Петина од ЕУ буџетот оди во Полска
Една петина од тековниот, седумгодишен буџет на ЕУ, оди во Полска, преку разните фондови за забрзан развој на оваа источноевропска држава, што се обебедуваат врз солидарниот принцип, за префрлање пари од богатите земји-членки кон помалку развиените и посиромашните – покажуваат податоците на Унијата. Во партиципацијата на буџетот на ЕУ и за пополнувањето на европските фондови, учествуваат сите (се уште) 28 земји, но според податоците со кои располага Брисел, Полска прима три пати повеќе средства од ЕУ, отколку што вложува иако по својата големина важи за шеста економија во Унијата.
Ваквиот распоред во распределбата на средствата од фондовите, помогна за брзиот развој на државата, економски и општествено, во изминатите 14 години откако таа влезе во ЕУ, па од држава во криза и со најголема невработеност на Истокот од Европа, се претвори во стабилна и растечка економија. Односите на Варшава и Брисел, меѓутоа, сепак не се ниту малку блиски и срдечни , последниве години, посебно откако на власт, од пред безмалку три години, е конзервативната, десничарска партија на Правото и праведноста. Со партијата раководи Јарослав Качински, или „сивиот кардинал„ како што го нарекуваат неговите полски политички противници, за кого се вели дека задукулисно ги влече конците, лансирајќи во домашната политика нему лојални политичари за премиерската и за претседателската функција кои послушно ги спроведуваат неговите идеи.
Брисел и ЕУ во тоа не се мешаа, се додека Полска и тамошната владеачка партија, не почнаа да отстапуваат од основните принципи врз кои се темели Унијата. Заменик претседателот на Европската комисија, Франц Тимерманс уште пред крајот на 2017 година јавно ја предупреди владата во Варшава дека во изминатите две години се донесени дури 13 закони кои дозволуваат државата, системски да се меша во функционирањето на судската власт.
„На крајот на краиштата, само законот може да не заштити од голата политичка моќ и само законот е она што ја одржува, како целина Европската Унија„ – изјави тогаш, во Брисел Тимерманс.
Ваквата јавна „прозивка„ на Полска, беше примена со одобрување во европската либерална и демократска јавност, а посебно во дел од јавноста на Полска, која не се согласуваше и тогаш, а и сега со обидите на власта, Полјаците да бидат (морално) вратени во 19 век, за да се претворат во „поголеми католици, отколку христијани„. Но во Варшава, критиката беше отфрлена како неточна и како „напад врз сувереноста„ на државата. Тамошната десница, пак, се обиде да се пресмета со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, инаку поранешен полски премиер, за тоа дека тој „подземно„ дејствува за да го поткопа угледот на Полска и нејзината сегашна влада.
Двете страни во меѓувреме се обидуваа да ги смират меѓусебните тензии, а полската влада, под влијание на силните протести низ градовите во земјата, како и на притисокот на ЕУ, се обиде да се изменат контроверзните закони , со како што се оценува- „козметички„ интервенции, само за да го увери Брисел дека е спремна за компромис. Сепак, наместо вистински промени како што се бараа, владата во Варшава ги предложи, Парламентот ги усвои, а претседателот ги верификува прописите, онака како што беа и замислени,неприфаќајки дека тие се антиевропски.
Најголемо незадоволство предизвикува усвојувањето на законот со кој , како што тамошната влада, објаснува „ се прочистува„ судството од старите кадри, меѓу кои имало и некои од времето кога Полска беше дел од советскиот комунистички блок. Всушност, владата со донесените закони сменува една третина од судиите, членови на Врховниот суд на земјата, праќајќи ги во пензија. Прво ја намали границата за нивно пензионирање , а потоа законски определи пензионирањето да е ретроактивно.
Сега министерот за правда ќе ги именува судиите, што се смета дека отвора можност, тие да бидат барани и најдени меѓу судии блиски на власта, како и меѓу оние сосема приврзани кон владеачата партија на Правото и праведноста и нејзината платформа. Опозицијата во Варшава тврди дека тоа веќе било направено, додека во Европската комисија оценува дека целата постапка, како и сите донесени закони во сферата на правосудниот систем, се спротивни на европските стандарди и на судската независност. Интервенирала и ЕУ од Брисел , па целиот „случај Полска„ сега му се префрла на Европскиот суд на правдата. Во обвинувањето стои дека новите полски законски прописи во правосудството, не ги почитуваат обврските од Спогодбата на Унијата и од Повелбата за човековите права.
Владата во Варшава и натаму тврди дека „правото е на нејзината страна„ и дека пред судот ќе докаже дека обвинувањата не се точни, но целата процедура што следи е долга и процесот во врска со обвинувањата се предвидува да се оддолжат. Кога се би се докажало, Брисел може да го примени членот 7 од Лисабонската спогодба, што значи , на Полска да и се одземе правото на глас, но европски експерти проценуваат дека таа постапка бара консензус на сите земји членки, што тешко може да го постигне, бидејќи Унгарија веќе има најавено дека ќе стави вето на пресудувањето на Варшава, како што Полјаците им ветиле на Унгарците дека нема да гласаат за исто такво казнување и на Будимпешта.
Останува втората варијанта за ставење ред , при вакви случаи, со помош на европскиот буџет што треба допрва да се усвои. Со него би можело да се намалат средствата што од буџетските фондови се издвојуваат за Полска, кои досега беа високи. Од досегашната петина што Полјаците ја добивале, владата во Варшава голем дел издвојувала за субвенционирање на селаните и домашниот аграр, а токму од тој дел на полското општество, доаѓале најголемиот број од гласачите на владеачката партија.
Германија и Холандија уште од порано имаат порачано дека иритирачки делува, богатите земји, со парите од нивните даночни обврзници да помагаат солидарно во ЕУ на земји кои потоа дејствуваат против европските стандарди и ги уриваат прописите донесени за целата ЕУ. Дипломати во Брисел, пак, сметаат дека не може да се премолчат ваквите постапки на Полска (па и на Унгарија) кога во исто време, од земјите кандидати за влез во ЕУ, сите членки, па и Полска и Унгарија, инсистираат од новите да стават ред во правосудните системи, според одредбите пропишани од Унијата.
(Д.В.)