Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Екс перуанскиот претседател обвинет за корупција побара азил во Уругвај

chris babcock/Bigstock.com

Екс перуанскиот претседател обвинет за корупција побара азил во Уругвај

Поранешниот претседател на Перу, Ален Гарсија побегна во амбасадата на Уругвај, во Лима, каде побара политички азил, откако перуанските власти го обвинија за корупција и му го одзедоа пасошот, за да не може да побегне во странство.

Гарсија кој беше претседател од 2006 до 2011 година, е обвинет дека дека побарал и зел мито, од најголемата јужноамериканска градежна компанија, бразилската „Одебрехт“ . Според обвинувањето , тој земал поткуп за да и овозможи на компанијата  да ја добие зделката од перуанската влада, за изградба на една линија, за метрото во перуанскиот главен град Лима. Гарсија , меѓутоа, ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека целиот процес е наместен , дека е „политички мотивиран“ и дека тој е само „жртва на реваншизмот на неговите политички противници“.

Перуанското министерство за надворешни работи, потврдило дека Гарсија побегнал пред правдата и се сокрил во уругвајската амбасада. Бегството се случило само после неколку часови откако обвинителството му го одзеле пасошот , забранувајќи му да ја напушта земјата.

Уругвајските власти , во меѓувреме, соопштиле дека владата во Монтевидео ќе го разгледа барањето на Гарсија за азил, но засега одбивале да кажат дали ќе му помагаат на обвинетиот поранешен претседател, да и побегне на правдата.

Перуанските власти објаснуваат дека обвинувањето за корупција потекнува од вториот мандат на Гарсија. Тој прв пат беше претседател меѓу 1985 и 1990 година.

Корупцијата во целата Јужна Америка е најтешкиот проблем со кој се соочуваат државите на континентот. Неколку години, на пример,  Бразил беше „заробен“ од корупциските скандали во кои беа вклучени политичари, бизнисмени и јавни личности, а поранешниот претседател Лула да Силва беше осуден на 12 години затвор. И тој беше обвинет за поткуп и за перење пари, а во неговиот случај исто така беше вклучена  бразилската компанија „Одебрехт“. Обвинувања за корупција се покренати против политичари и во Аргентина, Еквадор, Колумбија, како и во Перу.

Поранешниот перуански претседател Алберто Фуџимори веќе неколку години е во затвор, а против неговата ќерка Кеико Фуџимори, која е лидер на опозицијата, е подигнато обвинување за корупција и поткуп, за што таа беше уапсена , па пуштена со кауција, да се брани од слобода. И таа, како и Гарсија тврди дека сите обвинувања против неа биле „политички мотивирани“.

Случајот со бегството на Ален Гарсија пред правдата, потсетува на бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски од пред  десет денови. За да не оди на издржување на двегодишната затворска казна, за корупција, тој побегна во Унгарија, каде побара политички азил. Во таа негова постапка, му помагале унгарски дипломати во Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија. Претходно тој илегално ја преминал македонско-албанската граница, па сега се чека на одлуката на владата во Будимпешта, за тоа дали на осуденикот- бегалец ќе му даде азил, или ќе одговори на барањето на владата во Скопје, да го врати назад, во затвор.

За бегството на перуанскиот поранешен претседател, засега, не се знае дали имал помошници, но тој, сепак, не бегал преку граница и не тргнал на илегалениот пат со посредство на уругвајските дипломати, туку само се префрлил до нивната амбасада во Лима.

(Ј.А.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе