Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Крамп-Каренбауер наследничка на Меркел ?

CDU.de

Крамп-Каренбауер наследничка на Меркел ?

Сегашниот генерален секретар на германската Христијанско-демократска партија (ЦДУ) Анегрет Крамп-Каренбауер (56) важи за најсилен кандидат за наследник на Ангела Меркел за нов лидер на владеачката партија во Германија, тврдат тамошните медиуми. Во својата изјава по повод формалното истакнување на кандидатурата, АКК како што популарно ја именуваат новинарите, призна дека времето на Меркел е веќе поминато, но таа ја истакна огромната улога и големите постигнувања за Германија и за ЕУ што ги има направено се уште актуелниот лидер на ЦДУ и германски канцелар. Доколку биде избрана, таа најави , како што рече , ново поглавје за партијата ( и за земјата) но тоа го врза за континуитетот на она што ЦДУ го има направено во изминатите години, со Меркел како нејзин лидер. Медиумите ја означуваат Крамп-Каренберг како „Меркел број 2“ и ги пренесуваат приоритетите на нејзината програма, како партиски лидер. Тоа се безбедноста, пред се, и економскиот просперитет, заживување на европскиот проект, дигитализацијата и интеграцијата, како и потиснувањето на растот на крајната десница.  Во трката за наследник на Меркел, се споменуваат и Фридрих Мерц, како и Јенс Спан кои, за разлика од ААК, се залагаат за отворање „нова страница за ЦДУ“ означувајќи го тоа како процес на обнова и нов почеток за партијата. Околу илјада делегати ќе се соберат во Хамбург, на 7 и 8 декември, на Конгрес на кој ќе се избере нов лидер за Христијанско-демократската партија. Меркел е на чело на партијата 18 години, од 2000 година. Таа самата соопшти дека се повлекува од лидерската функција, по двата едно по друго неуспеси на ЦДУ на регионалните избори во Баварија и Есен. По партискиот конгрес, Меркел ќе остане само канцелар на Германија, до крајот на нејзиниот сегашен, четврти мандат , до 2021 година.

 

Белата куќа забрани влез на новинар на Си-Ен-Ен

Белата куќа му забрани натамошен влез на познатиот новинар на Си-Ен-Ен, Џим Акоста, одземајќи му ја неговата акредитација, откако тој се вклучи во расправија со американскиот претседател Доналд Трамп, во текот на прес конференцијата, по објавувањето на резултатите од мид-терм изборите. Портпаролот Сара Сандерс го обвини новинарот за „напад врз претседателот и за непристојно однесување“ , како и дека Акоста ја „нападнал„ вработената во владината администрација , која ги предаваше микрофоните на новинарите кои поставуваа прашања, одбивајќи да го даде микрофонот што го користе. Новинарот , засега, на Твитер, само кусо има запишано дека сето тоа, што му се припишува е – обична лага. Гневната расправија настана откако новинарот кој е акредитиран во Белата куќа го праша Трамп за истрагата на специјалниот истражител Роберт Малер ( за руската врска во претседателските избори 2016 година и за врските на изборниот тим на Трамп со Руси) како и за искажаните обвинувања во јавноста на САД дека годинешнава кампања за мид-терм изборите имала расистички тон. Претседателот Трамп, наместо да одговори, на неколкупати го прекинал прашањето на новинарот, уфрлајќи се додека Акоста го поставувал, а кога овој не престанал да прашува, претседателот на неколкупати му дофрлил – доста ти е, престани – а потоа побарал да го предаде микрофонот. Во снимките од директниот пренос од прес конференцијата, се гледа како новинарот го држи  микрофонот кај себе, настојувајќи да го постави  прашањето до крај , а вработената, како се обидува да му го одземе од рацете, но видливо е дека нема никаков напад врз неа. Дури се слуша како Акоста и се извинува за инцидентот, кога таа го предава микрофонот на новинар кој седи до него. Нервозната реакција на Трамп и постапката кон новинарот, ја ставија во сенка прес конференцијата, на која претседателот се обиде да ги прикаже изборите од 6 ноември како негов голем успех и како потврда за успешните две години откако тој е претседател, поради засилените позиции на републиканците во Сенатот. Трамп е во судир со дел од медиумите уште од почетокот на мандатот , обвинувајќи ги дека создаваат „лажни вести“ и „измислуваат приказни“ во обидот да ја дисквалификуваат неговата работа и работата како претседател. На удар на тие критики  најчесто се најугледните медиуми – „Њујорк Тајмс“ „Вашингтон Пост“ и Си,Ен-Ен, а во последно време и тв компанијата Ен-Би-Си.

 

Владата на Орбан создава судови „ под владина контрола“

Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан се најде одново на удар на домашната опозиција и на демократските сили во Унгарија, како и на критика од ЕУ, откако изготви нацрт-закон за формирање нови управни судови кои би биле директно надгледувани од министерот за правда. Критичарите обвинуваат дека тоа е уште еден пример за ерозија на слободата на судството, како и за партизација на судскиот систем во државата, но владата ги отфрла ваквите обвинувања. Новите управни судови треба да ги покриваат тужбите кои се однесуваат за работењето и за одлуките на владата. Ваквата дејност сега е во надлежност на општиот правосуден систем. ЕУ веќе подолго време ги критикува правните реформи во Унгарија на кои инсистира Орбан, меѓу кои досега се посочуваше и прислното пензионирање на низа судии. Во септмеври годинава, Европскиот Парламент покрена истрага за тоа дали  одлуките на владата во оваа источно-европска земја- членка,  значат прекршување на одредбите и правилата врз кои се темели ЕУ.

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе