Дневен брифинг: Петок 28 Септември 2018
Њујорк:
Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Кина дека се обидува да се замеша во американските избори за Конгресот на САД, што ќе се одржат во ноември, затоа што Пекинг сака републиканците да доживеат пораз. Трамп не даде никаков доказ за ваквото свое тврдење.
Лондон:
Британскиот премиер Тереза Меј се закани дека по Брегзит ќе предложи Велика Британија да воведе најнизок корпорациски данок меѓу земјите членки на групата Г20. Таа претходно ја отфрлаше ваквата можност, кога за тоа зборуваа некои од тврдите брегзитери, за да и се заканат на ЕУ, доколку не сака да биде полефксибилна кон бритнските барања околу финалниот договор со Брисел. Целта на ваквата мерка би била привлекување на странските инвеститори и таа е предизвикана од стравот на Британците од масовното бегство на инвеститорите од британскиот пазар, откако земјата ќе се се повлече од ЕУ. Потегот на Британија би изгледал како казна и одмазда кон Унијата, ако „разводот„ заврши без договор за што би бил обвинуван само Брисел. Таквиот потег на Лондон, меѓутоа, сигурно ќе предизвика контра мерки од ЕУ, како и од земјите од Г20 на кои владата на Меј многу смета и очекува по Брегзит, тие да бидат нејзините главни трговски партнери.
Њу Делхи:
Прељубата не е повеќе кривично дело во Индија. Ваквата мерка доаѓа дури 158 години по нејзиното воведување и таа означува дека индиските жени повеќе не се третираат како сопственост и приватен имот на мажите. Според овој закон, досега, доколку мажот имал секс со омажена (туѓа) жена, без согласност на сопругот, требало да биде обвнет за сторено кривично дело – затоа што „употребил на користење туѓа сопственост„. Во Индија нема никакви податоци за тоа колкумина мажи во изминатите век и половина, биле обвинети и осудени за извршување на едно вакво кривично дело.
Лондон:
Еден од двајцата руски државјани, обвинети од британските власти за обид за убиство со користење на нервен агенс (“новичок“) врз поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка кои сега живеат во Солзбери (Англија), бил полковник на руската воена разузнавачка агенција ГРУ – покажува истражувањето на специјализираната интернет страница Белингкет. Станува збор за човекот кој во Британија влегол со пасош на име Руслан Беширов, но кој всушност се вика Анатолиј Чепига. Високиот чин тој го стекнал работејќи во Чеченија и Украина. Во 2014 година, Чепига има одбиено одликување- орденот “Херој на Русија“ од претседателот Владимир Путин. Тој претхондо уверуваше дека двајцата обвинети во Британија се невини и дека Беширов (Чепига) е цивил. Британскиот Форин Офис не ги коментираше наодите на Белингкет, а официјална Москва ги отфрли, со вообичаеното барање докази за таквото тврдење.
Буенос Ајрес:
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одлучи да го зглеми обемот на итната финансиска интервенција за справување и менаџирање со високиот долг (операција bailout) на Аргентина, од оној што претходно го најави, со цел побрзо да се воспостави стабилноста и да се обнови довербата во аргентинскиот пазар. ММФ предвидува операцијата да трае 36 месеци и да содржи финансиски пакет од 57,1 милијарда долари, наместо првично определените 50 милијарди. Операцијата ќе се спроведува во текот на 2019 години и наредните две години. Оваа јужноамериканска земја се соочува со голем буџетски дефицит и одново со длабока економска криза. Националната валута, аргентинското пезо, доживеа длабок пад, а сушата тешко го погоди виталниот извоз на аграрни производи. Аргентина, претходно, на два пати помина низ вакви ситуации и банкротство на државата.
Вашингтон:
Кристин Блејси Форд, првата жена која го обвини судијата Брет Кавана, номиниран за судија во Врховниот суд на САД, за сексуален напад, изјави дека инцидентот со судијата, “целосно ми го промени животот“. Во напишана изјава пред да започне нејзиното сослушување пред специјалнта комисија на Сенатот, Форд објаснува дека Кавана ја “фрлил на креветот во соба во една куќа во Вашингтон и се обидувал насила да ја соблече“. Таа тврди дека досега се плашела и срамела да зборува за тоа. “Од тогаш постојано се уверував себе си да го потиснам случајот од сеќавањата, откако Брет не успеа да ме силува, но не успеав во тоа“ – има напишано Форд во изјавата. Случајот е од 1982 година, кога таа имала 15, а Кавана 17 години. Тој и уште еден негов другар кој бил во собата, биле пијани, па таа успеала некако да му побегне на Кавана, кој и ја затворил устата за да го скрши нејзиниот отпор. Обвинетиот ги отфрла обвинувањата и најавува свое објаснување кога и тој ќе се појави пред сенатската комисија. Во меѓувреме се појавија уште две други жени кои тврдат дека исто така биле нападнати од Кавана. Неговото сослушување по номинацијата за исклучително ценетата функција, судија на Врховниот суд, на која го номинира претседателот Доналд Трамп, е прекината додека не заврши сенатската истрага за обвинувањата на Форд. Трамп во меѓувреме ги обвини демократите дека целиот случај е “нивна работа“.
(С.С.Г.)