Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Меркел во Скопје

Sergey Kohl/BigStock.com

Меркел во Скопје

Ангела Меркел одлучи, токму на 8 септември, на денот на незвисноста, да престојува во Скопје, во прва посета на еден германски канцелар на Република Македонија, одбележувајќи ја и 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Но посетата на канцеларот на Германија не беше протоколарна, а ни сосема славеничка, туку работна и во функција на претстојниот референдум во Македонија, за  договорот од Преспа и за членството во НАТО и ЕУ.

Меркел во Скопје силно го подржа , како што рече, историскиот договор  на Македонија и на Грција, со кој се надминува 27 годишниот спор околу името на државата. Со него, се укинува блокадата на Атина за македонското членство во Северноатланската алијанса и во  Унијата, за што е определен  најголемиот број  од домашната јавност, а што е стратешка цел на државата, изразена уште пред четврт век и потврдувана од сите досегашни влади и , конечно,  со преспанскиот договор , се отвора патот, земјата на „голема врата„ да влезе во Европа.

Германскиот канцелар му изрази силна подршка на македонскиот премиер Зоран Заев, за „храброто лидерство„  при  определбата да се затвори еден долгогодишен спор и за подготвеноста да се направи компромис, за да може да се реализираат државните цели и интереси, за да се дојде до договорот, изразувајќи им притоа, пофалби и на грчкиот премиер Алексис Ципрас, за храброста и решеноста да се истуркаат до крај сите работи, за да се постигне взаемно прифатливо решение, но и на бугарскиот премиер  Бојко Борисов, околу подготвеноста со македонската влада да се постигне договорот за пријателство со Бугарија, како и околу неговите силни заложби , како  претседавач на ЕУ, до крајот на јуни годинава, за успешен крај на македонско-грчките преговори.

Меркел затоа ги повика гласачите во Македонија, да се свртат кон иднината на земјата и масовно да излезат на референдумот од 30 септември.

„Ова е историска шанса, која една генерација само еднаш ја добива. Немојте да останете дома, зграпчете ја демократската можност што ви се дава, за да се определите каква сакате да биде иднината на државата„ – порача германскиот канцелар, на заедничката прес-конференција со својот домаќин, премиерот Заев.

Таа појасни дека прашањето за кое ќе треба да се определат гласачите е така направено, затоа што тоа ја изразува суштината  на целиот процес за македонското пристапување кон НАТО и ЕУ, а тоа е дека без договорот од Преспа, потпишан во средината на јуни, без согласноста на сите земји членки, и во двете организации, што сега ( со договорот ) е обезбедена, Македонија не може да ги реализира своите амбиции. Тоа едноставно значи- дека македонско-грчкиот договор , не може да се оддели од определбата на овдешните гласачи за тоа дали сакаат својата држава да ја видат таму каде веќе се наоѓаат , или се на патот, сите наши соседи и најголемиот дел од Европа.

Вака поставувајќи ги работите, канцеларот Ангела Меркел одново ја истакна веќе афирмираната позиција на ЕУ, дека спорот за името, не беше само проблем кој ги оптоваруваше односите меѓу двете соседни земји, туку и регионална закана, за овој дел од европскиот континент кој е во соседство со Унијата , а каде последниве години, некои други „играчи„- пред се , Русија, Турција и Кина, настојуваат на разни начини да се инсталираат во просторот на Западниот Балкан, што инаку, одамна е определен како составен дел на процесите на европското интегрирање.

Пред германскиот канцелар, во Скопје престојуваа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг , како и австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој до крајот на оваа година претседава со ЕУ, а поранешниот шведски премиер Карл Билд , во изјава за тамошните медиуми, ја поздрави и силно ја подржа одлуката на Меркел да  ги посети Скопје и Македонија и тоа на денот на нејзината независност.

Со порака- честитка, се огласи и претседателот на САД Доналд Трамп. Освен со честитка за празникот , Трамп  честиташе и за постигнувањето на историскиот договор од Преспа, за кој рече дека „ кога целосно ќе се имплементира , ќе обезбеди поголема безбедност, но и просперитет на народот во Македонија,  но и за целиот регион„.

Курц пред да допатува во Македонија , на еден форум во Австрија, порача дека ЕУ не смее да дозволи да им го остави Западен Балкан на другите, затоа што тоа е опасно, како за земјите во регионот, така и за Европа, ставајќи и тој знак за  еднаквот и взаемност  меѓу европското интегрирање и безбедноста. Столтенберг од Скопје, замина за Атина, на разговори со грчката влада, во грчкиот главан град престојуваше и генералот Џозеф Данфорд, командант на заедничката команда на американските воени сили, додека во главниот македонски град се најде американскиот сенатор Рон Џонсон, претседател на комитететот за внатрешна безбедност на САД.

(И.Т.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе