Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

БиХ заробена во националните ровови

babble/BigStock.com

БиХ заробена во националните ровови

Во БиХ се одржаа општи избори за сите органи на власта на федерално и кантонално ниво, но покрај малата излезност од 53 отсто и регистрираните нерегуларности, основниот впечаток е дека државата и понатаму останува длабоко заробена во националните ровови. Таквата  ситуација не произлегува само од внатрешно-политичките состојби во земјата, туку и од односот на соседните Србија и Хрватска кои директно и отворено се вклучуваат во изборниот процес, определувајќи се секоја за  „нивните“ српски, или хрватски кандидати. Годинава, тоа особено беше видливо при кандидирањето и изборот на кандидати за членови на новиот состав на Претседателството на БиХ, колективен „ шеф  на државата“ во кое се избираат по еден Србин, Муслиман и Хрват. Според Уставот на земјата, тие потоа,  по принципот на еднаков меѓу еднаквите, се ротираат на определен временски период, за тоа кој да биде претседател. Ваквиот систем е скроен врз основа на одредбите на Дејтонскиот договор , за да се запази принципот на еднаква застапеност и за да се одржува меѓунационалната рамноправност на трите народи. Моделот за кој многумина сметаат дека е надживеан и дека треба да се редефинира, затоа што со ваквата тринационална поставеност , во нерамноправна позиција се доведуваат другите етнички заедници кои исто така живеат во државата, но тоа наидува на остро противење на националистичките кругови во сите три етнички заедници. Во една таква атмосфера на годинешниве избори,  кај Србите победи Милорад Додик, досегашен „вечен“ претседател на Република Српска, кај Муслиманите Шефик Џаферовиќ, додека кај Хрватите Жељко Комшиќ. Се гласа на територијата на целата земја, но гласачите, секој од својата националност, се определуваат за „својот„  кандидат, од неговата етничка заедница. Кандидатите се распределени според партиите кои ги кандидираат, но тие се исто така, во најголем број поставени врз национална основа, што само ја надополнува општата слика,  која се комплетира со мешањето од страна на  „матичните држави“. Официјален Белград , како  што и се очекуваше, цврсто  застана зад Додик. Тој важи за српски националист, инсистира на цврсти врски на Република Српска со Србија , како и со Русија, па пред изборите таму престојуваше рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров кој доби и орден. Додик повремено навестува дека овој српски ентитет, треба да се спои со Србија, ако веќе не му се дозволува  да добие независност. Хрватската влада, пак, го подржуваше (повторниот избор) во Претседателството  на Драган Човиќ, кандидат на партијата ХДЗ од БиХ, за кого лично агитираше и хрватскиот премиер  Андреј Пленковиќ , кој за таа цел допатува од Загреб , но победи еден друг Хрват, Комшиќ, чиј избор ја расипа изборната математика на Белград и Загреб. Кај муслиманите нема „патрон“ од страна, па во нивното гласачко тело и натаму доминира партијата СДА, која наместо досегашниот член Бакија Изетбеговиќ, го кандидира Џаферовиќ кој лесно и сигурно ги освои муслиманските гласови. Неутралните посматрачи и странските аналитичари велат дека иако Претседателството има три нови лица, практично, ништо ново нема во БиХ. Тие стравуваат дека еден „тврд“ националист како Додик, со „умерениот“ Хрват Комшиќ и со Џаферовиќ за кого се верува дека само ќе ја следи линијата на Изетбеговиќ, ќе бидат како „рогови во вреќа“ а тоа ќе значи натамошна блокада во развојот на државата. Сите одлуки се носат со консензус, но Додик е против членството на БиХ во НАТО, заговара цврсти врски со Белград, не е многу воодушевен од тоа земјата да биде дел од ЕУ, се противи на признавањето на Косово, од страна на Сараево и заговара ( со Човиќ) создавање трет ентитет- хрватски- што практично значи реставрација на некогашната Херцег-Босна . А против тоа и растурањето на сегашната босанска федерација (заедница на Бошњаците и Хрватите во БиХ) силно се противат муслиманите. Од Белград и од Загреб сега се тврди дека Комшиќ, кој претходно бил во Претседателството, е избран со гласовите на  Бошњаците ( а не на локалните Хрвати) „само за да ги блокира“ сите проекции кои , инаку, им одговараат на хрватските и српските политички елити. Загребскиот гнев од поразот на Човеќ е толку голем што таму дури се заговара запирање на контактактите со БиХ додека во Претседателството седи Комшиќ , само затоа што тој упорно порачува- Јас сум Хрват, но БиХ е мојата држава и за мене таа е поважна од Република Хрватска“.

 

Кавана судија на Врховниот суд на САД

Американскиот судија Брет Кавана, сепак, стана судија на Врховниот суд на САД и покрај бројните контроверзи кои се појавија откако беше номиниран од претседателот Доналд Трамп. Влегувањето на овој судија во највисокото американско судско тело, значи доминација на конзервативизмот и на конзервативните погледи за политиката и општеството, наспроти либерализмот во Врховниот суд. Но кога станува збор за Кавана, како ретко кога досега, за еден нов судија, кој на тоа место останува до крајот на животот, освен ако претходно самиот не се повлече, не се покрена јавна дебатата за политиката и за политичката непристрасност во судството. Основното е дека член на Врховниот суд мора да биде политички непоределен и непристрасен, при одбраната на Уставот и темелите на државата врз кои се потпираат САД, но Кавана во текот на сослушувањето , самиот откри, дека тој е убеден републиканец , отворајќи јавно „војна„ со демократите. Тој ги обвини дека тие стојат зад отворањето на неговиот „случај“ околу  моралноста и искреноста, само за да му напакостат на Трамп . После ова,   низа правни експерти и политички аналитичари прашуваа, дали еден ваков судија, без разлика на случајот што беше покренат, може да биде сосема непристрасен и правилно да пресудува како член на Врховниот суд. На гласањето во Сенатот, републиканците овој пат беа сложни и сите застанаа зад предлогот на претседателот Трамп. Кавана стана судија во овој суд само со два гласа повеќе, но доволно за да може да каже дека го достигнал врвот на својата правничка ( и политичка) кариера. Сите посмтарачи во САД, сега се согласуваат дека неговиот избор е победа на Трамп, кој најпосле, барем за ова именување, успеа да ги обедини за себе сите републикански сенатори. Тоа му помогна да го зацврсне својот рејтинг во американската јавност (сега изнесува 41 отсто) и да ја релаксира атмосферата во партијата, пред ноемвриските, делумни избори за американскиот Конгрес. Кавана беше обвинет за сексуално насилство и обид за силување на жена, во времето кога и обајцата биле тинејџери. Го обвинуваа дека имало и други такви инциденти (од младоста) дека е склон на кавги и дека сака да консумира алкохол, повеќе од потребното, што не одгвара на портретот што беше даден при номинацијата . За неговиот „случај“ беше покрена истрага  во Сенатот, а ФБИ доби налог, за едно брз (16 часовно ) испитување, околу сите обвинувања. Кога ФБИ објави дека, сепак,  нема случај за кривична истрага, тој беше избран за судија.

 

Бразил се врти кон крајната десница ?

Во првиот круг од изборите во Бразил уверливо води кандидатот на крајната десница Жаир Болсонаро, поранеше капатен на бразилската армија. Тој освои 46 отсто од гласовите, додека неговиот главен противкандидат, левичарот Фернандо Хадад, од Работничката партија на поранешните претседатели Лула и Дилма Русеф, 29,3 отсто. Тие двајцата ќе се судрат уште еднаш во вториот круг, закажан за 28 октомври. Хадад го посетил Лула во затвор, каде отслужува казна за земање поткуп и за перење пари, но анализите покажуваат дека после четирите едно по друго, мандати на левичарската Работничка партија, Бразилците се свртуваат кон крајната десница, иако поголемиот дел од гласачите, барем постарите, ја паметат само по лошо. Болсонаро, како поранешен војник, ги потсетува на времето на воените диктатури и честите воени удари на армиските сили, но „борбената реторика“ на водечкиот кандидат изгледа дека овојпат не им пречи. Тој заговара пресметка со уличниот криминал и насилствата по градовите, како и со корупцијата која останува главен проблем , што мнозинството луѓе во оваа голема јужноамериканска земја, го посакуваат. Враќањето на редот и мирот во градовите го сакаат сите Бразилци, како што сите посакуваат и стабилизација на веќе растресената бразилска економија, која е на работ да западне во криза. Уверливото водство на Болсонаро, ја радува бизнис елитата во земјата, па по првиот круг од изборите, берзата во Сао Паоло забележа скок од 4 отсто. Многумина посматрачи, меѓутоа, предупредуваат на опасноста земјата да отиде во друга крајност, да бидат загрозени демократијата, човековите слободи и либерализмот што макотрпно се гради. Десничарскиот кандидат затоа не е омилен не само кај левичарските гласачи, туку и меѓу брзилските жени кои имаат создадено посебно здружение „ЕлеНао“ („Тој Не“) кое организира протести низ градовите. Болсонаро, меѓутоа, најавува дека нема намера да ја намали борбената реторика на митинзите, за да ги привлече центристичките гласачи. Многу често е критикуван за изјавата околу хомосексуалноста. „Подобро син ми да загине во сообраќајна несреќа, отколку да биде хомосексуалец“- има речено Жаир Болсонаро во интервју за еден бразилски весник.

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе