Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Македонија како Берлин

Фото: meunierd/BigStock.com

Македонија како Берлин

Македонската државна стратегија, од пред четврт век, за влез во евроатланските асоцијации, како и договорот на Скопје и Атина за името, со штo, конечно, по три децении се става крај на непријателствата и се елиминира блокадата за влезот на земјата во ЕУ/НАТО, од внатрешна работа на Македонија и билатерално прашање на две соседни држави, кои сега сакаат да бидат пријатели, наеднаш се претвори во сериозно меѓународно прашање. Во битка на Русија со ЕУ и со САД, како во времето на “Студената војна” и војувањето на Западот и Истокот, придонесувајќи Македонија, ни крива, ни должна, да добива статус на некаков нов “Берлин”, кое ризикува да предизвика подлабока криза во Македонија, да го поларизира македонското општество до опасни граници и да го врати Западен Балкан во времето на недоверба, кавги и судирања, во поприште на националистички тензии и во место каде само “големите” ќе може да ги решат работите, како што тоа ним ќе им одговара. Само таквата атмосфера, во која “малите” не ќе може да прават компромиси, да постигнуваат договори кои ќе надминуваат стари, кризни ситуации и жаришта, може да ја врати Москва на Балканот. И тогаш можеби не ќе може да диктира конечни решенија, но барем ќе може да се пазари за ситуации, како што се подалеку од овој регион, како Украина, или Сирија.

Работите почнаа да се усложнуваат откако Москва почна да се меша во македонските состојби. Прво, не дозволувајќи пад на антидемократските, криминални делови од бившата власт кои претходно, за да го продолжат своето владеење, ја отворија вратата за влез на Русија на сцената. Потоа, недозволувајќи смена на власта, отворено спротивставувајќи се на прозападната, демократска нова влада, чудно однесувајќи се во обидот на старата власт, со пуч да спречи промоција на новата , со спротивставувањето на еден, чисто локален закон (за јазиците), на тој начин што ги потхрануваше и подржуваше националистите. Сето тоа продолжи во отворено работење против постигнувањето договор со Грција, што се интензивираше со режирање на спротивставувањето на договорот од Преспа, а сега и со подземно дејствување тој да биде имплементиран.

Кога владата во Скопје го стави на референдум, придржувајќи се на консензулниот договор на сите партии, врзувајќи го преспанскиот договор со македонското членство во НАТO и ЕУ, затоа што едното, без другото не оди, македонските националисти, собрани околу главната опозициска партија и силно подржувани од претседателот на државата, заиграа онака како што Москва сакаше – да се бојкотира референдумот, за да се обезвреднува неговиот резултат. Уште пред 30 септември се знаеше дека ако навистина им се остави на гласачите самите да се определуваат – дали да гласаат или не – ќе се видеше дека анти ЕУ/НАТО опцијата ќе доживееше пораз.

Бројките тоа го сугерираат. Во услови и на  помала излезност, од 37 отсто (или 666,743  гласачи кои гласале) според 20 години стариот избирачки список кој нема верификација, зашто толку години немало попис на населението, дури 91,46 отсто, гласале “ЗА”. Беше потребно излезност од барем 50 отсто, па на крајот кусокот се 233 илјади гласачи, но таквиот распоред на бројките покажува дека дури и доколку овие апстинираните, сите до еден биле против, противниците на европското интегрирање на Македонија ќе беа поразени. Според некои проценки, реално во Македонија може да има 1,2 милиони гласачи, со оглед на миграциските процеси изминатите две децении и не направениот попис, што бившата власт го покрена, па самата го запре, без да даде валидно објаснување. Во секој случај, какви и да се вистинските бројки, расфрлањето со дури 1,8 милиони гласачко тело, во земја која нема ниту два милиони жители, е нераелно и делува депласирано.

Сигурно е дека ваквите состојби со бројките добро ги знае антиевропскиот табор кој слави “победа” затоа што неговите гласачи не излегле да одговорат на референдумското прашање и да  кажат што навистина мислат. Извори на “Скопје/Глобал” од повеќе градови во Македонија потврдија дека традиционалните гласачи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои, инаку на сите избори, буквално, насила и со притисоци и застрашување се тераат да гласаат, сега со истите методи, биле терани да останат дома. Но, за реалните бројки околу излезноста и референдумот, добро знае и Русија, што од своите помагачи на теренот, што од својата „подземна“ активност во Македонија, која трае веќе подолго време.

Сепак, Москва побрза да ги пофали “своите” за она што го направија.

Во соопштението на руското МНР, Москва тврди дека гласачите “отфрлиле наметнато решение од надвор” мислејќи на договорот од Преспа, иако не дава докази кои тоа се мешал, освен ако мисли на посредникот во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц, или на македонските (и на грчките) партнери во ЕУ/НАТО, подржувајќи успех во преговарачкиот процес. За Русија, било “мешање” и тоа што европски и американски политичари и дипломати ја охрабруваа владата на премиерот Зоран Заев, околу успехот на референдумското изјаснување. Но зад ваквите забелешки, се открива  задоволството на официјална Москва што со бојкотот Македонците се определиле “против НАТО” каде што (наводно) Западот сакал да ја смести Македонија. Тоа е, всушност,  главната порака што Русија сака да ја соопшти.

Против членството во Алијансата, барем јавно, на македонската политичка сцена,  досега се имаат определено само една маргинална, левичарска група, како и припадниците на руската партија во земјата, која впрочем и за тоа беше создадена. Сега е прашање како оваа работа, на своите гласачи и на македонската јавност  ќе ја објаснат водството на домашната националистичка партија и  претседателот на државата. Тој сега се почесто се јавува како гласноговорник на целата домашна антизападна опозиција, откривајќи, практично, дека  уште во услови на старата власт, заедно, заеднички дејствувале против државната стратегија за членство во НАТО/ЕУ, без разлика на празните декларации што им се прадавани на подржувачите на тој пат.

Нашиот пат кон Европа (и Западот), меѓутоа, сега го попречува, силно и отворено и  Русија. Тоа може да ја продлабочи и да интернацонализира кризата која домашната опозиција ја создава, а од надвор се потхранува. Затоа Македонија почнува, по малку, да наликува како на Берлин, од темните години на поделена Европа и на делбите на „црвениот“ Исток и на „синиот„ Запад, кога тогашниот Советски Сојуз сакаше да диктира и да прави пазари со САД (и европскиот Запад) . Дилемата е само дали и сега, овој пат на Западен Балкан и преку грбот и на Македонија, покрај Србија, ќе бара да биде партнер во договорањето. Во соопштението на руското МНР,  дури се бара, за историскиот договор од Преспа, да расправа и Советот за безбедност на ОН, како да договорот предизвикува криза, а не надминување на една долга, кризна состојба.

Ако е тоа така, тогаш каква и чија игра играат македонските националисти, продавајќи лажна патетика и славејќи божемна победа на референдумот , кога зборуваат дека била  „одбранета Македонија, нејзиниот идентитет, националноста и јазикот на лугето„ иако „Преспа„  сето тоа го уредува, како прв документ од еден ваков вид, што тоа го има направено . Каква улога има и претседателот на државата, кога од говорницата на ОН ги критиква надворешните фактори (во постигнатиот договор со Атина) , а тоа, во поостар и поотворен облик го  прави и официјална  Москва, во своето соопштение од тамошното МНР.

Развојот на работите, покажува дека проценките на САД, низ елаборацијата на заменик државниот секретар Вес Мичел дека Русија се обидува да ги прекрши Америка и Западот во регионот на Западен Балкан, како и дека Вашингтон на тоа остро ќе се спротивстават, добиваат и на значење и на тежина. САД веќе реагираа дека референдумот во Македонија покажува колкав голем процент луге сака да продолжи евро-атланскиот пат. Брисел, инсистира дека договорот од Преспа не е мртов и дека треба да се продолжи на работата на неговата ратификација и имплементација. Грција се јавува со подршка за владата и со објаснување дека како и да беше ефектот на референдумот, за договорот од Преспа, крајниот збор секако ќе го имаше Парламентот во Скопје.

Угледното американско списание “Форин Полиси” бара меѓународната заедница да не дозволи Русија да го попречи патот на Македонија кон Европа, што инаку самата го има избрано, додека повеќе медиуми во САД и во Европа, забележуваат дека Западот води битка со Москва за Македонија.

Сите притоа бараат објаснување за руските мотиви да прави криза во една мала држава, каква што е Македонија која досега немала никакво стратешко значење за Русија. Впечаток на аналитичари и дипломати е дека грубата игра на Москва со Скопје треба да се објасни со успехот на две балкански држави, самите да дојдат до договор и до компромис, а згора на се, уште тој модел од Преспа, да се “продава” во регионот. Тоа е она што Москва не го сака и што и пречи, во случајот на Србија и Косово, особено доколку Белград и Приштина се договорат, самите, со посредство на Западот (САД и ЕУ) а Русија да биде исклучена од сето тоа. Уште притоа, можеби, губејќи ја српската територија доколку таа успее да стане дел од ЕУ.

Владата на Русија. Фото: scaliger/BigStock.com

Она што Москва не го сака на Западен Балкан, не е толку НАТО, кое и онака веќе го има долж целата своја западна  граница, туку целосното приклучување на Западен Балкан во ЕУ, со која е во судир уште од настаните во Украина. Судирот на Русија со Киев, а преку тоа и со Западот, почна околу украинската намера да потпише договор за специјални врски со Европската Унија.

(С.С.Г.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе