му определи да работи во едно домашно шумско стопанство.

Александар Дубчек

Поради подршката на чехословачките реформски сили, давањето азил на бегалци од Чехословачка, меѓу кои беа и некои тогаш познати интелектуалци и левичарски теоритичари, Југославија се соочи со заканата да биде и самата изложена на советска инвазија, а максимално ги влошија односите со Москва и со другите држави во советскиот идеолошки блок, што траеше подолго години. Есента истата таа 1968 година, со знаење и подршка на Советскиот Сојуз , во Бугарија беше издадена една квази-историска книшка , наводно изработена од научниците на Бугарската академија на науките, озаглавена како „За македонското прашање„ во која целосно се негираше постоењето и самобитноста на македонскиот народ . Тоа дополнително ги затегна односите меѓу Белград, Скопје и Софија и следните две децении остана основа за расправиите меѓу Југославија (Македонија) и Бугарија  и за дискредитирање на македонскиот идентитет меѓу сојузниците во советскиот блок, но и низ Европа и светот. Многу години подоцна, по распадот на Советскиот Сојуз, во Москва признаа дека секогаш кога ќе избиел некаков (идеолошки) судир меѓу југословенските и советските комунисти, од таму било покренувано македонското прашање, што го потврди уверувањето за тоа кој бил мотивот за појавувањето на книшката и за тоа дека во негирањето на македонскиот идентитет е, многу често бил вклучен и Советскиот Сојуз, кога тоа му беше потребно на раководството во Москва.

Западот беше затечен со инвазијата и со нејзината бруталност, извршена во срцето на Средна Европа, само 23 години по завршувањето на Втората светска војна. Жестоко ја критикуваше окупацијата на Чехословачка и крвавото задушување на обидот за демократизација на тамошното општество, но ништо повеќе од тоа не направи, ниту пак можеше, во тогаш поделената Европа, во услови на „Студената војна„ и постоечката биполарност меѓу западната демократија и источноевропскиот комунизам.

Советскиот Сојуз кој претходно, во педесетите години на 20 интервенираше и во Полска и во Унгарија , никогаш не им се извини на Чесите и на Словаците. Наместо тоа, од Москва и сега стигнуваат само обвинувања. Во една сега направена тв емисија,  за настаните од пред 50 години, чехсловачките власти се обвинуваат за „обид за фашистички пуч„ и дека ако не интервенирале Русите, ќе уследела интервенција на НАТО .

Некои европски аналитичари го користат одбележувањето на суровото задушување на „Прашката пролет„ за да прават споредби меѓу однесувањето на советскиот лидер Брежњев во 1968 година и неговата одлука  да се нападне и окупира една независна и сојузничка земја, со постапките и однесувањето на денешна Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин. Во 2008 година, тој ја испрати руската војска во куса војна со Грузија, околу отцепената , грузиска провинција Јужна Осетија, во пролета 2016 година, изврши анексија на Крим и интервенција во двете сепаратистички украински провинции- Донецк и Луганск , што остава горчлив впечаток дека во Москва работите не се менуваат, кога станува збор за рускиот однос кон она што тие мислат дека ним им припаѓа.

Рускиот Претседател Владимир Путин

(Т.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе