Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ципрас се раздели од Коѕиас

vverve/BigStock.com

Ципрас се раздели од Коѕиас

Во моментот кога во Македонија Владата и нејзините приврзаници, заедно со меѓународната заедница (освен Русија) се обидуваат да убедат дел од опозициските  пратеници да го подржат Договорот од Преспа, за компромисно решение на спорот за името меѓу Македонија и Грција, од Атина ненадејно стигна веста за оставката на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, творецот на договорот, заедно со неговиот македонски колега Никола Димитров.

Тоа уште помалку било очекувано во Атина, барем според пишувањето на грчките медиуми, кои оценуваат дека оставката доаѓа  во незгоден момент, кога премиерот Алексис Ципрас повеќе би сакал, наместо на оставката на својот министер,  фокусот на тамошната јавност и секако на гласачите,  да биде  ставен на најновите економски иницијативи што ги има понудено  неговиот кабинет.

Според  она што засега се знае, оставката на шефот на грчката дипломатија уследила по бурна владина седница, на која Коѕиас, наводно, имал расправија со министерот за одбрана Панос Каменос. Не е никаква тајна дека овие двајца министри се расправале и порано, главно поради противењето на Каменос со решението за спорот со северниот сосед и согласноста на Атина да им се дозволи употреба на  името„ Македонија“ како и во врска со неговите закани дека со својата партија, Независни Грци (АНЕЛ), ќе излезе од владината коалиција.

Грчките весници, кои важат за блиски до министерот за надворешни работи, меѓутоа, тврдат дека овој пат, Коѕиас се залагал за поголема транспарентност околу таканаречените “тајни фондови” со кои располагаат одделните министерства. Станува збор за иницијатива што тој ја имал покренато  уште минатата година , за проверка на тоа како се користат  парите и тоа не само за неговото министерство, туку и за сите други владини ресори, што, според медиумите, многу го налутило Каменос.

На последната владина седница, министерот за одбрана му возвратил на Коѕиас со обвинувања дека токму тој лошо раководи со фондовите и згора на се, дека паднал под влијание на американскиот инвеститор од еврејско потекло, од Унгарија и филантроп Џорџ Сорос. Врзувањето со името на Сорос, чија фондација Отворено општество настојува да ги зацврснува демократските процеси, веќе стана вообичаен начин за дисквалификација, која европските десничари ја употребуваат во нивното спротивставување на либерализмот и либералната демократија.

Малку се знае како понатаму течела расправата во владата во Атина, но сигурно е само дека завршила со оставка на Коѕиас. Веднаш потоа, на својата страница на Твитер тој кусо објаснил дека заминува од владата на Ципрас затоа што никој не го подржал- ниту премиерот, нити другите министри – не криејќи го разочарувањето што никој не се обидел да го задржи, но и сомневајќи  се дека неговите колеги веќе биле определени да го пуштат да си замине од владиниот кабинет.

Никос Коѕиас  во грчките политички кругови секогаш се сметал за “солист”, кој оди по некаква своја,  сопствена патека, често  различна од таа на другите министри. Медиумите во Атина сега потсетуваат дека тој не ретко по сопствено видување ја има обликувано и надворешната политика на Грција, наместо таа да произлезе  како резултат на договор, или согласност со премиерот. Како примери за таквото „солирање“ му се припишуваат  неговиот неодамнешен обид за решение на децениското отворено прашање за Кипар, но и за разграничувањето со соседна Албанија околу ексклузивната (поради нафтата и гасот) економска зона во Јонското море.

За грчките аналитичари најважното прашање сега е дали оставката на шефот на дипломатијата може да претставува закана за премиерот Ципрас, посебно доколку Коѕиас одлучи со своето левичарско политичко движење „Прато“ да се обиде да издејствува сопствен политички простор во пресрет на парламентарните избори во Грција идната година, односно да се обиде да дејствува самостојно, било како посебна партија, или преку создавање коалиции.

Некои од аналитичарите, иако се согласуваат дека договорот од Преспа не е причина за оставката, сепак, заминувањето на Коѕиас и неговата разделба со Ципрас, ја поврзуваат со договорот  за кој сите се согласуваат дека Коѕиас, има навистина, вложено многу труд и енергија – после безмалку три децении- да се реши спорот околу користењето на името Македонија за северниот грчки сосед. Според овие аналитичари, доколку договорот со ФИРОМ, доживее неуспех, или  едноставно, пропадне, Коѕиас би требало да ја понесе одговорноста, а тоа би му нанело штета на неговата политичка кариера која тој никако не би сакал да се заврши токму со Преспанскит договор, што го смета за голем успех на неговата дипломатија, бидејќи ја засилува грчката позиција во регионот на Балканот. Но со неговото заминување, евентуално таквата разврска, им ја олеснува ситуацијата на сите другите во владата- без него тие, едноставно,  може лесно да се дистанцираат од неуспехот на дилот со Скопје.

Од друга страна, како и да се мерат работите, најважното во целата оваа мини владина криза е дека премиерот Ципрас, без да трепне, ја прифатил понудената оставка. Исто онака како што тоа го има направено и со повлекувањето на некои други министри. Самиот факт дека премиерот не се обидел ниту да го задржи Коѕиас, навестува дека тој е убеден дека може лесно да се справи со заминувањето на шефот на дипломатијата, иако таа доаѓа во незгоден момент.

Во Атина, тоа се објаснува со изградената фрустрација меѓу нив двајцата во изминатите три години заедничко работење и со , како што велат, измореноста на премиерот да се бори со министерот околу неговата пракса што си ја има поставено уште од почетокот – да дејствува самостојно. Исто така, сите се согласуваат дека премиерот Ципрас, никако не може да го загуби Каменос, зашто така би ризикувал да ја загуби коалицијата што ја имаат изградено.

Барем не, пред да се почне со имплементацијата на новите владини мерки што ги најави премиерот, предвидена за ноември, за кои во Атина се верува дека треба да придонесат да се започне со олеснување на социјалната состојба на  лугето по долгите години штедење и скратување на јавната потрошувачка поради должничката криаза и практичното банкротство на државата. Тоа пак, би требало да придонесе за зголемување на рејтингот на Сириза за следните избори.

Но со брзата разделба на Ципрас со Коѕиас, се верува дека премиерот не сакал да дозволи создавање подлабока владина криза и отворање на дебата во домашната јавност околу „незгодниот“ министер и неговото главно дело – договорот со северниот сосед за името. Тоа му помага на Скопје, да ги преброди сопствените тешкотии и пречки  околу договорот, па затоа грчкиот премиер се определил да повлече два потега за „спуштање на топката“ – едниот, именувајќи се себе си за в.д. министер за надворешни работи, не сакајќи во овие моменти, важни за Грција,  на таа функција, да постави некој неискусен и вториот- порачувајќи им и на северниот сосед и на ЕУ и САД, дека официјална Атина останува цврсто посветена на Преспа и на договорот за името Македонија.

(Б.Џ.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе