„Шпигл“: ХДЗ е закана за Балканот
Угледниот германски неделник „Шпигл“ ја обвини хрватската владеачка партија ХДЗ (Хрватска демократска заедница) на премиерот Андреја Пленковиќ, дека претставува закана за Балканот. Европските народни партии, собрани во граѓанско-конзервативниот блок во Европскиот Парламент, каде се и германските ЦДУ-ЦСУ, во своите редови има партија која сега го загрозува кревкиот мир на Балканот- пишува овој весник. Партијата на Пленковиќ се обвинува за отворено и силно мешање во политичките случувања во БиХ, за која се тврди дека и по последните избори, останува длабоко етнички испарцелисана. Според „Шпигл“ за да се оправда ваквата политика, ХДЗ има своја „сестринска“ партија со истото име и во БиХ , која како што се објаснува била создадена за да ги подржува Хрватите во оваа соседна држава на Хрватска. Премиерот Пленковиќ, во текот на кампањата во БиХ и самиот се вклучи во изборната трка во соседството, агитирајќи за кандидатите на босанско-херецеговската ХДЗ и посебно за нивниот кандидат за член на тричленото Претседателство на БиХ , Драган Човиќ. Но, на изборите не победи фаворизираниот и посакуван Човиќ, туку локалниот политичар од либералната Демократска партија, Жељко Комшиќ. Тоа не би требало да биде проблем и од тоа да се прави криза, затоа што и победникот е Хрват, па локалните Хрвати ќе имаат свој претставник во Претседателството (колективен шеф на државата) што се формира врз етничка припадност, со застапеност на трите главни народа во БиХ. Но , Во Загреб, во водството на хрватското ХДЗ и во истата партија во Херцеговина, не го сакаат Комшиќ, па против него, веднаш по изборите беше покрената вистинска кампања за јавна дисквалификација. Некои хрватски политичари сугерираа владата во Загреб да му забрани влез на Комшиќ во Хрватска и да не прифати никаква комуникација со него, додека трае неговиот мандат, додека во Мостар ХДЗ организираше и анти- Комшиќ протести. „Вината“ на избраниот член на Претседателството е само во тоа што тој постојано зборува дека е Хрват, но дека само БиХ е неговата татковина. Тој е еден од ретките политичари во оваа балканска држава кој наместо за поделба во етнички табори, заговара уредување на граѓански концепт во оваа многунационална држава. Хрватскиот премиер Пленковиќ, меѓутоа, тврди дека последните избори и нивните резултати „ не се добри за босанските Хрвати“. Таквото однесување на официјален Загреб е осудено од германски „Шпигл“ како штетно и опасно, особено што, како што навестува весникот, Пленковиќ „има намера да продолжи да ги подржува насоките на хрватските радикални националисти“ .
Убиениот Кашоги бил однесен во свиткан ќилим ?
Нема веќе тајни дека саудискиот новинар Џамал Кашоги бил убиен, брутално, во зградата на конзулатот на Саудиска Арабија, во Истанбул. Околу тоа како бил убиен има разни верзии кои главно ги шират турските медиуми, но засега никој не знае, или пак, не сака да открие, каде е сокриено неговото тело. Според британската тв станица Скај, телото било најдено во дворот на резиденцијата на конзулатот. ББЦ пак тврди дека телото е некаде во шумата, наречена „Белград“ што се протега зад резиденцијата, па таа сега темелно се претражува. Турските весници меѓутоа, пишуваат дека Кашоги бил ликвидиран од припадници на саудиската тајна служба кои допатувале во Истанбул на денот на неговото „исчезнување“ на 2 октомври. Телото, потоа, било изнесено, завиткано во голем ќилим, наводно за да се носи на чистење, со помош на надворешен „помагач“ во градот, за да се ослободи од телото. Весниците јавуваат дека сега турската полиција настојува да го утврди неговиот идентитет и да го уапси. Еден неидентификуван саудиски функционер, во меѓувреме , изјавил дека 59 годишниот Кашоги умрел од задушување, при обидот насила да биде префрлен од Истанбул во Ријад, односно дека во таа немарно спроведена операција „ работите тргнале наопаку“. Турските власти и претседателот Реџеп Таип Ердоган јавно ја повикуваат Саудиска Арабија да открие што се случувало и да се казнат и нарачателите и оние кои го извршиле убиството. Официјална Анкара бара истрагата и судењето да се спроведат во Турција, каде Кашоги е убиен, но Ријад инсистира дека станува збор за надлежност која е исклучиво саудиска. Ердоган, наводно, располага и со копија од снимен разговор на еден од сменетите советници на крунскиот принц Салман, на кој може да се слушне како тој некому наредува – донесете ми ја главата на тоа куче- мислејќи на Кашоги. Турскиот претседател, се тврди дека одбива копијата од снимката да им ја предаде на Американците, но случајно , или не, токму сега во Турција допатува директорот на ЦИА, Џина Хаспел. Новинарот кој има американски пасош, живеел во егзил во Турција, каде овие денови требало да се ожени и соработувал со „Вашингтон Пост“ во саудиската јавност бил познат како остар критичар на крунскиот принц. Тој сега се посочува како еден од осомничените, но Ријад и кралското семејство тоа категорично го отфрлаат.
Асанж го тужи Еквадор
Џулијан Асанж има поднесено тужба против државата Еквадор, која му има дадено политички азил уште во летото 2012 година и во чија амбасада во Лондон се крие веќе шест години. Заедно со својот адвокат, шпанскиот левичарски правник Балтазар Гарзон, некогашниот австралски хакер и основач на Викиликс ја тужи државата која му помогна за да не оди во затвор, обвинувајќи ја дека му ги „загрозува човековите права“ затоа што Амбасадата во Лондон и Министерството за надворешни работи во Кито, му имаат определено низа задолжителни правила на однесување, додека е во зградата на дипломатската мисија, вклучувајќи ги и грижата и чистењето на неговата мачка. Претходно, властите во Кито му ја прекинаа интернет врската и комуникацијата што тој ја имал од амбасадата, објаснувајќи дека некои негови потези им наштетуваат на интересите на Еквадор и на односите на земјата со други држави. Тоа предизвикало голем гнев кај Асанж, па одлучил да им се одмазди и на своите помагачи и заштитници, иако тие не бараат ништо друго од него, освен да ги почитува правилата кои важат за сите дипломати и вработени во мисијата. Сега и Кито го обвинува дека „шурува“ со Американците , па дека е спремно да го казнува Асанж, само за да ги подобри односите со Вашингтон. Тој е најпознат по неовластеното објавување на интернет на илјадници хакирани , тајни и доверливи материјали на американскиот Стејт департмент и на Пентагон. Подоцна славата му се зголеми со обвинувањето за сексуален напад и силување од две негови соработнички во Стокхолм, што тој го искористи да се прикаже како „жртва на американскиот империјализам“ , што прерасна во долг и скап процес пред британските судови, настојувајќи да не биде екстрадиран во Шведска. Со платена кауција од 230 илјади фунти тој не беше во затвор, туку во една од судот определена куќа од каде не смееше да замине. Кога Врховниот суд на Британија пресече дека тој мора да им биде даден на шведските власти, Асанж побегна и се сокри во еквадорската амбасада во Лондон. Ова не е прв пат, контроверзниот Асанж да се пресметува со оние кои го помагаат. Прво се искара со групата која му ја плати кауцијата, кога тие побараа од него наместо што се крие , да оди и да се соочи со правдата, ако навистина е невин, а подоцна и со редакцијата на лондонски „Гардијан“ која дотогаш го подржуваше и го бранеше.