Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Руски пари за Брегзит?

melis/BigStock.com

Руски пари за Брегзит?

Британските власти покренаа кривична истрага против Арон Бенкс,  донатор на кампањата за Брегзит и силен приврзеник за излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Тој е осомничен за дури осум кривични дела во врска со финансирањето на анти-европската кампања пред референдумот во 2016 година, главно околу тоа дека тој „не е вистинскиот извор за парите што биле уплатени како донација“ и дека средствата потекнуваат од други, недозволени извори. Лондонските весници, кои на покренатата истрага и даваат силен публицитет, откриваат дека постои сомнеж оти станува збор за руски пари. Бенкс, британски бизнисмен, има уплатено преку 9,5 милиони фунти за поттикнување на кампањата за Брегзит и важи за еден од најголемите донатори и поддржувачи на исклучувањето на Велика Британија од ЕУ. Тој е поранешен симпатизер и гласач на Конзервативната партија, но од 2014 година, се свртува кон малата десничарска Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП) која тогаш ја водеше контроверзниот англиски антиевропски политичар, Најџел Фараж, цела деценија пратеник во Европскиот Парламент од Британија. Оваа партија, која ги има собрано во своите редови „одметнатите“ конзервативци и тврдите евроскептици, како и Фараж, прва ја покрена иницијативата за излегување на Британија од ЕУ, предизвикувајќи ја владата (тогаш со Дејвид Камерон, како премиер) да се организира референдум. Но, УКИП всушност никогаш формално не бараше народно изјаснување за вакво решение за евроскептицизмот меѓу Англичаните. Бенкс ги отфрли обвинувањата, нарекувајќи ги „бесмислени“, оценувајќи ги како „политичко подметнување“ од приврзениците на проевропската кампања. Функционери на кампањата за Брегзит, исто така демантираат дека имало било што противзаконско во финансирањето и донациите,  отфрлајќи го тврдењето дека станува збор за руски пари, внесени во Британија и насочени за анти ЕУ кампањата. Кривичната пријава, меѓутоа, ја покрена британската Изборна комисија, откако темелно ги истражила сите активности околу кампањата за референдумот, а посебно тоа, како се обезбедувани парите. Според британскиот закон, донации и позајмици, за политички цели не смеат да доаѓаат од странски извори или од пари од странство, а непочитувањето на оваа законска одредба, претставува кривично дело. Ова не е прв пат, Москва да се сомничи за мешање во кампањата за референдумот, за потикнување на анти ЕУ расположението, или за храбрење на агитацијата за Брегзит, но досега главно се истражуваше руското вклучување во разни сајбер криминални операции, во хакирањето и во ширењето лажни и измислени вести, насочени против проевропските политичари и институции. Сега, за прв пат се отвора кривична постапка, за учество на Русија со пари  во кампањата за Брегзит. Веста за отворената истрага околу донациите од бизнисменот Бенкс предизвика дел од пратениците во Парламентот во Лондон да побараат суспензија на процесот за излегување од ЕУ, што треба да се финализира на 29 март идната година. На референдумот во 2016 година, 51,9 отсто од гласачите беа за излегување од ЕУ, додека 48,1 отсто за останување во членството во Унијата. Ниту една партија или група не побара пред гласањето, да се бојкотира референдумот.

 

Коѕијас : „Преспа“ ќе го ослабне турското влијание на Балканот

Доскорешниот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕијас изјавил во Атина дека грчко-македонскиот договор за името Македонија, потпишан во Преспа, во јуни оваа година, ќе помогне за ослабнување на влијанието на Турција на Балканот. Неговата изјава за весникот „Катимерини“ претставува одговор на критиките на грчката опозиција за „грешката на владата на Алексис Ципрас“ околу договорот на Атина со Скопје, како и на инсистирањето дека станува збор за „ штетен договор“ за грчките државни интереси, затоа што наводно , било „продадено“ името Македонија. „Дали ние (Грција) сакаме  нашиот најблизок сосед да биде под влијание на некој друг , како Турција, на пример, или пак сакаме стабилен Балкан, во неговите постоечки граници и со засилено влијание на Грција во регионт “- рекол Коѕијас. Тој им порачал на сите домашни критичари на договорот од Преспа, дека токму затоа,  Грција ќе соработува со „соседот“ против сите дестабилизирачки сили кои дејствуваат во балканскиот регион. „Убеден сум дека „Преспа“ ќе го стабилизира Балканот и ќе го запре ширењето на влијанието на Турција“- порачал во изјавата за атинскиот весник Коѕијас. Тој заедно со македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, се креатори на првиот, па затоа се нарекува и историски договор меѓу Атина и Скопје. Со него се затвора 30 годишниот спор на двете земји околу името и се отвори патот на Македонија кон евроатланските асоцијации (НАТО/ЕУ) , затоа што Грција го повлече своето вето во овие две организации. Грчката опозиција, како и македонскиот националисти се противат на договрот. Првите, тврдејќи дека со оставањето на името Македонија на северниот грчки сосед се отвора можност за  „засилен иредентизам“ од Север, а оние во Македонија , затоа што со додавката „Северна“ на името на државата, наводно, се губел македонскиот национален идентитет. Неутрални посматрачи сметаат дека опозициите и во двете држави, предизвикуваат националистички набој и го осудуваат договорот од Преспа, само поради внатре-политички и партиски интереси и во Грција и во Македонија. Според проценките на овие посматрачи, во Атина, сите политички сили знаат дека вистинската закана за грчките државни интереси не доаѓа од северната граница, туку од Истокот и од Турција. Особено откако оваа година, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара ревизија на „Лозанскиот договор„ меѓу двете земји од првата половина на дваесетите години на 20 век и преиспитување на турско-грчката поморска граница.

 

Чесите го „шпионирале“  Трамп уште пред 40 години

Чехословачката тајна служба, уште во 1977 година отворила „досие“ за тогаш младиот и брзо збогатен, американски бизнисмен Доналд Трамп, откако се оженил со чешката манекенка, фото-модел , а подоцна и деловна жена, Ивана Зеленчикова, откриваат медиумите во Прага. Тие се повикуваат на признанието на еден поранешен оперативец на тајната служба од градот Злина ( тогаш Готвалдово), местото каде е родена поранешната госпоѓа Трамп. Во тој брак, Ивана Трамп има родено три деца- Доналд помладиот, ќерката Иванка и Ерик, но тогашното чехословачко разузнавање од самиот почеток на брачната врска, почнало да се интересира за младиот Американец и да го „шпионира“ неговото однесување и неговите тогашни постапки. Во досието за него, чии делови сега се откриваат, Чесите уште тогаш проценувале дека тој е политички амбициозен, дека неговата цел не била само да „прави пари“ како и дека тој многу порано најавувал оти ќе влезе во политиката и  ќе стане претседател на САД. Наводно, овие извори знаеле за намерата на Трамп, уште во 1986 година да се номинира за претседателски кандидат, но дека тогаш не  бил прифатен, затоа што бил премногу млад. Тајната служба во Прага , во своето досие за Трамп има забележано дека двете главни американски партии- Демократската и Републиканската- настојувале да го привлечат на своја страна, но дека тој останал надвор и од двете партии. Чехословачката тајна служба била дел од мрежата на советската КГБ, па сега не се знае дали Чесите самите го „шпионирале„ младиот Трамп, само затоа што се оженил со нивна сограѓанка, или сето тоа било дел од некоја операција на руската тајна служба, во нејзината постојана битка со Западот и пред се, со Американците. Комунизмот во земјата беше соборен со „кадифената револуција“ , од 1989 година, што ја предводеше Вацлав Хавел. Дотогашната Чехословачка, на 1 јануари 1993 година, мирно се распадна и се подели на две држави- Чешка и Словачка. Старата тајна служба од комунистичкиот период беше расформирана во 1990 година.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе