Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Коцкање со климата!

diro/BigStock.com

Коцкање со климата!

Крајно време е, преземете итни мерки, светот не оди по вистинскиот пат! Ќе биде скапо, но се уште има шанси!

Ова се повиците од научници во светот соочени со докази за климатските промени на Земјата, кои на сиот глас предупредуваат дека е крајно време да се преземат конкретни мерки за да се контролира глобалното затоплување. Во извештај опишан како „драматичен“ за одржување на порастот на температурите во следните децении под 1,5 Целзиусови степени, се истакнува дека светот во моментов е „излезен од патеката“ и стрмоглаво оди кон глобално затоплување од 3 степени. Одржувањето под 1,5 степени бара “брзи, скапи, далекусежни и до сега невидени промени во секој аспект од животот. Шанси за тоа се уште има” – додаваат научниците, кои деновиве беа собрани на Меѓувладин панел за климатските промени во Јужна Кореја.

Како потврда за нивниот страв, тие приложија извештај за последиците од глобално затоплување на Земјата од 1,5 степени, што е резултат на тригодишни истражувања и тешки преговори не само меѓу луѓето кои ги изучуваат климатските промени туку и меѓу политичките претставници кои најчесто се многу позагрижени за економијата и животниот стандард, отколку за самата природа. Документот од 33 страници, содржи многу компромиси но и клучни “јасни и гласни” пораки, пренесуваат медиумските извештаи од Јужна Кореја.

Првата порака се однесува на тоа дека ограничувањето на 1,5 степени затоплување е далеку подобра опција отколку на пример затоплување од 2 Целзиусови степени, односно дека тоа навистина би имало многу помали последици по животот на Земјата. Но за да се одржува нивото на затоплување до 1,5 степени, се смета дека ќе бидат потребни големи промени – на енергетските системи, на начинот на кој се управува со земјиштето, на движењето и целиот глобален транспортен систем, и други сфери од општествата.

За да ги прикаже заклучоците од состанокот посликовито, претставник од еколошката организација “Гринпис” изјави дека научниците би сакале со големи букви да напишат: “СТОРЕТЕ НЕШТО СЕГА, ИДИОТИ” – поткрепено со факти и бројки, како што всушност го направија. Експертите за клима всушност ситуацијата на Земјата ја опишуваат како „болен со висока температура“ предизвикана од луѓето, додавајќи дека долго време во научните кругови се сметало дека е можно да се одржува затоплувањето до крајот на овој век под 2 степени Целзиусови и дека е можно менаџирање на последиците од тој процес. Но се чини дека таквата проекција била премногу оптимистичка.

Новата студија покажува дека секое надминување на границата од 1,5 степени затоплување претставува „коцкање“ со шансите за живот на планетата Земја. Но и дека , според темпото на штетни гасови и друго загадување во моментов, таа граница од 1,5 степени би можела да биде надмината за многу покус период – за само 12 години, односно до 2030 година.

Може да се остане под овој лимит?  Да може, велат оптимистите и додаваат дека тоа подрзабира итни промени со многу широк радиус. Со вклученост на влади и индивидуалци, со инвестирање големи суми пари на годишно ниво, според проценките околу 2,5 % од глобалниот БДП , барем во текот на наредните две децении, во опрема и начини за чистење на штетните гасови и заштита на природата. Дури и со такви мерки, се смета дека ќе бидат потребни дополнителни уреди, нови насади со дрвја и растенија кои би го „собирале“ јаглеродот од воздухот, за потоа да биде закопан длабоко под земја, засекогаш.

Чекорите за контрола на затоплувањето до 1,5 степени вклучуваат намалување на глобалната емисија на јаглерод диоксид за 45% до 2030, во споредба со вредностите во 2010. Од вкупната потрошувачка на струја до 2050 барем 85% да биде од обновливи извори. Користењето на јаглен да се сведе на минимум до целосно искоренување. А до 7 милиони квадратни километри земјиште, речиси колку цела Австралија, да се користи за растенија од кои се добива биоенергија.

Целата операција се очекува да биде исклучително скапа. Во извештајот од меѓународната средба се спомнува дека одржување на затоплувањето до 1,5 степени ќе значи годишна просечна инвестиција во енергетскиот систем од околу 2,4 трилиони долари, до 2035 година. Во спротивно, научниците укажуваат на значителни и опасни промени во светот. Ако светот се стопли за 2 Целзиусови степени се предвидува целосно счезнување на коралните гребени. Морското ниво се очекува да порасне за уште десетина сантиметри што значи дека десетици милиони луѓе во светот ќе бидат изложени на ризик од поплави. Ќе се стопли морската вода и ќе се промени нејзината киселост, а на копното ќе се намалат можностите за одгледување на житарки.

Како сигурен показател за тоа, климатските експерти го наведуваат сегашното топење на мразот на двата земјина пола, исчезнувањето на древни видови растенија и потопло лето и во северните земји, кои годинава имаа долго, топло и суво лето, проследено со шумски пожари како никогаш претходно.
Прашањето сега е во рацете на политичките лидери. Но тоа е и потешкиот дел од задачата. Додека екологистите предупредуваат дека носењето тешки одлуки веќе не може да се одложува и дека ако не преземат чекори сега, во иднина ќе треба да платат многу повеќе за нови технологии – политичките лидери калкулираат за поени сега.
Американскиот претседател Доналд Трамп покажа сериозен отпор кон обврските од досегашните меѓународни договори за климата, нарекувајќи ги извештаите за климатските промени “измислица” на Кина и рече дека целосно  ќе ги извлече САД од Парискиот договор, и покрај тоа што неодамнешен американски владин извештај сугерира дека глобалната температура ќе порасне за 4 степени и дека ништо не може да се стори за да се спречи тоа. Во документот од Националната администрација за безбедност на автопатиштата се додава дека таквото вжештување на Земјата ќе резултира со екстремни топлотниот бранови, поплави и суши, топење на коралните гребени и поплавување на многу од приморски градови поради пораст на морското ниво.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе