Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

ГРУ убива со новичок во шише за парфем

pxl.store/BigStock.com

ГРУ убива со новичок во шише за парфем

Британското Јавно обвинителство обвини двајца руски државјани – Александар Петров и Руслан Боширов – за обид за убиство на рускиот емигрант Сергеј Скрипал, неговата ќерка Јулија кои од 2010 година живеат во Велика Британија, како и на британскиот полициски детектив, Ник Бејсли. Тројцата беа жртви на нападот со користење на хемиско оружје – нервниот гас „новичок„ создаден  уште во времето на Советскиот Сојуз, што во март оваа година, беше извршен во англискиот град Солзбери. Таткото и ќерката долго време беа во критична состојба, а тешко настрада и полицаецот кој прв им помагал на жртвите. Сите тројца успеаја да го преживеат нападот.

Полициската истрага во која беше вклучено и прегледувањето на 11 илјади часови снимки од безбедносните камери, во потрага по сторителите и нивното движење, пред и по нападот, тврди дека располага со доволно докази за обвинувањето на двајцата Руси. Утврден е дека двајцата се оперативци на руската воена разузнавачка агенција ГРУ, дека на 2 март допатувале  на лондонскиот  аеродром Гетвик, со редовниот лет на руската компанија „Аерофлот„ . Престојувале, притаено во еден неугледен хотел во источен Лондон, а на 4 март заминале за Солзбери, во југозападна Англија, го извршиле нападот на тој начин што  силно отровниот нервен агенс,  го испрскале врз  влезната врата на куќата на Скрипал и истата ноќ, се префрлиле до аеродромот Хитроу, од каде заминале за Москва.

Двајцата допатувале и заминале со руски пасоши на кои истрагата утврдила дека се полни со бројни патувања низ Европа, вклучувајќи ја и Британија, што се верува дека било намерно направено за да не остават сомнеж кај имигрантските власти. Хемиското оружје, пак,  го донеле во ранците со кои допатувале. „Новичокот„  бил сместен во специјално направен сад за пренос на опасниот агенс, во шише идентично на оние во кои треба да има женски парфеми и во кутија на една позната козметичка фирма.

Во соопштението на Обвинителството се вели дека Британија нема да бара екстрадиција на двајцата руски напаѓачи, поучена од искуството во вакви и слични ситуации, затоа што руските власти не екстрадираат свои државјани во некоја странска земја, но Британците најавија дека ќе побараат од ЕУ, покренување  европски налог за гонење, според  кој може да бидат уапсени и префрлени во Лондон, доколку еден од нив, или обајцата патуваат во некоја земја-членка на Унијата.

Официјален Лондон, мошне остро реагираше на резултатите од полициската истрага и на Обвинителството, затоа што станува збор за втор, речиси идентичен случај, како оној од 2006 година, кога беше убиен рускиот политички бегалец и дисидент, но британски државјанин во време на нападот, Александар Литвиненко.

И тогаш, двајца Руси- Андреј Луговој и Дмитри Ковтун- обајцата  оперативци на ФСБ ( наследничка на КГБ) беа осомничени дека во текот на средбата со Литвиненко, во едно хотелско кафуле, ставиле во неговиот чај  од високо отровниот и радиоактивен изотоп Полониум 210. Литвиненко уште истата вечер тешко се разболе и почина по десет денови во големи маки. Лекарите соопштија дека сите внатрешни органи во телото на жртвата биле целосно распаднати- како во неговата утроба да се случила атомска експлозија. Луговој и Ковтун, како и напаѓачите на Скрипал, допатуваа од Москва и веднаш по извршеното труење на Литвиненко, заминале за Русија. Британците го обвинија само Луговој , но тој не само што не беше екстрадиран, туку подоцна стана пратеник на руската Дума (Парламентот).

Во специјална изјава за случајот во Солзбери,  во британскиот Парламент, премиерот Тереза Меј ја обвини Русија за користење на британската територија за политички убиства. Таа рекла дека во аферата со „новичок„ не станува збор за операција на двајца отпадници, туку за операција одобрена од високите ешалони на руската власт. Британија побара за случајот да биде информиран Советот за безбедност на ОН, а владата на Австралија, прва реагираше со подршка и со остра осуда на руското „тајни„ операции низ светот. Според лондонските медиуми, веднаш била покрената и операција на британското контра-разузнавање против агентите на ГРУ, на британска територија, а од сојузниците во Брисел биле побарани дополнителни санкции против Москва.

Вообичаено и овој пат, властите во Русија ги отфрлаат британските обвинувања. Руското Министерство за надворешни работи во своето соопштение тврди дека двете имиња што се обвинети во Лондон „не значат ништо за Москва„. Руската амбасада во Британија ја укори британската влада, порачувајќи и да „престане со јавни обвинувања, туку пред тоа, да почне да соработува со руските власти„ а медиумите во Русија, сите поврзани со Кремљ, ја исмеаја истрагата во Британија и обвинувањето за Петров и Боширов, нарекувајќи ги „ апсурден политички трилер„ . Тие тврдат дека сето ова треба само да се искористи за нов бран обвинувања против Русија и за казнување на Москва. Станува збор за реакција која е  идентична со онаа, околу  случајот Литвиненко, но и со грубоста и ароганцијата, позната од времето на Советскиот Сојуз, што Русија на Владимир Путин сега ја употребува , секаде и во секоја прилика, кога треба да ги прикрива своите илегални постапки, спротивни на меѓународните норми и своето насилно дејствување на меѓународната сцена.

Во случајот со „новичокот„  е инволвирано военото разузнавање, а ГРУ иако не е „марка„  како поранешното КГБ, според западни безбедносни експерти,  сепак, има многу важна улога за руските стратешки планови. Оваа служба е директно под команда на министерот за одбрана и  таа е вклучена во сите руски кибер операции, во хакирањето и во цела низа операции за саботажи на интернет и за правање и дистрибуирање на лажни вести.

Околу случајот со нападот во Солзбери во март, Русија има дистрибуирано серија измислени и лажни информации и контра-напади против Британија и Западот , за да се одбрани од острата осуда на меѓународната јавност. Прво, дека тоа е дело на самите Британци (како и за Литвинеко), па потоа дека нервниот агенс е од британско производство, па  дека зад труењето  стои Украина, како и дека сето тоа е дело на „лудиот„ свршеник на ќерката на Скрипал. Во натамошната операција на правење лажни информации , беше пуштено во оптек „сигурното откритие„  дека Солзбери е „англо-саксонско масло„  за да се обвини Русија , што инаку и сега се прави, за да на крајот, во случајот биде замешана и подалечната историја и некогашниот руски цар Иван Грозни.

Медимуми во Лондон пренесоа детали од една московска тв програма, во која се обвинувале Англичаните дек од секогаш непријателски се однесувале кон Русите, па така, уште Елизабета Прва, испратила свои лекари во Русија, за да ги отрујат царот Иван Грозни и неговата жена. Наводно, како казна затоа што тој почнал да води „независна политика„ и им ги одзел привилегиите на англиските трговци. Таквата приказна се смета во Лондон, треба да покаже дека и сега, само овој пат, Тереза Меј, сака да ја „отруе репутацијата„ на Путин. Но, Британците имаат исклучително добри архиви, а таму се чува писмо од Иван Грозни до кралицата Елизабета Прва, во која вистината е сосема поинаква од онаа што била пласирана на московската телевизија. Од документот се разбира дека не само што тогашната англиска кралица не сакала да го отруе рускиот цар, туку тој во писмото и предлагал брак и дури ја замолил да му најде безбедно  место каде би престојувал, доколку има проблеми во Русија.

Во современо време,  Сергеј Скрипал има работено за ГРУ во Авганистан, во осумдесетите години на 20 век, по советската инвазија врз оваа земја на Средниот Исток. Но во 2006 година, бил уапсен откако бил откриен дека предавал доверливи информации на британската тајна служба МИ6. Во 2010 му било дозволено да замине од Русија, за Лондон, при една размена на шпиони што ја направиле двете држави, но за руските власти, Скрипал останал предавник, онака како што бил третиран и  Литвиненко. Тој исто така бил оперативец на ФСБ, но по еден судир со своите шефови, околу истрагата за корупција поврзана со врвот на власта, пребегал со семејството во Лондон. И за него во Москва се гледаше како на предавник, уште повеќе што тој во Британија се вклучи во кругот на политичките дисиденти и остри критичари на власта на Путин, што го предводеше, сега починатиот, некогашен олигарх Борис Березовски.

(Д.Л.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе