Германија: Истокот ја губи трката со Западот
Безмалку триесет години по падот на Берлинскиот ѕид, источниот дел од Германија (некогашната ГДР) се уште заостанува зад западниот дел на сега обединетата држава, а неговиот напредок и натаму е видливо забавен, што само го потврдува стравувањето на Германците дека Истокот ја губи трката со Западот, во настојувањето да се намали разликата меѓу овие два дела.
Најновиот владин извештај за состојбите по обединувањето на 45 години поделената Германија, покажува дека платите на вработените на Истокот се уште се за 15 отсто пониски од просечните плати на Западот, што во Берлин се оценува како закана , затоа што би можело, сите неостварени замисли раширени по повторната унификација на земјата, сега да се распрснат како меур од сапуница.
Изминатите децении, се инвестирани билијарди евра, од Западот во Истокот, за да двата дела се доведат во еднаква линија. Западните германски покраини имаат платено многу пари за да источниот дел од државата, на економско и општествено ниво, се израмни со Западот. Поради солидарното помагање, западните покраини имаат повисоки даноци, од оние на Истокот, што едно време се примаше со одобрување, но сега веќе создава незадоволство.
Министерот за финансии во покраинската влада на Есен, има речено дека лугето „остануваат посветени на солидарноста, но дека не се глупави “ затоа што гледаат колку „зашеметувачки големи се средствата“ што му се префрлени на Истокот.
Аналитичарите забележуваат дека, сепак, не е се така црно и дека големите пари префрлени во покраините од поранешната , комунистичка Германска Демократска Република, не биле дадени за ништо. Економскиот раст на Истокот од земјата е мошне висок во изминатите речиси три децении. Со сите мерки на владата во Берлин и со солидарноста на сите Германци, источните покраини покажуваат дека од 1991 година, покажуваат економски раст од дури 41 отсто.
Тоа, на социјаен план, меѓутоа, не е доволно, затоа што и понатаму, неврабтеноста на Истокот е поголема од онаа на Западот. Во источните делови , невработеноста изнесува 9 отсто, многу повеќе отколку на Западот, каде таа беше 6,8 отсто. Во основа, германската економија , како целина, и понатаму е моќна. Останува најсилната во ЕУ и во Европа, земјата ја зацврснува позицијата на „моторот“ на Унијата, а тоа се однесува и за нивото на невработеноста во Германија кое продолжува да се намалува.
Според последните податоци на Заводот за статистика на Германија, објавени деновиве, невработеноста оваа година е намалена и сега изнесува само 5 отсто. Како невработени се третираат 2,2 милиони луѓе, што е најниското ниво во земјата, од обединувањето во 1991 година.
Нема сознанија за тоа колкав е тој процент во источниот дел од државата, па се верува дека Западот и овде е тој што предводи. Таквата позиција ја објаснува и ситуацијата со внатрешната миграција во Германија. Во 2016 година, околу 400 илјади источни Германци се преселиле во некогашната Западна Германија, за разлика од 150 илјади кои од Западот се префрлиле на Истокот од земјата.
Несразмерниот раст на двата дела од државата, предизвикува политички проблеми, што најмногу се манифестираат со забразаниот раст на крајно-десничарската партија Алтернатива за Германија ( АфД) . Партијата која е родена и која се разви, прво меѓу источногерманците, успеа да влезе во Бундестагот, за прв пат по Втората светска војна, а на Истокот да обезбеди поголема популарност и од ЦДУ на канцеларот Ангела Меркел. На Истокот се главно лоцирани и неофашистичките групи, а таму се развива национализмот и ксенофобијата.
(И.З.)