Поврзете се со нас

Skopje Global

Данајски подарок од Москва

Македонија

Данајски подарок од Москва

Idea Studio/BigStock.com

Данајски подарок од Москва

Руската амбасада во Скопје се огласи со соопштение дека Русија ќе продолжи да ја ословува нашата држава и понатаму како Република Македонија. Соопштението дојде веднаш откако пратениците во македонскиот Парламент , со двотретинско мнозинство, дадоа виза за отпочнување на делумните уставни промени, како втората фаза од имплементацијата на македонско-грчкиот договор за употребата на името Македонија. Русија која со сите сили се трудеше да не се постигне спогодба околу името, потпишана во јуни оваа година, сега по секоја цена, настојуваше да не се  обезбеди таквото парламентарно мнозинство. За тоа беа потребни  и гласови од опозицијата, па во неделите по референдумот од 30 септември, Москва  и овојпат тесно соработуваше со тврдиот, националистички и антизападен блок во редовите на главната опозициска партија, за да се блокираат напорите на владата за обезбедување на потребното мнозинство,  затоа што руската страна знае дека доколку  помине и таа критична фаза, повеќе нема пречки да се релизира спогодбата од Преспа.

Ваквото соопштение на амбасадата, што секако е направено во согласност со руското министерство за надворешни работи, би требало да биде пријателски гест на една земја кон малата Македонија и еден вид подарок од големата Русија во македонската настојување да се биде дел од големиот свет и од Европа, без да се измени идентитетот и националната посебност. Но „подарокот“ е Данајски, неискрен кон Македонците и опасен за државата, но и за регионот во исто време, затоа што тој значи продолжување со деструктивната политика на Москва кон Скопје, започната уште со изборните резултати од крајот на 2016 година, кога гласачите избраа Парламент без победник. Кога се создаде коалиција во која предводник на новата власт не беа дотогашните националисти, што Москва ги посакуваше, зашто веќе ги имаше за сојузник, туку либералните, демократски, проевропски и прозападни сили, се тргна во отворено непријателство кон „новите“ . Прво, со провоцирање  меѓунационален судир, преку подржувањето  на македонските националисти во нивните обвинувања за наводниот , антимакедонски закон за јазиците, потоа, со подршката на нечесните, но и противуставните условувања од претседателот на државата, одбивајќи да му го даде мандатот на новиот премиер Зоран Заев, до опасните случувања од 27 април 2017 година и обидот со пуч на власта, за да се спречи новата коалициона влада да го преземе управувањето со државата. Шест месеци се држеше Македонија на работ од целосен политички хаос, што кулминираше со физичкиот напад на разулавената толпа врз пратениците од албанските партии и врз новиот премиер, во обид да остане на власт старата недемократска, националистичка и криминална структура која државата ја претвори во обична компанија на дотогаш владеачката партија. Сето тоа, обилно подржувано од странски сили, од кои некои беа откриени во толпата насилници, што навлегоа во македонскиот Парламент, кои националистите и нивните помагачи и подржувачи ги нарекоа „уставобранители“.

Затоа „подарокот“ на Москва, дека тие нема да ја прифатат додавката „Северна“ на името  Република Македонија, претставува „данајски“ потег на Русија од кој треба да се бега, затоа што е опасен, онака како што се покажал трагичен  за Тројанците кои наивно им поверувале на Данајците кога им го „подариле„ големиот дрвен коњ, без да знаат дека е  полн со војници. Го внесле „подарокот“  во дотогашната несовладлива Троја, па Тројанците ја загубиле и војната и својата држава. Можеше, ние сега, во овие современи времиња и да не му ги гледавме „забите„ на подарениот „коњ“  (како во поговорката- на подарен коњ , забите не му се гледаат) ,  доколку Москва беше чесна и како што вели, доследна,  во својата политика кон Македонија. Но, повеќе од 25 години, државата во сите меѓународни организации се ословува како ФИРОМ, затоа што тоа е името под кое таа е заведена (привремено, до решавање на спорот со Грција) во ОН, а така не имаат призанаено и во ЕУ. Исто толку години, нашиот јазик се означува како Македонски-ФИРОМ, но Русија, ниту во ОН, а ниту во било која друга организација, каде и таа е член, никогаш досега се нема спротивставено, или барем оградено од тоа, со објаснување , или со изјава дека Москва,  државата ја ословува како Република Македонија, онака како што ја има признаено.

Русија ќе треба да објасни – што е тоа што толку и пречи во договорот од Преспа, за кој две соседни земји, со правење компромиси, се спогодија да затворат еден тридецениски спор, чии корени одат подалеку во минатото, за да се релаксира ситуацијата во регионот и за да и се даде можноста на Македонија да го одблокира патот кон евроатланските интеграции, за што постои државна стратегија и партиски консензус. Токму Русија е таа која во своите настапи на меѓународната сцена, кога станува збор за Сирија, но и за нејзините интервенции во поранешните советски републики, а пред се, во Украина, со анексијата на Крим и пред тоа во Грузија, постојано се залага на преговарање и спогодување за решавање на кризите, како што тоа успеаја да го постигнат Скопје и Атина. Од досегашните настапи на руската дипломатија, посебно на оние стационирани во македонскиот главен град, меѓутоа,  се открива што Москва навистина сака- а тоа е земјата да остане заглавена во балканскиот хаос ( што Русија силно го потикнува)  и надвор од ЕУ и од НАТО, правејќи си материјал за себе, за пазарење со Западот и оставајќи пат за поставување на балканските работи, така како што на Москва и одговара.

Пред четврт век, тогашниот руски претседател Борис Елцин ја признае независноста на Македонија, со нејзиното уставно име, но под силен притисок на Софија и на бугарскиот претседател Жељу Желев, откако Москва  пресмета што таа може да добие и дали со тоа можеби нема да им наштети на своите играчи на Балканот. Грција на почетокот од излегувањето на дотогашната СР Македонија од ЈУ федерацијата, одбиваше да прифати дека на својата северна граница има нов сосед, па тогашните пораки од Атина беа дека таа „ никогаш нема да ги прифати новата реалност, ниту новиот сосед“. Србија ( во тоа време како СР Југославија) со режим што го креираа Слободан Милошевиќ и српскиот национализам, им имаат сугерирано на грчките политичари „македонскиот проблем“ да се разреши со поделба на територијата на републиката, според принципот- северот на Србија , а југот од земјата на Грција и вопшто не брзаа да прифатат нова држава на својата јужна граница. Бугарија, пак, стравувајќи дека одново може да биде „ надмудрена и надиграна“ од другите Балканци, како по Балканските војни, прва ја призна македонската независност и играше на картата дека ако веќе не може да се остварат „санстефанските соништа“ тогаш подобро Македонија да биде своја и сама, за да постои како своевидна „тампон-зона“ меѓу балканските држави кои распадот на Југославија го доживуваа како можност да заработат нешто за себе и да одработат за туѓите интереси.

Тоа е времето кога Елцин и руската дипломатија, по распадот на комунизмот и советскиот воено- политички блок , шансата за влијание и за натпревар со Западот, ја гледаа во креирањето на некаква унија на Истокот од Европа и на нејзиниот југ, врз основа на словенството, но и на православното христијанство. Официјално Скопје уште тогаш одби да биде дел од таквото здружување во кое Србија и Бугарија требаше да бидат составениот дел, а Грција да биде важен „придружник“ без разлика што беше и во тогашната ЕЕЗ и во НАТО. Македонското гледање на работите беше дека таквата унија, би значело ново делење на Европа, со Истокот кој би останал под контрола на Русија и на Западот кој со ширењето на европските интеграции кон истокот и југот на континентот, конечно, одново би се  обединил. Затоа и Македонија се определи за европското интегрирање и за демократските и други вредности што тоа ги нуди, како што тоа го направија и сите другите, претходно комунистички држави кои 45 години  беа врзани за Москва.

Се чинеше дека Русија ( на Елцин) ја прифати таквата реалност и наместо создавање нова заедница која би им служела на руските интереси, се согласи на кооперативност со Западот и со меѓународната заедница. Од 2000 година, откако е Владимир Путин на власт, работите почнаа да се менуваат, низ  форсирање нова стратегија, која поедноставено речено, значи враќање на Русија на сцената како светска сила и како партнер на Западот, а не придружник, со промовирање на руските државни интереси на глобалниот простор и со политичко-воената стратегија која по многу нешто е налик на онаа од Советскиот Сојуз- да се подели и испарцелиса просторот, вклучувајќи го и Балканот- на моја и твоја територија.

Во таквите услови, данајскиот подарок испорачан од Москва за Скопје, само потврдува дека Русија и покрај неуспехот да ја блокира Македонија, да го поништи историскиот грчко-македонски договор и да се одржува „ладен конфликт„ во регионот, по принципот- секој, против секого- нема да престане со својата деструктивност во нашата земја и околу неа. Тоа значи цврста соработка со домашните антизападни националисти, во одржување на Македонија како нестабилна држава, на која нема да и се дозволува да оди напред и покрај силната подршка што на тој пат ја има од пријателските и партнерски држави , мешајќи се во нашите внатрешни работи и состојби, дејствувајќи против нашите државни и национални интереси и делувајќи на натамошните внатремакедонски делби.

Тоа е стара руска стратегија кон Македонија и кон овој европски простор и потекнува уште од империјалните времиња на московските цареви, кога во битката за влијание со западните сили од пред стотина и нешто повеќе години, им се нудени -еднаш на Белград, а потоа на Софија, па во еден момент, во вторатат половина на 19 век, токму руската дипломатија ќе креира една „фантом држава“ наречена Санстефанска Бугарија- од Црно Море до Охрид- за да Русија ја има целосната контрола на Балканот. Проектот „Сансефанска Бугарија“ така, стана руски модел за бугарскиот национализам од 19 век, преку двете Светски војни до комунизмот на Тодор Живков.   Тоа, пак,  ќе ги предизвика  најголемите делби во македонското национално ткиво, ќе ја дезориентира борбата за ослободување од Отоманска Империја и ќе ја отапи можноста за создавање држава на Македонците, преку продавањето на идејата за  некаква недефинирана автономија. Ниту комунистичка Русија (СССР) не отиде подалеку од тие стари гледања кон Балканот и кон Македонија, сега како дел од Југославија, но за прв пат, со статус на меѓународно-правен субјект, затоа што Москва беше задоволна со поделабата на Европа по Втората светска војна, која се пресекуваше и на балканскиот регион, како и со позицијата таа да биде целосно во Бугарија, а делумно, за да ги има при рака и постојано на увид- Југославија и Алабанија.

Актуелните случувања покажуваат дека сето тоа Русија го прави и денес, па тамошното МНР ќе го прогласи референдумот добар за Москва и како „победа на народот против НАТО“ а изгласувањето на уставните промени во духот на договорот од Преспа, како дело на САД и заканите на Вашингтон , нивниот амбасадор во Албанија ќе ни порача „ да не брзаме со европските интеграции“ – веројатно додека Москва не се испазари со Западот, а ние да видиме каде сега ќе не постави руската дипломатија – додека рускиот амбасадор во ЕУ, ќе им ја понуди на македонските националисти руско-азиската унија, како алтернатива на ЕУ/НАТО. Во тој пакет на антимакедонски потези, влегува и острото спротивставување на Русија и руската црква на автокефалноста на МПЦ. По признавањето на независноста на Украинската црква,тоа  добива нова димензија, во отворената пресметка на Москва со Вселенската патријаршија , заканувајќи се со шизма меѓу православните цркви врз кои Кремљ сака да ја има контролата. Руското инсистирање работата околу нашата црковна независност и автокефалност да се спроведат само преку Српската црква, најлојалната на РПЦ и на Русија, која и самата се противи тоа да го направи уште од 1967 година, става печат на московската политика кон Македонија и македонската ориентација кон европските интеграциски процеси. „Подарокот„ на Москва во врска со името Македонија, затоа е „данајски“ , бидејќи  е неискрен и претставува  подарок за македонските националисти, за  нивната определба да работат против интересите на државата.

 

(С.С.Г.)

1 Коментар

1 Коментар

  1. Миле

    04/11/2018 во 23:53

    Ако Македонија беше со Русија до вакви деструктивни последици и уништување на Македонија не ќе се овистинија. Нажалост Македонските политичари и нивните медиумски дуполизци повеќе ја сакаа Европа затоа што Европа ги плаќа своите слуги, му дава можност за корупција, лаги, превари на рачун на Македонскиот народ.
    Ниту еден Руски претставник нема бидено во Македонско Собрание за да контролира кој како гласа, ниту еден Руски претставник не потплатил ниту еден член од Македонското Собрание, ниту еден Руски претставник не поставил уцена за промена на името, идентитетот, историјата…
    Затоа сите вие потплатени идиотски и неморални идиотски новинарчиња престанете со лажење и полтронство. Станете еднаш веќе луѓе, или можеби е касно од гнаса човек не бидува…

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе