Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Ндрангета се инфилтрира во ЕУ

Gesrey178/BigStock.com

Ндрангета се инфилтрира во ЕУ

Познатата италијанска мафијашка организација Ндрангета се инфилтрира во земјите на ЕУ, потврди специјалниот обвинител за борба со мафијата и за контра-тероризам Федерико Кафиеро де Роха, во разговор со новинари.  Во рамките на Унијата, организацијата покренува бизниси кои служат главно за покривање на нејзината основна  дејност- нелегалниот шверц на дрога. Ндрангета потекнува од италијанската област Калабрија, на крајниот југ од земјата, а минатата недела европската јавност одново се потсети на нејзината криминална активност, откако регионалниот суд на Реџо Емилија (Италија) изрече вкупно 118 затворски казни, во вкупно времетраење од 1200 години. Сите обвинети и осудени се товареа за криминално инфилтрирање во економијата на оваа област. Мафијашите од организацијата веќе ја имаат „освоено“ Холандија и нејзините главни пристаништа , најмногу низ разгранетиот бизнис во оваа земја, а пред се , со бизнисот со цвеќето. Според специјалниот обвинител Де Роха, од Холандија, Ндрангета потоа почнала да се префрла во Белгија, па во Германија, а од таму на истокот од Европа, во земји како Романија. Мафијашката организација се претпоставува дека има околу шест илјади припадници и контролира дури 80 отсто од европскиот шверц на кокаин, што го префрла од Јужна Америка.

Екс кралот на ДНК тест

Поранешниот крал на Белгија Алберт Втори , ќе мора да се подложи на ДНК тест, во следните три месеци, откако одлука за тоа донесе еден белгиски суд. Локалните медиуми пишуваат дека ваквото решение претставува крупен пресврт во целиот случај , што во тамошната јавност е познат како „Случајот Делфин Боел“. Оваа жена подолго време се обидува да обезбеди  официјално признание на нејзното потекло за кое таа тврди дека  оди до кралското семејство и посебно до поранешниот белгиски суверен. Ваквото решение на судот, со кое би можело ( конечно ) да се отфрли, или , конечно, да се потврди нејзината крвна врска со Алберт, доаѓа по пресудата на еден друг суд со која Жак Боел, чие презиме таа го носи, не е нејзиниот биолошки татко.

Просечна плата во Загреб изнесува 70 илјади денари

Просечната плата на вработените во главниот хрватски град Загреб, изнесува 7200 куни, или малку над илјада евра- покажуваат официјалните податоци на хрватскиот завод за статистика. Податоците се однесуваат за ова лето , а просекот е нешто помал во споредба со пролета, но е за 5 отсто повисока во споредба со истиот месец, минатата година. Просекот за Хрватска, за истиот период изнесува 6200 куни, или околу 880 евра. Највисоки плати во Загреб имаат вработените во нафтената индустрија и вадењето нафта, 11 илјади куни, или приближно 1600 евра. Потоа следуваат вработените во фармацевтскиот сектор, па во банкарството и финансиите и во ИТ секторот. Најниската просечна плата во главниот град на Хрватска изнесува четири илјади куни, или 570 евра и таа се однесува на вработените во услужните дејности, производство на облека, во секторот заштита, како и во одржувањето и заштитата на зградите и човековата околина. Просечната бруто плата за главниот град изнесува 10.100 куни, или околу 1400 евра. Хрватска е членка на ЕУ од 1 јули 2013 година. Според економските параметри, како и со просечната плата , земјата веќе се најде пред некои од источноевропските членки, како Бугарија.

Уапсена жената која потроши 16 милиони фунти во „Хародс“

Жената која има потрошено 16 милиони фунти за лични потреби и предмети во елитната и скапа стоковна куќа „Хародс“ во Лондон, е уапсена од британската полиција и се соочува со екстрадиција. Замира Хаџиева (55) е сопруга на поранешен директор на државна банка во  Азербејџан кој таму се наоѓа во затвор, отслужувајќи казна  од 15 години. Во Лондон каде живее, таа и нејзниот сопруг имаат куќа која се проценува на 15 милиони фунти, но во британската јавност стана позната по своето енормно трошење кога оди во шопинг и тоа најчесто во „Хародс“ во чија близина и живее. Според наодите на стоковната куќа, таа знаела при едно влегување и купување да потроши и 100 илјади фунти. Веднаш по тоа, Хаџиева стана позната и како првиот странец, настанет во Британија, против кого беа покренати новодонесените одредби од законот за испитување на „ необјаснетото потекло“ на парите. Британските власти откриваат дека , досега, таа нема објаснето од каде располага со толкаво богатство, за да може раскошно да живее и да троши толку многу пари. Нејзините адвокати, меѓутоа, инсистираат дека таа не е измамничка. Весниците во Лондон откриваат дека минатата недела, бил запленет семејниот накит од нејзината куќа , во вредност од 400 илјади фунти, за кој се вели дека ќе биде продаден на аукција, во една од најпознатите аукционерски куќи „Кристи“.

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе