Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Европарламентарците против неонацизмот

ginasanders/Bigstock.com

Европарламентарците против неонацизмот

Европскиот Парламент усвои резолуција со која се бара забрана за сите неонацистички и неофашистички групи и организации што постојат и дејствуваат во земјите- членки на ЕУ . Европарламентарците ги повикаа државите во Унијата да дејствуваат во рамките на усвоената рамковна програма за  енергично  разбивање на организациите кои го шират говорот на омразата и насилството во јавниот простор, користејќи го интернетот и ефикасно да ги елиминираат  нацистичките и фашистичките групи кои јавно ги глорифицираат и ги величаат нацизмот и фашизмот. Со резолуцијата се инсистира дека во пресметката со ваквите идеологии и со дејствувањето на ваквите групи, ќе се почитуваат правото и правниот поредок во секоја од земјите на ЕУ. Ваквата  резолуција помина уверливо  меѓу пратениците, па 355 членови на Европскиот Парламент гласаа за ваквиот документ, а само 90 беа против. Други 39 пратеници останаа воздржани при гласањето. Во  текот на дебатата беа посочени неколку примери на злосторства потикнати и извршени врз основа на омразата и крајното десничарење, регистрирани последниве неколку години на тлото на Европа, како злосторството извршено во Норвешка, во летото 2011 година, кога беа убиени 77 , главно, многу млади луге, па бруталното убиство на британската лабуристичка пратеничка Џо Кокс, во 2016 година , од еден англиски ултра-десничар, како и неодамнешниот брутален напад врз италијанската европратеничка Елеонора Форенза, што го извршиле припадници на италијанските неофашистички одреди на групата „Казапаунд“. Европратениците  побарале од земјите во ЕУ да создадат посебни „одреди“ за борба со кривични дела од омраза, на било која основа- расна, верска, или етничка.

 

Блокада за романските правосудни реформи

Романскиот Уставен суд го блокираше спроведувањето на контроверзните реформи на делови од правосудниот систем, откако членовите на судот отфрлија низа измени во кривичниот закон, што претходно поминаа во Парламентот. Реформата ја предложи владата на романските социјалдемократи, но таа уште во текот на нејзиното изготвување, беше критикувана од ЕУ. Измените  се дел од правосудните и персоналните промени што владата ги спроведува во изминатите две години, откако социјалдемократите победија на тамошните парламентарни избори. Домашните противници на реформите тврдат дека тие се „закана за независноста на правосудството“ и предупредуваат дека доколку се продолжи со нив, би можело дополнително да се зголеми загриженоста на Брисел за состојбите во Романија. Од ЕУ веќе имаат забележано дека романското инсистирање на ваквите реформи, би можело да предизвика натамошно неверување за капацитетите на демократските вредности во земјите- членки од Источна Европа. Унијата  веќе има отворено постапки против две земји од источниот дел на некогаш поделената Европа- за Унгарија и за Полска- обвинети дека со своите правосудни реформи и преземените мерки и потези, ги поткопуваат темелите на владеењето на правото, што е главниот столб на кој се потпираат ЕУ и европското интегрирање , а  претставува главен услов за примањето нови членки во Унијата. Од Брисел , веќе неколку месеци наназад, се упатуваат предупредувања  до Букурешт да се повлече од контроверзните реформи на правосудниот систем, посочувајќи дека слична постапка би можела да биде покрената и против Романија. Уставниот суд  во Букурешт на почетокот од овој месец, веќе отфрли 70 отсто од направените измени во кривичната постапка со кои , практично, се отежнува работата со доказите. Уште од 2007 година, кога земјата влезе во Унијата, Брисел го има под посебен надзор, романскиот правосуден систем. Транспаренси Интернешенел ја третира Романија како најкорумпирана земја во ЕУ, но во исто време, во државата се изречени и најмногу пресуди против пратеници, министри и градоначалници, вклучувајќи го и лидерот на Соцјалдемократската партиа Ливие Драгнеа, за откриени случаи на судир на интереси, злоупотреба на службената должност, за измами,како и за склучување зделки со државата, со земање мито. Владата  се брани од овие критики уверувајќи дека реформите биле неопходни за да се обезбеди функционирање на правосудниот систем во државата од , како што велат министрите, злоупотребите што ги прават и судиите .

 

Победа на полските центристи во Варшава

Победник на локалните избори во Варшава е кандидатот на опозициската, центристичка партија Граѓанска платформа (ПО) , Рафал Транасковски, кој е избран за нов градоначалник на полскиот главен град. Неговата победа , за домашните политички аналитичари, не се смета за изненадување, затоа што беше очекувана. Но како големо изненадување е тоа што победата е извојувана уште во првиот круг и е уверлива, во изборна трка против фаворизираниот кандидат на десницата од партијата на Правото и правдата (ПиС), кој во трката влегол од функцијата заменик министер за правда. Аналитичарите забележуваат дека уште еднаш се покажало оти центристите на своја страна ги имаат гласачите од урбаните средини, додека конзервативците од партијата на Јарослав Качински ги имаат зад себе лугето од внатрешноста на земјата и од селото, а тие се во мнозинство. Се смета дека ако ПО сака да победи и на парламентарните избори во 2019 година и да се прекине со контроверзната, конзервативна и често евроскпетична политика на владеачката партија, ќе мора да понуди нешто повеќе од само анти-ПиС политика со која можеше да се добие подршката на жителите од Варшава. Граѓанската платформа ја водеше државата во периодот од 2007 до 2015 година. На последните избори , пред три години, конзервативците победија најмногу со помошта на едно лажен и намонтиран видео-спот  во кој тогаш владеачката ПО се обвинуваше дека ќе преземе голем број бегалци, од тогашниот наплив на мигранти од Блискиот Исток , плашејќи ги Полјаците дека во следните пет години, до 2020 година, Полска ќе се претворела во „муслиманска енклава“ во Европа, како и дека тоа ќе предизвика безбедносен хаос во земјата, од кој ќе страдаат полските жени кои би биле изложени на сексуални напади од надојдените мигранти. Пораката од спотот била дека  наместо за „предавничката“ ПО треба да се гласа за ПиС која им гарантира безбедна власт која се раководи од полските интереси. Многу брзо се покажа дека целиот спот е лажен и претставува целосна измислица, но пропагандата го постигна својот ефекет. Изборната измама на партијата на Качински , насочена против планот за солидарно разместување на бегалците по сите земји членки на ЕУ, врз основа на нивната големина, бројот на населението и економските можности , владата во Варшава и сега ја користи за да се пресметува со Брисел и за да собира поени за својот десничарски популизам кај нејзините гласачи. А вистината е дека Полска, држава со над 38 милиони жители, според тој план на ЕУ, треба да прими и привремено да размести само 6200 лица.

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе