Бомбашки пресметки меѓу украинските бунтовници
Водачот на проруските бунтовници во Донецк, во Источна Украина, Александар Захарченко, е убиен додека пиел кафе, во едно кафуле во градот Донецк, од експлозија на бомба. Во првата реакција, бунтовниците објавиле дека Захарченко бил убиен во „терористички напад„. Официјална Москва, за убиството веднаш ја обвини владата во Киев, додека украинската страна отфрли било каква вмешаност во инцидентот.
Ова не е прв напад врз Захарченко во изминатите четири години, ниту пак е единствен крвав инцидент во редовите на проруските бунтовници, но убиениот е највисоката по ранг жртва во редовите на сепаратистите. Тој се нарекуваше „премиер„ на самопрогласената „Донецка Народна Република„ сакаше да го третираат како претседател и важеше за главен командант на бунтовниците во оваа отцепена источно украинска област. Во експлозијата, заедно со него, тешко бил повреден уште еден функционер на сепаратистите, нивниот „министерот за финансии„ .
Убиениот бунтовнички водач, во летото во 2014 година, едвај преживеа експлозија на автомобил бомба. Пред две години во бомбашки напад, како овој во Донецк, беше убиен Арсен Павлов, Русин по националност, кој командувал со една од единиците на бунтовниците. Во февруари 2017 година, беше убиен уште еден водечки командант, Михаил Толстих, откако во неговата канцеларија, низ прозорецот, беше испукана една ракета.
Независни посматрачи и познавачи на состојбите во Источна Украина, сметаат дека станува збор за крвавави пресметки меѓу разните фракции и групи во редовите на бунтовниците, затоа што изминатите неколку години се регистрирани на десетици напади и убиства во таборот на проруските сепаратисти, врз воени и цивилни лица, за кои најчесто не се објавуваат никакви информации. Некои аналитичари, меѓутоа, веруваат дека зад сето ова , длабоко сокриена, стои Москва, која на овој начин, низ ликвидации се ослободува од неподобните команданти, за кои се знае дека и создаваат проблеми на Русија.
Инцидентот во Донецк, Москва и Киев веднаш го искористија за остра вербална пресметка. Руското Министерство за надворешни работи, во остро интонирана изјава, го нападна, како што е речено „режимот во Киев„ дека ја отфрла можноста за мирно решавање на конфликтот и се определува за крвопролевање. Украинските власти, пак, возвратија со тврдењето дека станува збор за меѓусебна пресметка на (источноукраинските ) терористи и нивните руски спонзори.
Со изјава се огласи и Кремљ, а претседателот Владимир Путин, го нарече убиениот Захарченко „патриот„.
Тешко вооружените бунтовници, во април 2014 година, одбија да ја прифатат новата влада во Киев и се отцепија од Украина. Тоа се случи само еден месец по анексијата на Крим од страна на Русија, кога новата украинска влада се определи да тргне по патот за евро-атланското интегрирање, на што Москва остро се спротивставуваше. Бунтовничките сили со обилна руска воена помош и воена логистика, зазедоа голема територија во двете области Луганск и Донецк, каде мнозинството се чувствуваат како етнички Руси, а во борбите со украинската армија, загинаа повеќе илјади лица и на двете страни.
Русија и тогаш, а и сега, не прифаќа дека испратила свои борбени сили и војници на територијата на Источна Украина, но подоцна призна дека на теренот има руски државјани кои ги прикажа како „доброволци„ за кои воени експерти тврдат дека се мошне добро обучени за „доброволци- патриоти„. Сега се знае дека покрај нив има и странски платеници, главно од православните, христијански земји, меѓу кои велат, најбројни биле Србите.
Судирот во Источна Украина, сега е „замрзнат„ со постигантото несигурно примирје, но на линијата на прекинот на огнот, постојано има повремени воени пресметки, со жртви и на двете страни. Според посматрачката мисија која го надгледува кревкото примирје, само во еден ден, во август, имало дури 70 прекршувања.
Сето тоа ја отвора дилемата, за тоа што може да донесе убиството на самонаречениот „премиер„ на Донецк, на воен и на политички план. И покрај острата реторика меѓу Киев и Москва, не би требало да се очекува дека од страната на сепаратистите би уследила одмазничка операција, на која би и кумувале во Москва. Особено што Русија, колку и да е вешта во игрите со „замрзнати воени судири„ не и одговара таквата состојба до бесконечност и во Источна Украина. Тоа некако и помина во Молдавија, со одржувањето на ситуацијата „држава во држава„ во реонот на Придњестровје, а особено во Грузија, со отцепените Абхазија и Јужна Осетија, кои Москва ги има признаено како независни држави, но неизвесната ситуација во Донецк и во Луганск го оптоварува и прашањето на Крим, што за Москва има крупно значење.
Полуостровот Крим, како и двете источни области на Украина, се причина за изолацијата на Русија и на нејзиниот претседател, за санкциите на меѓународната заедница, што Москва сака да бидат тргнати, а се крупна пречка за подобрувањето на нејзините односи со САД, пред се со администрацијата на претседателот Доналд Трамп. Тој, се покажа, и покрај се, не може да истурка еднострано решение , или некаков нов детант со Путин, без за тоа да добие согласност, прво дома во САД, а потоа и од своите сојузници. Впечаток е дека Москва би сакала да се пазари со Западот, користејќи ја украинската криза, па додека чека на одговор, создава проблеми во единството на ЕУ и посебно на Западен Балкан. Сепак, се верува дека не би го искористила Захарченко за нов конфликт, или за нова ескалација на заладување во односите со Западот. Повеќе е веројатно, дека со елиминацијата на „неподобните„ меѓу бунтовниците, без разлика кој го прави тоа, би сакала побрзо расчистување на состојбите.
Захарченко има одиграно крупна улога во бунтот на сепаратистите во Источна Украина, веднаш откако во Киев беше тргната дотогашната проруска влада. Тој ги предводеше „руските патриоти„ кои ги запоседнаа сите украински, владини државни институции во Донецк, тврдејќи дека станува збор „протест против прозападните власти„ во Киев. Рускиот претседател Путин, го донесе Захарченко и на мировните преговори во Минск, откако го натера и тој ( во името на бунтовничките сили) да се потпише на договорот за примирје.
(Р.У.)