Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лондон се подготвува за “no-deal” со Брисел

palinchak/BigStock.com

Лондон се подготвува за “no-deal” со Брисел

Во текот на летото, официјален Лондон на два пати ја менуваше својата позиција за тоа какви ке бидат идните односи на Британија и ЕУ, откако пред крајот на март идната година, земјата и формално ќе ја напушти Унијата. Прво, на еден состанок на владиниот кабинет , со мнозинство гласови на министрите, премиерот Тереза Меј истурка една верзија за британската позиција во завршната фаза на преговорите со Брисел, што предизвика бурно несогласување на тврдите „брегзитери„ и оставка на шефот на дипломатијата Борис Џонсон, за да сето тоа потоа отиде во друга крајност , со форсирање на можноста- Лондон и Брисел да се разделат без да се постигне договор.

Првичниот план на Меј за Брегзит со кој нема да се раскинат сите врски со ЕУ, но дека Британија си заминува во Унијата, а границите ке останат затворени за мигрантите од земјите- членки на ЕУ, не им се допадна на оние кои не сакаат било какви врски со Брисел, останувајќи на тврдењето уште од пред 2,5 години дека Велика Британија е доволно моќна, голема и позиционирана во светот, па ЕУ не и треба (повеќе). Овие сили во крајната десница на владеачката Конзервативна партија , инсистираат дека од 1 април 2019 година, земјата не смее да биде дел од заедничкиот пазар и царинската унија. Премиерот Меј, затоа се веруваше дека успеала да добие една од битките со својата крајна десница и (засега) да се ослободи од Џонсон кој не ги крие амбициите преку Брегзит, да дојде до лидерската и премиерската функција, но таа ја подели домашната стручна и независна јавност, околу функционалноста на планот и ја остави ЕУ рамнодушна.

Брисел иако не јавно и не гласно, практично не го подржа она што го замислува Меј, иако таа најави дека лично ке ги предводи финалните разговори, до постигнувањето договор. За ЕУ и за нејзиниот главен преговарач, Французинот Мишел Барние, неможе да има договор во кој практично ништо не е прецизирано. Од почетокот на британското инаетење со Брисел и првите закани дека Лондон може и да замине, од Брисел, а пред се од големите членки- Германија и Франција- порачуваа дека Унијата не е како „листа на јадење во ресторан, па Британците од ЕУ ке го задржат она што им одговара, а ќе го отфрлат тоа што ним не им се допаѓа„.

Џонсон и неговите сојузници, меѓу нив и доскорешниот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, уште од порано навестуваа дека излегувањето на Британија од ЕУ не мора да се изврши со договор, додека Дејвис јавно изјавуваше оти паралелно со преговарањето, постојано размислува и за „no – deal” решение. Сега за тоа во Лондон се почесто се зборува, особено преку медиумите. Некои аналитичари сметаат дека станува збор за „пробен балон„ пред почетокот на новата рунда преговори, оваа есен , како и за смирување на страстите на домашната политичка сцена. Бизнисот е против едно вакво решение и против „тврд„ Брегзит,  односно против целосен прекин на врските со ЕУ, затоа што тоа ќе им наштети на сите, а тоа ќе го почувствуваат и обичните Британци.

Во Брисел, каде формално, се уште траат летните одмори, нема реакција за тоа Британија да си оди без договор, освен што во една изјава на кабинетот на Барние, одново беше повторено дека со договор, или без „дил„ Брегзитот ке им наштети и на двете страни. Некои медиуми  во Лондон кои се редовни критичари на ЕУ и водат кампања против Унијата, побрзаа да го обвинат Брисел дека „ја уценува Британија„ па дека нема друго освен разделба без договор. Тие продолжуваат да ја уверуваат домашната јавност, особено гласачите кои беа за Брегзит, дека ништо во нивниот живот и работа нема да се промени , како и дека на земјата ќе и биде многу подобро надвор од ЕУ.

Владата на Меј, изгледа дека не мисли така, па во екот на летните одмори, преку министерството за Брегзит им порача на Британците дека треба да се привикнат на можноста дека се нема да им биде како досега и дека ке треба да очекуваат  нова ситуација- кога нема да може да ги користат бенифициите од членството во ЕУ.

Засега им се објаснуваат периферни ситуации, како плаќањето екстра давачки при користењето банкарски кредитни картички во земјите на ЕУ. На домашниот бизнис му се објаснува дека ке мора да се соочи со царински проверки, застои на граничните премини, вадење многу документи од кои изминатите четири децении беа ослободени, како и дека  британската органска храна, при извозот во Унијата ке наиде на пречки и во секој случај ке биде поскапа. Британците, пак,  кои живеат во ЕУ, ќе го загубат пристапот до банкарските и пензиските услуги, без интервенција на ЕУ, како што беше досега. Најважното, сепак,  е признанието дека Британија забрзано прави залихи  од  најнеопходните прехранбени производи, како  и од фармацевтски производи и опрема, за барем шест недели, откако Британија ќе ја напушти ЕУ, без договор со Брисел, и ќе се соочи со прекинување на соработката со Унијата, која е најголемиот пазар во светот.

Промоцијата на ваквиот „прирачник„ со совети за бизнисот и за населението, крајната десница и анти-ЕУ агитаторите го оквалификуваа како„ непотребно сеење страв„ што им оди на рака на оние кои заговараат втор референдум. Тие, пак,  и независните посматрачи во Лондон, на сето ова гледаат како на прво признание на ториевската влада на Меј дека Брегзит нема да биде „ едноставно отшетување на Британија„ од Унијата , како што тоа досега им се објаснуваше на Британците.

(И.Т.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе