Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

За и против ЕУ

Фото: Pierre-Olivier/BigStock.com

За и против ЕУ

На референдумот од 30 септември, гласачите во Македонија, а преку нив и државата, во основа, се определуваат околу една работа – да се биде за Европската Унија, или да се гласа против неа. Тоа го покажа кампањата, а тоа го покажа и однесувањето на политичките актери, кои сакале тоа да го признаат, или не, дејствуваа во тие рамки.

На едната страна, се демократските, либерални сили, искрено проевропски определени, кои веруваат дека државата, мора да биде дел од европските интеграциски процеси во кои се вклучени најголемиот број од државите на Стариот континент, за да не остане на опашката од Европа, изолирана и осамена. Во таква состојба државата полека беше сместувана, од претходната власт, која за да владее, како што владееше 11 години, ја турна Македонија надвор од патот кон евро-атланските асоцијации, за што речиси плебисцитарно, земјата се има определено уште веднаш по своето осамостојување.

На другата страна се националистите кои (со мали исклучоци) тврдат дека се определени за европското интегрирање, но криејќи се зад лажниот патриотизам и патетичните тврдења дека тие го штитат идентитетот, македонската национална посебност и јазикот, бараат некакви “црвени линии” и “напишани гаранции” за тоа, а всушност, само покажуваат дека се противат на нашата интеграција во ЕУ и во безбедносниот систем на НАТО. Проевропските сили  уверуваат дека нивното европејство никако не значи откажување од идентитетот, во секој негов сегмент, но националистите, здравиот патриотизам го отфрлаат, дисквалификувајќи го како “предавство”.

Тоа се огледува во односот кон историскиот договор од Преспа меѓу Македонија и Грција, со кој се разрешува спорот околу името, се става крај на недовербата меѓу две соседни земји и нивните два народа, чии политички лидери за прв пат во историјата зборуваат за пријателство и, конечно, целиот регион го ослободува од една кризна ситуација, создадена врз  тешкото наследство од минатото.

Наместо подршка за успешните преговори и постигнатиот договор, за кој сите независни посматрачи и пријатели на Македонија се согласуваат дека е најдено вистинското решение и е постигнато најмногу што и двете страни можеле да постигнат, македонските националисти се нафрлија врз преговарачкиот тим, врз владата и врз сите што застанаа зад нив, тврдејќи дека станува збор за “штетен договор кој значи предавство на македонските национални интереси”. Освен кампањата за прогласување на премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров во „предавници“, во предреферендумската политичка активност, од самиот почеток, националистичките партии најавија дека ќе го соборат и поништат договорот, на тој начин што ќе повикаат на бојкот. Во тој тон им се обраќаа на гласачите, а пред се, на своите симпатизери, а така и ја завршија кампањата, со едно политички недолична и незрела порака. Пораката беше – определете се сами на рефередумот, но знаете што ние мислиме. Маргиналните десничари од националистичкиот блок, како и оние кои не признаваат дека се во тоа друштво, но имаат исто мислење, не се однесуваа во манирот на главната опозициска партија, туку јасно и отворено бараат од гласачите да не излезат да гласаат.

Сето ова расфрлање со патриотизмот, меѓутоа, наликува на еден обичен блеф што треба да ги заведе гласачите, да ја дели и понатаму македонската јавност на божемни патриоти и на предавници на “националната кауза”, а тој остана до референдумот и  до самото изјаснување на лугето. Вистината, секако, е поинаква – националистичката ВМРО-ДПМНЕ и самата преговарала за името на државата, што стои како отворен проблем од првиот ден на нашата независност и за што сите – и политичарите и луѓето – знаеја дека без неговата  елиминација не може да се оди напред, не може да се зачекори кон европското интегрирање. Поранешниот премиер Љупчо Георгиевски сега открива дека  се согласил со тогашниот грчки премиер Симитис околу новото име на државата во  Северна Македонија, како и дека тогаш во алтернација било и името Горна Македонија. Седум години подоцна, тоа го направил и Никола Груевски. Според објавените материјали на Викиликс, тој се согласил со името Северна Македонија, ствајќи  само услов,  да бидат запазени идентитетските прашања, односно , за новото име да не се врзуваат нацијата, јазикот и македонскиот посебен идентитет. Уште од Американците тој побарал  и да се спроведе референдум, за кој изразил уверување дека „сигурно ќе помине“ доколку во договорот со Грција не се опфатат и идентитетските прашања.

Тоа е она што Груевски, како и претседателот на државата, го нарекуваа „црвената линија“ преку која не може да се помине и го означуваа како “национален интерес”. Остана нејасно што двајцата подразбираат како “национален интерес” – дали нашето словенство и словенскиот карактер на нацијата и јазикот, или ново накалемениот “антички” идентитет што требаше да се покаже низ правењето нова историја и низ претворањето на центарот во Скопје во некаква античка престолнина. Договорот од Преспа ги доведува тие работи во ред, отфрлајќи го она што никогаш не било и не е наше, но словенскиот македонски идентитет , нашиот македонски јазик и македонската националност, не само што не ја негира, туку ја потврдува со документ, каков државата нема со никого.

Тоа значи дека преговарачите Заев – Димитров со своите грчки партнери Ципрас-Коѕијас , ги задоволија нашите “црвени линии” ( како што се задоволени и грчките), точно онака како што бара македонската опозиција, според теркот што инаку продолжи да го бара (!?) во кампањата за референдумот, тврдејќи дека и таквиот договор, со исполнетите определеби за идентитет, бил “штетен, лош и треба да се собори”. Преспанскиот дил, во секој случај,  е на линијата на постигнатата согласност Георгиевски – Симитис од 2001 година и на согласноста на Груевски, во 2008 година. Ако е тоа така, тогаш зашто неговиот наследник на позицијата партиски лидер, сега, заговараше и остана до крајот со повикот на бојкот. Што е разликата ако Груевски рече “да” за Република Северна Македонија, од постигнатото на  Заев, за истото име, при што се тргнати настрана од новото име и  сите идентитетски прашања.

До крајот на кампањата остане нејасна играта на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Не знаеше или се плашеше да објасни зашто е против референдумот што токму неговата партија го има побарано, а сите другите се согласија со тоа, уште од подамна, пред да почнат преговорите со Атина. А кога станува збор  за името со додавката “северна”, секако, дека нема никаква разлика, освен можеби тоа дека за историјата ќе остане дека договор за името со Грција и пробив во македонската стратешка определба за ЕУ/НАТО направиле друг премиер и друга влада, во една сосема друга, демократска атмосфера во Македонија, ослободена од системот на владеење на еден човек и од контролата на мала врхушка од нему слепо верни и лојални луѓе.

Одговорот на ваквите однесувања на националистите се наоѓа  во континуираното залажување на македонската јавност дека дружината, собрани околу соборениот Груевски, навистина, сакаат договор со Атина, како и влез во ЕУ и НАТО. Таа гарнитура 11 години ја обмануваше и меѓународната јавност, дека сакаат да направат вистински пробив кон Европа. Доколку го сакаа тоа, ќе го постигнеа и ќе и овозможеа на државата , на голема врата, да влезе во Европа,  посебно афирмирајќи ја македонската национална посебност, како што тоа сега ширум и за прв пати се овозможува. Факт е меѓутоа, дека тие ниту во еден момент на своето владеење,  не покажаа дека навистина сакаат да го постигнат она што беше определба на најголемиот дел од домашната јавност. Станува збор за дејствување спротивно на државните интереси, за кое во својата последна фаза, најдоа и странски партнер, ставајќи се во функција на руската државна политика на Балканот, според која, како и во времето на поранешните руски цареви, за Македонија нема место во Европа, што ќе рече, нема влез во НАТО и членство во ЕУ.

Од времето уште пред актуелната влада во Македонија да ја преземе власта, стана очигледно дека Москва прави се што може, користејќи ги сите средства што ги има како голема сила на располагање, прво, да не се создаде влада, за која знаеја дека нема намера да се откаже од европскиот пат и  не сака да се претвори во темната дупка на Западен Балкан, а потоа за да се создаде криза во меѓунационалните односи и криза во државата, па на крајот,  да не се постигне договор со Грција, а сега тој и да не се усвои. Се верува дека и по референдумот, ако биде успешен, руската страна ќе ја продолжи таквата своја, спротивставувајќи и се и на неговата имплементација. Во таа нерамноправна борба со подметнувања, ширење лажни вести и информации, со подршка на националистите и ултрашите и во Македонија ( но и во Грција), Русија тајно дејствува за успех на бојкотот, што го промовираа домашните опозиционери, а во функција на  нејзината најнова стратегија- неширење на НАТО на Балканот. Нема објаснување зашто тоа се прави кога веќе сите околу нас, потоа сите држави долж границите на копно и на море, со Русија, се до Балтикот, се веќе во НАТО (и во ЕУ) , но Москва (заедно со Белград) се единствените кои не го поздравија договорот од Преспа.

 

(Т.И.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе