Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Влошена ситуацијата во Србија

Golden Brown/BigStock.com

Влошена ситуацијата во Србија

Европратеничката Тања Фајон изјави во Белград дека ситуацијата во Србија „е прилично влошена во последниве две години“, кога станува збор за нејзините европски амбиции. „Не постои ефикасна контрола врз извршната власт, нема напредок во владеењето на правото во земјата, а нема никаков напредок и во нормализацијата на односите со Косово“ – рекла Фајон во разговор за белградски медиум. Според оваа европратеничка, Србија не бележи напредок во борбата со корупцијата, додека медиумите се во исклучително тешка положба. „Не е доволно само да се отвораат и да се затвораат преговарачките поглавја со ЕУ и да се усвојуваат закони по кои ништо нема да се промени“ – рекла Тања Фајон. Иако таа е само член на европскиот Парламент, ова е прв пат некој од Европа отворено да зборува за назадување на Србија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Дејвид Камерон се враќа во политиката?

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон навестил дека сака да се врати во британската политика, како и да стане министер во владата во Лондон. Според британскиот весник „Сан“ Камерон за тоа зборувал пред неколкумина свои блиски пријатели на кои  им се доверил за намерата да се врати во домашната политика, од која замина неславно, пред две години. Според овие извори, Камерон (53) рекол дека се „надева оти ќе се врати во британската влада, како министер за надворешни работи“ кога нов лидер на Конзервативната партија ќе ја наследи Тереза Меј на лидерската и премиерската функција. Камерон беше премиер кога распиша референдум за ЕУ иако тоа никој од него и од владата не го бараше. Тој агитираше за останување на Британија во ЕУ, но победија антиевропските сили кои ги убедија, пред се Англичаните и англиските гласачи, дека може да им биде и подобро надвор од Унијата. На референдумот во јуни 2016 година, приврзениците за Брегзит освоија 51,9 отсто , додека оние за останување во ЕУ 48,1 отсто. Никој не агитираше за бојкот, а Камерон поднесе оставка.

Турска амбасадорка облечена како Елена Тројанска

Турското Министерство за надворешни работи ја суспендира својата амбасадорка во Уганда, Седеф Јавузалп затоа што на свечениот прием во угандксиот главен град Кампала, таа се појавила облечена како Елена Тројанска, лик од епот „Илјада“ од античкиот грчки поет Хомер. Уште еден функционер на амбасадата се појавил облечен во костим од  античката грчка митологија. Случајот го откриле домаќините кои дошле како гости на приемот организиран по повод турскиот државен празник, откако ставиле фотографии на угандскиот парламентарен Спикер, снимен покрај костимираната амбасадорка. Турските медиуми, посебно оние со националистички предзнак, од тоа имаат направено голем скандал, со барања искусниот дипломат, која пет години е во Уганда, да биде остро казнета. На социјалните мрежи се појавило само едно кусо објаснување дека со костимирањето, амбасадорката Јавузалп само сакала да покаже дека оваа година беше година на Троја. Овој легендарен град, се верува, дека постоел на западниот брег од Егејското Море, на територија која денес е во Република Турција. Локацијата се наоѓа јужно од градот Чанакале, а на местото каде се пронајдени археолошки ископини, за кои се верува дека се ѕидините на Троја, одамна е уреден туристички локалитет на кој е поставен големиот дрвен коњ што го изградил Одисеј и со чија помош била освоена Троја. Но, во денешна Турција, домашните националисти жестоко се противат на споменувањето на времето кога сегашната државна турска територија била дел од грчката, а потоа и од римската цивилизација.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе