Секојдневното “постење” го подобрува здравјето
Научниците на Институтот Салк откриле дека ограничувањето на јадењето во 10-часовен период го подобрува здравјето, ги надминува генетските дефекти, и штити од дијабетес и дебелина.
Студијата која беше објавена во списанието Cell Metabolism на 30 август оваа година, укажува на тоа дека здравствените проблеми поврзани со нарушувањата на 24-часовниот ритам на активност и одмор кај животните – кои кај луѓето се поврзани со јадење преку поголем дел од денот или со работење во смени – може да се корегира ако сите калории се конзумирани во рамките на 10-часовен период.
“За многумина од нас, денот започнува со кафе и завршува со закуска 14 или 15 часови подоцна”, вели Сачидананда Панда, професор на Институтот Салк и еден од авторите на студијата. “Но, ограничувањето на јадењето во 10 часа на ден, и нејадењето во остатокот на денот, може да доведе до подобро здравје, без оглед на нашиот биолошки часовник.”
Според научниците, резултатите на студијата сугерираат дека главната улога на циркадиските часовници е да му сигнализираат на организмот кога да јаде и кога да пости. Овој внатрешен „тајминг“ создава рамнотежа помеѓу доволна исхрана за време на периодот на исхрана и неопходна поправка или подмладување за време на “постот”. Кога овој циркадиски часовник е нарушен, како кога работиме во смени или кога исхраната не е регуларна, или пак кога циркадискиот часовник е компромитиран поради генетски дефекти, балансот помеѓу исхраната и подмладувањето се распаѓа и организмот заболува.
Како што старееме, нашите циркадиски часовници ослабнуваат. Ова ослабнување истовремено го зголемува ризикот за метаболни заболувања, срцеви заболувања, рак и деменција.
Но, добрата вест, велат истражувачите, е тоа што едноставниот начин на живот, како што е јадењето на сета храна во рок од 10 часа, може да го врати балансот, да ги отфрли метаболните болести и да го подобри здравјето. “Многумина од нас може да имаат еден или повеќе дефектни гени кои предизвикуваат болести кои нè прават да се чувствуваме беспомошни. Откритието дека секојдневниот “пост” може да ги надмине лошите ефекти на дефектните гени отвора нова надеж за одржувањето на здравјето”, вели Панда.
Научниците планираат понатаму да испитаат дали јадењето во рок од 8-10 часа може да ги спречи или намали ефектите на стареење, како и да пронајдат начин како оваа студија може да биде применета и кај луѓето.
Интернет страницата на лабораторијата, mycircadianclock.org, овозможува на луѓето насекаде во светот да се пријават и учествуваат во оваа студија, како и да добијат упатства за тоа како да се задржи оптимален дневен циклус на исхрана. Со собирањето на дневни податоци за навиките и здравствената состојба на илјадници луѓе, научниците се надеваат дека ќе добијат подобро разбирање за тоа како секојдневниот циклус на јадење и постење го одржува здравјето.
(И.Г)