Путин против верзијата на Вучиќ за признавање на Косово
Рускиот претседател Владимир Путин не му дал согласност на српскиот претседател Александар Вучиќ, за неговата верзија околу признавањето на Косово – пишува московскиот весник „Комерсант“ кој обично важи за добро информиран. Вучиќ престојуваше во Москва на 2 октомври и во Кремљ се сретна со рускиот претседател. Двајцата претседатели разговарале два часа за сите прашања за кои двете земји се заинтересирани, меѓу кои и ситуацијата во регионот на Западен Балкан, но 40 минути, Вучиќ и Путин разговарале , во четири очи, само за косовската ситуација.
Според весникот, српскиот претседател сакал да го сврти вниманието на Путин кон Косово, по „инцидентот“ со (косовскиот претседател ) Хашим Тачи кој на неколку часови престојуваше во северно Косово.
„Вучиќ сакал пред рускиот претседател да ја истакне својата загриженост, особено што Србија е во очекување на седница на Советот за безбедност на ОН, на која Кина ќе го постави прашањето за конечно признавање на Косово во ОН“- пишува „Комерсант“ додавајќи дека Вучиќ не е против тоа, бидејќи постојано е изложен на притисокот од водството на ЕУ и на Федерика Могерини . Москва верува дека таа сака да остане запаметена со својата функција (како шеф на европската дипломатија) по тоа што успеала да го разреши и затвори косовското прашање.
Московскиот весник тврди дека Вучиќ не добил подршка за своето барање за признавање на Косово, што, како што вели, српскиот претседател е подготвен да го направи , доколку успее да го добие (за Србија) северниот дел од Косово.
„Комерсант“ оценува дека токму затоа, гостинот на Путин „ постојано ветува“ дека Србија нема да влезе во НАТО, па весникот прашува- дали тоа не е веќе пренагласено од Вучиќ, зашто „обично , таквите работи завршуваат така што она во што се заколнуваш, дека нема да го направиш, на крајот ќе го сториш“.
Неуспехот на српскиот претседател да го привлече Путин за својата верзија за признавање на Косово, весникот го објаснува со ситуацијата во која Русија не би требало да стави вето во Советот за безбедност, доколку Кина навистина постапи, така како што се навестува, да се признае косовската независност, во верзијата на Вучиќ.
Претседателот на Србија ја имаше својата 14 средба со Владимир Питин, како што тоа не му се случило на ниту еден друг шеф на држава, а веќе се најавува нова средба во текот на декември, годинава. „Комерсант„ тоа го објаснува со популарноста на рускиот претседател на Балканот, а што на Вучиќ му користи, постојано да ја зголемува својата лична популарност.
Тврдењето на „Комерсант„ , во кое се открива спремноста на Вучиќ да го признае независно Косово ( со размена на територии) и да прифати државата да стане член на ОН, е сосема различно од приказните што обично ги раскажува српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, деградирајќи ги косовските политичари и самото Косово како држава, но и од изјавата на премиерот Ана Брнабиќ. Во времето додека Вучиќ беше во Кремљ, таа изјави дека Косово останува српска покраина и дека околу тоа ( таквиот статус) не се преговара.
Руското МНР, изминатите денови потврди дека Косово „останува територија на Србија“ и порача – решението на косовското прашање може да се постигне само во рамките на Резолуцијата на ОН 1244 , во која Косово се третира како „автономна покраина“.