Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лабуристите го менуваат ставот кон Брегзит

Лидерот на Лабуристите Џереми Корбин. Фото: terry bouch/BigStock.com

Лабуристите го менуваат ставот кон Брегзит

Британската опозициска лабуристичка партија го менува својот став кон Брегзит, откако на редовната, есенска, партиска конференција во Ливерпул, објавија дека сега би можеле да прифатат (нов) референдум, дури и за останување на Велика Британија во ЕУ. Досега одбиваа да се преиспитува изгласаната одлука за напуштање на Унијата, препуштајќи и на владата на Конзервативната партија и на актуелниот премиер Тереза Меј, да се изборат за договор со Брисел околу „разводот„ и чекајќи ги погрешните потези и недоразбирања на брегзитерите , околу тоа што е најдоброто за Британците, за да можат да ја критикуваат владата и да собираат политички поени во јавноста.

Лабуристите и нивниот актуелен, левичарски лидер Џереми Корбин, практично го „преспаа„ референдумот за ЕУ, од пред две години. Нивната неактивност во текот на кампањата на тогашниот премиер Дејвид Камерон и одбивањето на Корбин да се приклучи , за да државата не замине од ЕУ, од левицата, тогаш, се објаснуваше со тоа дека добар дел од нивните традиционални гласачи- работници во североисточните делови од Англија и делумно во Велс, гласале за Брегзит, како  и гласачите на конзервативците. Левичарското крило на лабуристите кое малку пред тоа победи во партиските избори, наспроти дотогашните „нови лабуристи„  таквата (за британски прилики) изненадувачка постапка на нивните гласачи, не ја објаснуваа со својата неактивност и практично незаинтересираност за тоа каде ќе оди Британија, туку  со силната евроскептична пропаганда на десницата  и нивните антиевропски весници,  кои тврдеа  дека мигрантите од земјите на ЕУ, пред се оние од Истокот на Европа, ќе  им ги земат работните места, доколку продолжи „напливот на европејци„ во Британија, а државата остане членка на Унијата.

Всушност, стануваше збор за стратегијата на Корбин и неговото левичарско водство, референдумот да се искористи за пораз на конзервативците и лично на Камерон.  На  крајот загубија и едните и другите, зашто „ултрашите„ на маргиналната партија УКИП , како и  десничарите и тврдите евроскептици , успеаја да ја добијат битката со проевропејците кои предупредуваа дека Брегзит е закана и за државата и за луѓето. Победија со помош на гласачите во Англија и тоа, главно,  пензионерите, лугето во селското стопанство и рибарството и англиските националисти, кои ги ги уверија и традиционалните гласачи кај левицата, дека и без Унијата, Британија и натаму може да биде Велика, безмалку како во империјалниот период на кралицата Викторија, иако тоа не им успеа во Шкотска, во Северна Ирска или во осуммилионскиот космополитски Лондон.

Во изминатите две години лабуристите, главно, останаа на овие позиции, чекајќи ги грешките на владата на Меј и нејзината целосна заглавеност во преговорите со Брисел. Останаа на позицијата дека „го респектираат резултатот„ на референдумот, бранејќи се дека не мал дел нивни гласачи и натаму се против останувањето во ЕУ. Промените почнаа да се забележуваат, откако политичкиот центар на партијата, остатоците од некогашните нови лабуристи кои се уште се влијателни во јавноста и посебно кај медиумите, меѓу кои мошне активен е екс премиерот и партиски лидер Тони Блер, покренаа силна јавна дебата околу опасноста и заканите за бизнисот, за инвестициите, за позицијата на Британија во Европа и светот, како и за „обичните луѓе„ од Брегзит. Својата активност ја засилија кога стана очигледно дека Меј е заглавена дома , меѓу двете спротивставени струи во нејзината ториевска партија околу каков да биде конечниот договор со ЕУ, а посебно за тоа- дали да има „мек или тврд Брегзит„.

Несогласувањата околу тоа дали Британија да си замине, без никаков договор со Брисел, или ако го има- дали да се остане надвор од единствениот пазар и царинската унија, со последиците од решенијата што треба да се преземат, ја зголеми улогата на про-ЕУ блокот во домашната јавност. И понатаму, гласачите на сите партии, остануваат  поделени околу Брегзит, но неуспехот и по две години да нема решение за тоа каков да биде финалниот договор, ги натера сите да се загрижат, за тоа што може навистина да донесе Брегзит. Разликите околу дали да се  прифати т.н. норвешка формула-  Британија да биде надвор од ЕУ, но да остане дел од пазарот и царинската унија,  со прифаќање на слободното движење на работната сила (мигрантите) од ЕУ, или пак Брегзит да биде целосен, а да се уредат само идните односи и границата меѓу Република Ирска (која е во ЕУ) и Северна Ирска и меѓу нив (одново) да има граница, ги натера лабуристичките гласачи да почнат да се ладат по  идејата од развод со Европа.

Сега дури 86 отсто од лабуристичките членови и гласачи сметаат дека крајниот договор со владата мора да помине не само низ Парламентот, туку и преку уште еден референдум, овојпат за постигнатиот договор со Брисел. Тоа влијаеше за менување на позициите на водството на партијата и на Корбин, па во својот завршен говор, тој отиде подалеку и од она што го зборуваше пред конференцијата. Корбин објави дека лабуристите се против заминување од ЕУ без никаков договор, оценувајќи дека тоа би било „вистинска катастрофа„ за Британија, а делегатите гласаа да останат отворени сите опции за референдум, па дури и за (повторно) изјаснување околу Брегзит, што е комплетно нова позиција на опозициската партија.

Лидерот на лабуристите  порача дека ќе подржи договор  за Брегзит, само ако земјата се вклучи во царинската унија на ЕУ, што ќе спречи цврста гранична линија на Северна Ирска  и ќе ги заштити работничките права. Прашање е колку сето ова може да се оствари, зашто Корбин не крие дека  и натаму сака само да дојде до нови избори, а тој да стане премиер. Тереза Меј пак, но и јавноста,  сметаат дека изборите се последната работа што и треба на земјата, затоа што ова било време за работа на крајниот договор и за обезбедување  функционирање на земјата без потреси и кризи,  по излегувањето од ЕУ, на 29 март следната година. Еуфоријата на евроскептицизмот дека Британија е голема и  дека и надвор од ЕУ, ништо нема да се промени, веќе е избледната, пред стравот и несигурноста  за тоа што ќе донесе Брегзит.

(Д.Л.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе