Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Две децении без виновник за Ома

Две децении без виновник за Ома

Изминаа 20 години од терористичкиот напад во малото северноирско гратче Ома (Omаgh) во кој беа убиени 29 лица, а дури 220 други беа потешко и полесно повредени. Сите жртви беа жители на Ома, од различна возраст,  меѓу кои и деца, па дури и едно неродено бебе, кое беше убиено во утробата на својата бремена мајка.

Нападот се случи рано попладне, во главната улица на местото, во време кога имало најмногу луге, излезени на пазарање или на прошетка, откако експлодира паркиран автомобил, наполнет со 225 килограми експлозив. Станува збор за најтешкиот и најкрвав терористички напад, извршен во текот на тридецениските судирања меѓу католиците и протестантите во Северна Ирска.

Нападот во Ома се случи во август 1998 година, само четири месеци по потпишувањето на историскиот мировен договор од Велики петок, со кои се гарантираше траен мир во покраината, а одговорноста ја презеде дисидентската група „Вистинска „ ИРА (Ирска републиканска армија) која не го прифати договорот од април таа година и најави продолжување на борбата до конечното обединување на поделениот ирски остров.

Лидерот на оваа паравоена организација Мајкл Мекивит, која уште од порано се оддели од историската ИРА, не согласувајќи со решението, прво за прекин на огнот, а подоцна, со  мировниот договор и со предавање на оружјето и со распуштање на „армијата„ беше прогласен за „одговорен за нападот„ во Ома, но во граѓанска парница, покрената од роднините на жртвите, а не во кривична постапка. Во истата парница, три други лица беа „поврзани со нападот„ но не и осудени, а 12 роднини на убиените требаше да добијат 1,6 милиони отштета , но колку што се знае, ни две децении подоцна, немаат добиено, ниту еден пени.

Во една повторена постапка, на почетокот од август 2003 година, пет години по нападот, Мекивит беше прогласен за виновен за раководење со тероризмот, но не и за виновник за нападот во Ома и за убиството и ранувањето на толку многу луѓе. И после 20 години, нема ниту една пресуда за овој терористички напад.

Обидот на Мекивит и на „Вистинска„ ИРА да го запре започнатиот мировен процес и да изнуди откажување од постигнатиот договор, не успеа. На референдумите прво во Северна Ирска, а потоа и во Република Ирска, гласачите со големо мнозинство се изјаснија за мир на островот и за мирна, заедничка иднина на католиците и протестантите. Не само што договорот од Велики петок успешно го помина тестот за соживот на Ирците поделени во две држави, туку беше и надграден со подоцнежното создавање заедничка северноирска влада во Белфаст, во која заедно работат  оние кои дваесетина години пред тоа, се гледаа како непријатели низ нишанот на оружјето.

Успехот на целиот мировен процес, меѓутоа, досега не овозможи да се даде одговор на прашањето што се поставува сите овие изминати години- дали нападот можеше да биде спречен. Она што досега е обелоденето покажува дека британските тајни служби го следеле движењето на припадниците на одметнатата ИРА , особено што се стравувало дека „некој„ во таборот на милитантите ќе се обиде да ја поремети атмосферата на олеснување по постигнатиот договор од Велики петок и да влијае врз гласачите – на референдумот,  да не го прифатат мирот.

Безбедносни експерти тврдат дека британското контра-разузнавање знаело дека „некаде претстои напад„ па затоа инсистираат  дека нападот врз малото и мирно северноирско гратче можел и морал да биде спречен. Експертите веруваат дека биле прислушувани разговорите на групата на Мекивит, дека се знаело за влегувањето на автомобил со припадници на групата, од Ирска на територијата на Северна Ирска, па сепак, ниту полицијата, а ниту безбедносните агенции не обрнале внимание на паркираниот автомобил, што неколку денови стои оставен во главната улица, покриен со цирада.

Во неговиот багажник бил сместен  експлозивот што на денот на нападот бил далечински активиран.

Обвинувањето за сериозни грешки и пропусти на разузнавачките агенции, а особено две децениското молчење за овој терористички напад, за кој се уште нема виновници,  има покренато неколку теории за наводен заговор на Британците. Најпопуларна е теоријата, според која, британското разузнавање  било информирано за нападот, дека  знаеле за денот и местото каде ќе биде извршен,  но дека намерно не реагирале и оставиле да се случи. Според оваа теорија , биле жртвувани сите 29 убиени, само за да не се открие дека безбедносните служби имаат свој човек, инфилтриран меѓу терористите. Никој досега не сака да ги коментира приказните за постоењето некаков таен заговор, а со нив одбиваат да се занимаваат и медиумите во Лондон, Белфаст и Даблин. Сепак , останува уверувањето дека можело навреме да се реагира, зашто британските власти имале голем број податоци и сознанија за активностите на „Вистинска„ ИРА во поширокиот реон на Ома.

 

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе