Изборите референдум за Трамп
Делумните избори за Капитол Хил, за членови на Конгресот и на Сенатот на САД, предвидени за 6 ноември, се познати како „мид терм„ избори, затоа што се одржуваат на две години од мандатот на актуелниот претседател и обично се означуваат како тест за двогодишното работење на станарот во Белата куќа, но овие, годинава, за американските политички аналитичари се оквалификувани како своевиден „референдум за Доналд Трамп“.
Дилемата е дали ќе се обнови постоечкото републиканско мнозинство, за да се подржува политиката на администрацијата на претседателот, или пак, демократите ќе ја преземат контролата во Сенатот и Конгресот, за да може да се осуети политиката што ја води шефот на државата. Републиканците не кријат дека ќе биде тешко и неизвесно до самиот крај. Нивните политички противници, демократите, пак, веруваат во „силен наплив„ на нивните кандидати.
Историски гледано и според традицијата, партијата од каде потекнува претседателот на САД, ретко успева да го избегне поразот на „мид терм“ затоа што обично лугето гласаат против, а не за определена политика, со која се соочувале во првите две години од мандатот на шефот на државата. Републиканците сега имаат контрола и врз Конгресот и врз Сенатот. Во Сенатот кои има 100 членови- сенатори, таа предност изнесува само двајца сенатори повеќе (51 :49), додека кај Конгресот составен од 435 когресмени , разликата е поголема (236 :193) и на ова треба да се додадат уште шест, сега непотполнети места. Тоа значи, за да ја преземат контролата на Конгресот, демократите треба да освојат 25 мандати, што според истражувачките анкети е сосема можно, но кај Сенатот ситуацијата е поинаква. Таму демократите ќе се борат да сочуваат 26 свои сенаторски места, а републиканците само девет.
Освен за Капитол Хил, Американците за три недели ќе гласаат и за претставници во Парламентите на речиси сите сојузни држави, како и за гувернери на 36 од 50 американски сојузни држави.
Она што е најинтересно уште пред да излезат гласачите на гласачките места, е што ќе се случува по изборите. Ако демократите освојат мнозинство во Конгрест, тие би можеле, практично, да отворат постапка и за импичмент за Трамп, доколку го сакаат тоа и доколку веруваат дека тоа им е потребно – и ним и на државата. Но нивниот успех, секако, ќе ја засили парламентарната истрага за администрацијата на Трамп, а особено за „руската врска“ на неговиот изборен тим , во текот на предизборната кампања за претседателските избори во ноември 2016 година. Во новата засилена улога, демократите ќе можат да повикуваат во разните одбори на Конгресот , многу повеќе луге за истрага, или за сведочење, но и ќе можат да ги блокираат сите номинации на претседателот Трамп, за Врховниот суд, за федералните служби и за членови на неговиот тим во Белата куќа. Факт е меѓутоа, дека Сенатот, сепак, го има главниот збор околу претседателските номинации, па затоа е многу важно каков ќе биде распоредот на тамошните сили.
Медиумите пишуваат дека за многу Американци овие „мид терм“ избори се третираат како определување „за“ или „против“ Доналд Трамп. Во конзервативните јужни држави, како Канзас или Јужна Каролина, републиканските кандидати и немаат потреба да се дистанцираат себе си од претседателот и неговата политика. Таму Трамп би можел и да им помогне за да победат. Но на сојузно ниво, на целата САД, неговата популарност се намалува, па во многу сојузни држави , каде и двете партии се борат за превласт, изборната трка ќе биде крајно неизвесна, а Трамп, со својата досегашна политиа, може дури и да им одмогне на своите.
Главниот адут на републиканците се добрите резултати во економијата и во вработувањето. Демократите пак, се насочуваат кон критики на двегодишната политика на Трамп и неговите постапки на домашната и на меѓународната сцена, па тие ја вртат кампањата кон миграцијата, здравството и трговијата. Познавачи на состојбите во гласачкото тело проценуваат дека Трамп би можел да им наштети на републиканците кај т.н. посебни групи гласачи, како што се образованите жени од средната класа, или кај неопределените, кои најчесто не гласаат, или сакаат да ги менуваат страните- определувајќи се еднаш за републиканците, а друг пат за демократите.
(С.С.Г)