Акционерите против „диктатурата“ на Цукерберг
Акционерите на Фејсбук, го засилуваат својот притисок врз Марк Цукерберг, барајќи од него да се повлече од функцијата – претседател на компанијата, по серијата хакерски пробивања на податоците на луѓето кои како корисници, се вклучени во оваа социјална мрежа. Акционерите, меѓу кои се вклучени и водечките инвеститори на компанијата, а тоа се одделите за финансии на повеќе американски сојузни држави, но и угледни приватни фирми од САД, бараат од Цукерберг да ги одвои функциите член на Извршниот одбор на компанијата и нејзин претседател. Тој е со-основач на оваа популарна и раширена социјална мрежа и во моментов ги има двете функции. „Начинот на кој се управува со Фејсбук ги доведува во ризик инвеститорите, а тоа мора да се промени“- рекол раководителот на департменентот за финансии на Мичиген, додавајќи дека на тој начин ќе може да се врати довербата кај акционерите. Тие најмногу се лутат и му приговараат на Цукерберг за „грабежот“ и злоупотребата на податоците на 87 милиони корисници на Фејсбук, од ним блиската фирма „ Кембриџ Аналитика“, што биле подоцна илегално користени во американската изборна кампања во 2016 година, но и во пропагирањето на насилството во Мјанмар, во Индија и во Јужен Судан. Гневот на акционерите се зголеми откако пред десетина дена се откри дека биле хакирани уште 30 милиони профили на Фејсбук. Акционерите, практично, бараат да се воспостави независност меѓу членовите на Извршниот одбор на компанијата, во која сега Цукерберг и мала група околу него располагаат со 75 отсто од гласачките права, што акционерите го квалификуваат како „диктатура“ . Ова мора да се смени – реагираат акционерите зад кои стојат водечките инвеститори на компанијата Фејсбук.
Националистите предизвикуваат криза во Алто Адиџе (Јужен Тирол)
Десничарско-националистичките политичари во Италија и во Австрија, по неколку децении, одново предизвикуваат криза во граничниот регион меѓу Италија и Австрија, во поделената област Тирол, чиј северен дел е на австриска територија, а јужниот во Италија, каде се нарекува Алто Адиџе. Кризата, проследена со националистичка реторика, ја започна австрискиот вице-канцелар и лидер на крајнодесничарската партија ФПО, Хајнц Кристијан Страхе, кој во текот на изборната кампања за локалниот Парламент во покраината, навести дека владата во Виена ќе им додели австриско државјанство на жителите на Јужен Тирол (австрискиот назив за италијанската покраина), кои зборуваат германски јазик. Во предизборното ветување уште стои дека Австрија ке им подели и пасоши на оние јужни тиролци (алто адиџани), кои тоа ќе го побараат. Тоа веднаш предизвика нервозни реакции во Рим, па италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини му порача на Страхе дека „не може да се делат австриски пасоши без италијанска согласност“. Тие двајцата се новата сојузничка двојка во ЕУ, кога станува збор за мигрантите и за справувањето на Унијата со напливот бегалци и мигранти од Северна Африка и Блискиот и Средниот Исток , но станаа лути противници кога од „северот“ се отвори старата „рана“ во односите меѓу овие две соседни држави. Страхе во својот одговор, меѓутоа, укажал на тоа дека Италија ќе разбере за што станува збор, затоа што владата во Рим тоа истото го има направено за своето национално малцинство во Хрватска, при влегувањето на оваа екс-ЈУ република во ЕУ. Односно,, Италија им доделила државјанство на Италијанците на хрватска територија, и тоа со согласност на Загреб, за да не се блокира вклучувањето на Хрватска во Унијата. Но пред се, за да се уредат односите меѓу двете соседни земји, кои во минатото често беа затегнати и тоа токму во врска со малцинските права. Работите се усложнија, откако австрискиот канцелар Себастијан Курц, застанал зад Страхе и го официјализирал неговиот став. И Страхе и Салвини зборувале во административниот центар на покраината , во Болцано, како што градот го нарекуваат во Италија, односно во Бозен, како што истото место го ословуваат Австријанците, на германски јазик. Станува збор за област која до 1919 година , целата беше дел од Австро-Унгарија, но по Првата светска војна, јужниот дел на Тирол и беше доделен на Италија, каде од тогаш се нарекува Алто Адиџе. Во текот на дваесетите години на 20 век, таму се извршени присилни населувања од другите делови на Италија , за да се измени националната структура, а во текот на фашизмот била спроведена и засилена италијанизација на населението кое во поглемиот број зборува германски. Таквата политика има предизвикано силен револт кај мнозинското население, па во текот на педесетите и шеесетите години од минатиот век , Алдо Адиџе беше кризна зона, со бројни насилни протести и со бомбашки напади на милитантните германски националисти. Работите конечно се средија со влегувањето на Австрија во ЕЕЗ, а подоцна со создавањето на ЕУ и отворањето на границите. Во меѓувреме, Алто Адиџе има добиено широка автономија во однос на Рим, кога станува збор за локалната административна власт , законодавството и фискалната политика. Лугето на функциите се определуваат според јазичната припадност. Во покраината која е една од најразвените во Италија има 500 илјади жители, од кои 65 отсто зборуваат германски. Независни посматрачи тврдат дека целата криза е сосема непотребна, токму затоа што не постои граница меѓе двете земји и што јужните тиролци ( или алто адиџани) слободно се движат и комуницираат меѓу себе, како ретко кога досега, поради отвореноста на ЕУ. Зашто на тие луге би им требале и австриски пасоши, освен за националистички потреби, кога никој не им ги бара во Европа, ниту нивните матични, италијански пасоши. Старите ситуации сега одново се вадат на светлина, само затоа што тоа им е потребно, прво на австриските националисти и на тамошната крајна десница која настојува да ја задржи сегашната своја висока позиција во австриската политика, но и на нивните италијански партнери кои на домашен терен треба да го манифестираат својот патриотизам.
„Ноќните волци“ на Путин во НАТО
Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин успеаја да ја уфрлат својата паравоена стратегија во Европа и во НАТО , откако милитантната , националистичка руска банда со моторџии „Ноќни волци“ , формира своја европска база во Словачка, во селото Долна Крупа, на само стотина километри од главниот град Братислава- пишува списанието „ Foreign Affairs” . Весникот открива дека базата се наоѓа на локација која е во сопственот на словачкиот бизнисмен Јозеф Хамбалек за кого се вели дека има врски со тамошните десничарски милитанти. Западот можеби и немаше да разбере за оваа руска инфлитрација во една држава на ЕУ и на НАТО, да не беа снимките од воздух на локалитетот, што се појавија во словачките медиуми. На нив , меѓутоа, не се гледаат моторцикли, туку тенкови и оклопни транспортери, што бизнисменот ги има изнајмено од Словачкиот институт за воена историја. За да ги добие, тој го измамил институтот дека оружјето му е потребно за неговиот приватен „воено историски музеј“. Според весникот, наивниот директор на институтот бил сменет од словачките власти, а тенковите и транспортерите биле вратени, но навлегувањето на „Волците„ на територијата на Северноатланската алијанса го отвори прашањето за потребата од постојана тревога од можни нови, агресивни акции на Москва , по украинските случувања и анексијата на Крим, во 2014 година. Безбедносни аналитичари ги окавлификуваат овие моторџии, како „армијата на Кремљ“ или како „Ангелите на Путин“ поради нивната блиска врска со рускиот претседател. Проценки се дека инфилтрацијата на оваа банда и создавањето на нивна база во ЕУ/НАТО , претставува со години една од стратегиите на Русија. Тие се употребуваат како дел од платениците во Сирија, како дел од паравоените сили во Украина, или како „малите зелени човечиња“ во Крим, односно секаде каде се спроведуваат руските државни интереси. На Кремљ, пак, му нудат уверлива можност за демантирање со кои се оневозможуваат западните можности за да им се одговори на соодветен начин. „Ноќните волци“ се појавиле во осумдесетите години на 20 век како независна , контра- културолошка моторџиска група. Но со текот на времето, тие во Русија се претвораат во националистичка дружина, промовирајќи го русофлството на милитантен начин , завиено со словенството и православното христијанство. Тие се уште се рекламираат како приватен патриотски клуб. Нивниот водач е примен еднаш кај претседателот Путин, а свои филијали имаат во Источна Европа и на Балканот, а пред се во Србија, Бугарија, Црна Гора и Македонија.