“Брутален” партиски пуч во Канбера
Скот Морисон е новиот премиер на Австралија, откако досегашниот прв човек на австралиската влада, Малколм Турнбол беше сменет од функцијата, со преврат во владеачката Лабуристичка партија на која и обајцата и припаѓаат.
Според австралиските медиуми, соборувањето на Турнбол се означува како „брутален партиски пуч„. Внатрепартиската криза, која се пренесе меѓу пратениците-либерали и министрите, Турнбол се обидуваше да ја игнорира, оставајќи впечаток во јавноста дека нема од што да стравува и дека ситуацијата ќе се смири. Тој веруваше дека мнозинството пратеници и министри од неговата партија и натаму имаат доверба во него и во тоа како управува со земјата. Пучистите, сепак, издејствуваа да се гласа за довербата на Турнбол, а тој разочаран, одби да учествува во внатрепартискиот натпревар, за нов лидер и премиер.
Пучот против партискиот лидер, го покрена поранешниот министер за внатрешни работи Питер Датон кој заговараше натамошно свртување на австраиските либерали во десно, наводно, за да се обезбеди подршката на десно ориентираните гласачи, чиј број се зголемува. Неговото барање да се гласа за довербата на Турнбол, го прифатија мнозинството пратеници и министри-либерали, но кога требаше да се одлучува за тоа кој да го преземе кормилото на партијата и (по автоматизам) на владата и земјата, пратениците му свртеа грб на предводникот на пучистите. Датон доби 40, додека Морисон, освои 45 гласови.
Аналитичарите во Канбера веруваат дека Морисон нема да ги одведе либералите и Австралија во десно, па затоа е неизвесно дали тој ќе го доврши мандатот на Турнбол, до редовните избори, или пак ќе се обиде својата позиција да ја верификува на предвремени избори, сакајќи да добие мандат и од австралиските гласачи.
Малколм Турнбол е четвртиот по ред премиер, што ја губи функцијата пред да му истече мандатот. По гласањето изјави дека одлучил да се повлече од политиката и дека ќе даде оставка и на пратеничката функција. Тој ги обвини водачот на пучистите Датон и неговите приврзеници за предизвикување бунт во пратеничките редови и за непотребна политичка криза.
Во трката за нов лидер и премиер се вклучи и министерот за надворешни работи, Џули Бишоп, но таа отпадна уште во првиот круг од гласањето.
Елиминирањето на премиерите, со партиски пуч, било во десно-центристичкиот блок, било кај левицата и лабуристите, стана практика во австралискиот политички живот. Дури седум премиери имаше Австралија во изминатите 11 години и ниту еден од нив не остана до крајот на својот мандат.
(Г.И.)