Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Валенса : „Солидарност“ за демократизирање на Русија

Fotokon/BigStock.com

Валенса : „Солидарност“ за демократизирање на Русија

Поранешниот полски претседател и нобеловец  Лех Валенса,  сугерира создавање на едно глобално движење, кое би се нарекло „Солидарност“ по углед на истоименото такво движење во Полска, во осумдесетите години на 20 век, што  сега би ја имало улогата за придвижување на демократијата и на демократските процеси во денешна, авторитарна Русија, но би претставувало и одговор (на светот) на агресивната политка што ја спроведува Москва.

Валенса (76) беше претседател на Полска од 1990 до 1995 година, како прв шеф на државата во пост-комунизмот. Сега е надвор од политика, па како пензионер овој некогашен синдикален активист и предводник на историските промени во оваа земја,  само помага во Бирото на „Солидарност“ во Гдањск, од каде почна побуната на незадовлните работници во тамошното бродоградилиште, која потоа прерасна во движење со политички барања за демократизација на полското општество и против просоветската полска влада. Подоцна,  од таму, движењето полека,  се рашири низ сите други источноевропски држави кои 45 години беа дел од советскиот (рускиот) воено-политички и идеолошки блок, создаден по Втората светска војна. Валенса , кого неговиот другари го нарекуваа Лешек, во Гдањск се грижи за специјално уредениот центар за европската „Солидарност“ и за музејот посветен на десетгодишниот граѓански отпор.

Валенса  вели дека „Солидарност“ во таа една деценија, се трансформира , во услови на сурова воена управа, што во тие години на бунтот, беше воведена во Полска, и прерасна во моќна политичка сила која го потикна падот на комунизмот во Источна Европа.

-Полска беше првата од тогашниот советски Исток, која раскина со Русија и со советската доминација во државата и во полското општетство кое целосно го копираше советскиот модел, но ние во Европа, имаме потреба од Русија. Затоа на оваа голема земја и на нејзините луѓе мора да им се помогне, на мирен начин, да биде демократизирана и поинаку и подобро организизирана- изјавил Валенса за медиумите, сугерирајќи тоа да се направи на начинот на кој преку „Солидарност“ се трансформираше  Полска. „ Солидарност“ едноставно- е филозофија, вели сега поранешниот популарен синдикален лидер.

Тој смета дека Западот треба да ја разбере Русија и да сфати дека таа се однесува како супер сила која, меѓутоа, ја загубила таа позиција. Освен тоа- вели Валенса- треба да се знае дека оваа земја никогаш во својата историја немала демократија. „Во Русија секогаш се владеело со користењето на заканата од некаков непријател, за да се обезбеди внатрешно единство, па Москва е спремна ако треба и да измисли непријател , за да си обезбеди такво единство“ – рекол поранешниот полски претседател.

Според неговото мислење, Русија, сепак, во изминатите децении е променета. „ Тоа не е истата држава како онаа од  пред 1991 година и падот на комунизмот, но секако, тоа не е Русија каква сакаме да ја видиме“- смета Валенса. За него , интервенцијата во Украина и анексијата на Крима, претставува огромна грешка на Москва.

„Па, во 21 век , недоразбирањата  не треба да се разрешуваат на таков начин, со воени интервенции“- вели некогашниот лидер на полскиот „Солидарност“.

Затоа тој сега предлага создавање на посебно движење „Солидарност“ за да се трансформира Русија. Лех Валенса, сепак, признава дека државите во Европа, па и надвор од неа, дејствуваат според сопствените интереси и политичките и другите уверувања, забележувајќи дека  „додека не се обезбеди единствена (заедничка)  позиција, не ќе може да се победи Русија“.

(Д.П.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе