Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Партијата поважна од државата

Фото: bloodua/BigStock.com

Партијата поважна од државата

Македонската националистичка опозиција, објави дека за референдумот околу влезот на Македонија во НАТО и ЕУ и за македонско-грчкиот договор од Преспа, немала прецизно изграден став, за тоа – дали да се бојкотира, или не, но пораката што беше испратена, сепак, е крајно дволична и во основа антимакедонска и антидржавна. Во објавата, им се порачува на гласачите, тие самите да одлучат дали на 30 септември ќе излезат да гласаат, но лидерот на опозицијата покрај тоа сметаше да појасни  – “за нас договорот е неприфатлив и вие (гласачите) знаете што  мислам со тоа” (околу референдумот). Тоа поедноставено, треба да значи  дека опозицијата, барем јавно, не повикува на бојкот, што треба да биде мамка за наивните, но дообјаснувањето на нивниот лидер, Христијан Мицковски, околу неговото “мислење” покажува колку е голема дволичната игра на опозицијата и колку пакосно и анти-референдумски е позицијата што  ја претстави после долго молчење и неизјаснување.

Само 15 часови подоцна, тој потроши многу телевизиско време, во едно интервју за да уверува дека таквиот негов (партиски) став е исправен, дека тоа не претставува бојкот, како и дека тој самиот, како граѓанин и гласач, се уште не се определил, дали ќе излезе да гласа и како ќе се изјасни. Но таа дополнителна елаборација, без разлика на мотивите, само го потврди впечатокот за каква опозиција и за каков лидер станува збор. Референдумот треба да покаже што лугето – гласачите во оваа земја, мислат за евроинтеграциите на државата, дали тие сакаат да бидат дел од тој процес, кој сите наши соседи веќе го имаат изодено, недвосмислено изјаснувајќи се “за” а што нам, со договорот од Преспа и со (конечно) тргнатото вето на Грција, ни се нуди – и тоа за прв пат, на голема врата. Излегува, меѓутоа, дека партијата и опозицијата кои на “полна уста” постојано ја уверуваат јавноста во Македонија дека тие се промотори и заштитници на националните и државните интереси, а сите другите се “предавници” сега отворено се спротивставуваат на можноста државата да биде дел од Обединета Европа и дел од нејзиниот безбедносен механизам низ членството во НАТО.

Државата за прв пат има и формална покана за влез во Алијансата, како и определен датум за отворање на процесот за преговори за влез во Унијата

Државата за прв пат има и формална покана за влез во Алијансата, како и определен датум за отворање на процесот за преговори за влез во Унијата. Треба само да го имплементира договорот што досега никој не успеа, или можеби не сакаше да успее, но треба уште да се надминат сите опструкции што домашните опозиционери и самонаречени “патриоти” ги прават, за да може да се тргне во практичното реализирање на евроатланските проекти. Како сега стојат работите, таа работа е потешка од договарањето со нашите идни партнери и сојузници, па не е ни чудно што партијата на г. Мицковски побрза да се огради од позициите на еден својот угледен член, само затоа што тој јавно го пофали договорот од Преспа, повика да се гласа за него и објасни дека  е најдоброто нешто што можело да се постигне во седуммесечните преговори. Партијата не го  почитуваше  неговиот личен став и мислење, иако ја уверува јавноста  дека им остава на секој нивни член, или гласач, сам да се определи.

Впечаток на посматрачите во Скопје е дека тој и неговата партија, како и целата националистичка опозиција, нема вистински приговори на преспанскиот договор, освен фразите дека е “неприфатлив”  дека е “штетен по националната кауза” и дека актуелната влада која ја истурка целата работа, ги има “продадено” националните интереси (државните  не се споменуваат). Нема детална елаборација што за нив, сега, претставува национална кауза и што не е добро кога е исполнета “црвената линија” која толку упорно ја бранеше бившата власт, а тоа сега го прави “нивниот” претседател на државата и кога сите тие прашања се задоволени. На името на државата само е додадена  локацијата „ Север„ а се запазени идентитетот, јазикот и  нашата национална посебност. За прв пат, од Атина е добиено едно  такво признание, а за прв пат, еден грчки премиер порачува дека “никој не може на нашите соседи да им забрани да се нарекуваат Македонци” ако така се чувствуваат.

Веројатно на најголемиот број Македонци не им е потребно од никого, потврда или лиценца дека се тоа што се. И кога немало држава Македонија, лугето знаеле дека не биле дел од други народи кои во минатото ги присвојувале, па  го зборувале јазикот, што и сега го зборуваат, инаку тој не би можел, туку така, одеднаш да се појави, но од нашата независност и излегувањето од поранешната федерација, беше јасно дека со Грција мора да се постигне договор за името на државата. Тоа многу добро го знаат сите досегашни  претседатели, премиери и влади, од 1991 година, па наваму. За да не бидеме оставени сами, без меѓународно перизнание и подрша на балканскиот „провев„  на кој во почетокот на деведесетите години од 20 век, тогашниот српски “вожд” нудеше и црташе нови карти, а другите играчи гледаа можност да задоволат некоја стара амбиција од минатите векови, Македонија прифати посебна  Резолуција на ОН и  привремено име (ФИРОМ) кое се уште формално постои во ОН, ЕУ и во низа други меѓународни организации и асоцијации.

Тоа ќе остане, доколку се отфрлат преспанскиот договор и големите перспективи што се нудат и отвораат пред државата, па затоа е неразбирливо кога една нациналистичка опозиција се определува против договор што сите тие работи, практично, ги елиминира. Опозицијата се брани дека “доколку тие би го правеле договорот, тој би бил подобар” но не објаснуваат во кој дел. Од 27 години македонска независност, 15 години сегашната опозиција управуваше со државата, што  ќе рече дека имала огромно време и досега да го направи тоа. Ако навистина сакале договор со Грција и влез во НАТО и ЕУ, тоа би било порано направено, знаејќи дека Атина од почетокот инсистира на  „додавка„ на уставното име и име за општа употреба ( ерга омнес ), затоа што нашите обиди за „двојна формула„ не успеаја уште од пред повеќе од 15 години. Изборот на “ново име”  исто така, од поодамна е сведен на оние прв пат споменати уште во деведесетите години од 20 век – Горна Македонија (Ано Македониа на грчки),  Северна Македонија и на самиот почеток Република Македонија – Скопје, што овде беше веднаш отфрлено.

За сите овие прашања имаат преговарано (повеќе тајно, отколку јавно, со сокривање од домашната јавност) како владата на премиерот Љупчо Георгиевски, така и онаа на Никола Груевски, која максимално се спротивставуваше за тоа да се разбере, без разлика што и едната и другата ги имаат прифатено овие предложени имиња. Георгиевски повеќе наклонет за Горна Македонија, а владата на Груевски за предлогот Северна Македонија,  за кој се знае дека постојано бил на масата за преговори од пред шест години. Во што е тогаш проблемот со она што го одработи владата на премиерот Зоран Заев, во преговорите со Алексис Ципрас, за што  обајцата добија и се уште добиваат честитки и подршка од ЕУ и САД, од соседите и од меѓународната заедница, освен од Русија.

Заев и Ципрас. Фото: vverve/BigStock.com

Првиот впечаток е во тоа што успеаја да постигнат договор и согласност да градат мир, добрососедство, партнерство во ЕУ и сојузништво во НАТО, ако како што се верува, договорот биде имплементиран. Тој договор за ЕУ и за САД има историско значење, зашто ја надминува билатералната рамка и станува договор- пример за углед, за соседството и за регионот, но тој и пречи на претходната власт и сега кога е во опозиција , затоа што таа не сакаше да има договор со Грција, што за националистите во Атина беше идеална позиција, како и затоа што владата на Груевски не сакаше  да влезе во ЕУ и во НАТО. Тоа го покажа од самиот почеток, во есента 2006 година,  кога изврши чистка во државната администрација , судството, во медиумите и во комисиите што ЕУ помогна да се уредат за да се трасира патот кон евро-интеграциите, иако имаше силни приговори од Брисел. Наместо градење добрососедство, што е главен предуслов за патот кон интегрирањето во Европа, беше отворена силна националистичка кампања, со антиквизацијата и градењето  „нов идентитет„ за Македонците (измислен античко-грчки, наместо словенскиот) и кавги со сите соседи, освен со Србија. На крајот им свртеа грб на нашите западни партнери и сојузници и ја доведоа  Русија со целиот историски и гео-стратешки баласт што таа го носи, барајќи партнерство со Москва,  со која сега настојуваат да го уништат се она,  што со преговори и компромиси и од двете страни , беше постигнато за да се обезбеди договорот од Преспа.

Новиот лидер на опозицијата, ниту се огради од стариот, ниту од неговата политика, а ниту се определи за патот кон Европа, па затоа и не треба да изненадува што сега става сопки на владата при организирањето на референдумот, ја користи кампањата за да се пресметува со власта, како да станува збор за избори и за да изнуди концесии кои немаат врска со евроинтеграциите и кои, во основа, се антиевропски, бидејќи скаат да обезбедат владина интервенција во правосудниот систем, за спас на екс лидерот. Човекот што сега ја води опозицијата, практично, само продолжува со старата политика, не навестувајќи дека тој и неговите , воопшто имаат европски амбиции.

Инсајдер од партијата, тоа го објаснил со стравот дека ако застанат во одбраната на договорот од Преспа, ќе ги загубат “егејските гласови” на кои националистичката опозицја се потпира, стравувајќи дека без нив, без антигрчката политика и без националистичката  реторика можат да останат без главнината на нивните традиционални гласачи. Наводно, сите би преминале во новата руска партија”  создадена и одржувана со руски пари и руска логистика, што според овој извор, би било погубно за партијата. Така или не, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш  покажува дека за неа партиските интереси се поважни од државните и националните. Кога Македонија беше примена во ОН, наместо да се прослави тој историски момент, опозицијата во тоа време, предводена од оваа партија, излезе на протест, против “предавството” на Киро Глигоров, што се согласил членството во Светската организација на независни држави да биде (привремено) под привременото име ФИРОМ. Така е и сега – наместо силна подршка за евроатланските интеграции со што конечно ќе се заокружи нашата државна и национална самобитност, македонските националисти прават бојкот на референдумот и дејствуваат тој да не успее.

(Т.И.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Македонија

Горе