Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шведските националисти останаа без триумф

Лидерот на Шведските Демократи Џими Акесон. Фото: News Øresund - Johan Wessman (CC BY 3.0).

Шведските националисти останаа без триумф

Во Шведска се одржа парламентарни избори од кои (одново) се плашеше демократска и либерална Европа, поради експанзијата на национализмот и крајната десница и во оваа традиционално демократска и слободарска скандинавска држава. Изборите беа означувани како неизвесни и непредведливи, како никогаш досега и како закана за либералните вредности на тамошниот модел за државно управување, затоа  што се најавуваше  силен подем на шведската, националистичка партија – Шведски демократи (ДС) , која од маргинална , се очекуваше да се издигне до вистинскиот победник на изборите.

Стравот беше реален, поради ширењето на национализмот и ултра-десничарењето низ земјите на ЕУ, предизвикано најмногу од напливот на мигранти во 2015 година и од кризата што се создаде во Унијата околу нивното (не) солидарно распределување. Шведска, како богата и економски стабилна држава, според планот на Европската комисија, прими кај себе 163 илјади странци- бегалци од воените судирања на Блискиот Исток , но и економски мигранти од Азија и северна Африка. Тоа е бројка далеку помала од онаа во Германија, па  сепак , на крајот се покажа дека Шведска кај себе има примено најмногу мигранти, по глава на жител, од сите земји членки на ЕУ.

Ваквата ситуација ја  искористија разните нео-нацистички, националистички и крајно-десничарски партии и групи кои својата мрачна идеологија ја затскрија, продавајќи им го на гласачите стравот дека „ќе ја загубат државата„ и дека дојденците им ги трошат фондовите за домување, здравство, образование и социјална заштита. Шведска е во извонредно добра еконономска кондиција, далеку подобра од просекот на Унијата, па наместо дебата  за натамошниот развој и напредок на земјата, овој пат, најголемиот дел од изборната кампања беше насочена околу прашањето на мигрантите и „вината„ на владечките Социјалдемократи, на актуелниот премиер Стефан Лофтен, затоа што дозволиле да примат толку многу странци.

Анкетите покажуваа дека антимигрантската политика на крајната десница, ја има подршката на (досега) толерантната и главно либерална шведска јавност, па дека секој пети гласач ќе се определи за партијата Шведски демократи, која во јавноста досега се третираше како безмалку нео-нацистичка и фашистичка. Непосредно пред гласањето, прогнозите навестуваа дека ДС ќе добие најмалку 20, а можеби и 22 отсто од гласовите. Тоа требаше да претставува шок за демократска и либерална Шведска и триумф на национализмот, расизмот и крајната десница, што во оваа држава никогаш, вистински и не постоел.

Резултатите од изборите ги изненадија сите- националистите навистина забележаа напредок кај гласачите , освојувајќи 17,6 отсто од гласовите ( досега имаа околу 12 отсто), но тоа не е триумф во кој тие веруваа, додека  двата традицинални блока од левиот и од десниот центар, околу кои се определуваат шведските гласачи, добија речиси наполно идентичен процент од гласовите. Левицата освои 40,6 а  десницата доби 40,3 отсто, па сега во Парламентот се разликуваат за само  еден пратеник. Поединечно, социјалдемократите на Лофтен и натаму се најбројната партија во новиот парламентарен состав (таа самата има 101 пратеник) , иако и се предвидуваше изборен дебакл. Но, сега е очигледно  дека ниту како партија, а ниту како коалиција на левите сили , левицата неможе да обезбеди 175 пратенички места, што е минимум, за да формира влада.

Шведските гласачи, изгледа, во последен момент се предомислија и пред да ги уфрлат гласачките ливчиња во избирачките кутии,  одлучија и натаму да им останат верни на традиционалните партии кои го штитат и го обезбедуваат демократскиот модел на шведското општество.  Подемот на ДС,  кои сега ќе имаат 62 пратеници ( досега 13), сепак,  значи предупредување до водечките партии и знак дека Швеѓаните, не се задоволни од толку големиот наплив на мигранти во нивната земја и дека стравуваат, ако не толку од изменетиот состав на населението, колку од тоа дека и една богата Шведска, не може да остане бескрајно со отворени врати за мигрантите.

Во Шведска, традицинално, се прават коалиции, но овој пат, Парламентот е во вистинска блокада. Ниту една од партиите , како и двата главни идеолошки блокови, најавија дека никако нема да коалицираат со националистите од Шведските демократи. Тие пак, задоволни и од овој резултат, веднаш му порачаа на Лофтен, да стапи во контакт со нив, затоа што во спротивно ќе гласаат против него , кога парламентот ќе избира влада. Изборната математика налага создавање голема коалиција, како онаа во Германија, за да целосно се блокира ДС. Другата варијанта е разместување на партиите од двата главни блока, со тоа што една или две партии би ја смениле страната и идеолошката боја.

Партијата Шведски демократи не е нова и непозната во домашната политичка јавност. Таа беше целосно потисната и на маргините на општеството, поради тоа што партијата беше блиска до шведските нео-нацисти и до разните крајно-десничарски и расистички групи и организации. Нејзин симбол беше запален факел, што нескриено алудираше на омилениот декор на хитлеровците, од времето на нацистичка Германија. Во Парламентот, прв пат, влегоа во 2010 година и од тогаш настојуваат целосно да го изменат својот имиџ , прво заменивајќи го факелот со цвет во боите на шведското знаме, а потоа дистанцирајќи се од своето поранешно идеолошко друштво. Последниве години, ДС настојува да им се доближи на работничката класа, плашејќи ја со големиот број странци, на жените и на повисоката средна класа од шведското општество, уверувајќи ги дека станува збор за сосема нова партија. Весниците во Стокхолм, меѓутоа, открија дека еден од пратениците на ДС во кампањата зборувал дека „Швеѓаните се бели и дека земјата е на белите„ .

(Д.Ш.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе