Поврзете се со нас

Skopje Global

Произведување криза во Косово

Западен Балкан

Произведување криза во Косово

vladm/Bigstock.com

Произведување криза во Косово

Властите во Белград и во Приштина продолжуваат, заеднички, да ја интензивираат вжештената атмосфера во и околу Косово, со секојдневните меѓусебни обвинувања за  тоа кој е повиновен. Силите на КФОР стојат, засега, настрана, оставајќи впечаток дека целата нова ситуација на некаква „мини криза“ се создава вештачки, најмногу за внатрешните политички потреби и на двете страни, па никој не се вклучува со некаков поенергичен настап, ниту ЕУ и САД, а ниту Русија, како главен српски сојузник.

Во петокот, рано утрината, припадници на специјалните сили на косовската полиција, упаднале во „северниот сектор“ на Косово, што за Белград е исклучиво само српски и уапсиле четири лица – тројца осомничени за поврзаност со убиството на умерениот српски, косовски политичар Оливер Ивановиќ и на уште едно за, како е соопштено, давање отпор на полицијата. Никој не е повреден, не е регистриран никаков инцидент, не е употребено оружје. Косовскиот премиер Рамуш Харадинај сето тоа го има објаснето како – рутинска операција, во рамките на законот – но, во Белград полициската операција е означена како, безмалку, оружен напад врз Србија. На настанот му се дадени „драматични размери“, па српскиот претседател Александар Вучиќ во раните утрински часови, во петокот, свика седница на тамошниот совет за безбедност, на која биле и шефовите српската војска и полиција, директорот на тајната служба БИА, како и премиерот Ана Брнабиќ и министерот за одбрана Александар Вулин.

Повикан е амбасадорот на Кина во Белград (како земја постојана членка на Советот за безбедност во ОН и за да не биде одново вклучена Русија) со цел – Пекинг да биде информиран за „провокациите на Приштина и за заканите врз Србите (во Митровица) и покрај политика за мир и мирно решавање на конфликтот “, за што е речено, се залага официјален Белград. Притоа е критикувано и однесувањето на силите на КФОР за  кои се вели дека ништо не преземаат за заштитата на српското население, покренувајќи го притоа и прашањето за целисходноста од постоењето на овие мировни сили.

Петочните случувања, доаѓаат по двонеделните српско-косовски игри околу тоа кој кого ќе надмудри (или поточно – повеќе понижи) на меѓународната сцена, во што се најдоа одбележувањето на 100 годишнината од завршувањето на Првата светска војна , економските мерки против Србија, на косовските власти, како и одлучувањето околу членството на Косово во Интерпол. Во овие надмудрувања, се добива впечаток дека резултатот на крајот остана нерешен. Официјален Белград беше шокиран и понижен, што прво, Косово, иако се уште не е земја членка на ОН, беше покането да учествува во церемонијалот во Париз и да учествува на тамошната мировна конференција. Потоа, со определувањето на домаќините, косовскиот претседател Хашим Тачи да седи во централниот дел од посебната ложа за странските високи гости, зад францускиот претседател Емануел Макрон и зад Ангела Меркел и Владимир Путин, додека српскиот преседател , не само што не беше во првиот ред, како претставник на земја од победничката коалиција во војната од пред еден век, туку седеше и понастрана. Но, најболно во таа низа, беше доживеана средбата и разговорот што Тачи го имаше во Париз со Путин, само 24 часови откако официјален Белград тврдеше дека таква средба никогаш не може да се случи.

Во меѓувреме српската страна , помогната од Москва, продолжи со притисоците врз низа држави, главно од некогашниот Трет свет, да врши притисок да го повлечат признавањето на Косово како независна држава, настојувајќи оваа најнова независна балканска држава да дојде под бројката од 100 држави, во рамките на ОН, пред конференцијата на Интерпол, во настојувањето да се отфрли косовската кандидатура. За Пришина тоа се означува како првиот чекор кон целосното меѓународно признавање на независноста, а за Белград одбивањето на апликацијата, како потврда дека за светот Косово и натаму е „само српска покраина“. Изненадување имаше уште на стартот – дури и Русија се согласи косовското прашање за членство да се стави на дневен ред и да се гласа за него – што ја разочара Србија, но кога се  гласаше – Косово не доби доволно гласови и останува и натаму надвор од Интерпол. Во Белград тоа, беше означено како „ триумф“ и голема дипломатска победа. Тамошниот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, за кого во некои белградски медиуми велат дека секогаш ќе погреши кога ќе почне да зборува, цинично порача дека „Косовците не треба да жалат, затоа што тие веќе се во Интерпол, на неговите потерници“.

Косовските власти, пак, како контра мерка на српската „ победа“ одговорија , прво со значително зголемените такси при увоз на српска стока и забрана за продавање на прозводи на кои пишува „Косово и Метохија“ а не само Косово (како што  е официјалното име на државата) , а потоа и со подигање на тарифите за српските производи од 10 на 100 отсто. Белград се побуни дека стануа збор за кршење на одредбите од регионалниот договор ЦЕФТА, за безцаринска трговија, ЕУ побара итно укинување на сите овие трговски мерки, но  премиерот Харадинај порача дека нема ништо да се менува додека Србија не го признае Косово.

Петочната криза околу апсењата на Северот и „ покажувањето мускули“ имаше своја увертира со најавите (!?) на Белград дека косовските сили тргнале кон Северот (два дена пред овој случај) , но дека на време биле спречени од меѓународните мировни сили. На тоа, претставник на овие сили му порача на српскиот државен врв дека „ немало потреба од нивна интервенција, зашто никој и никаде нема тргнато“, односно дека ситуацијата е мирна. Оваа реакција, поради која Вучиќ беше исмеан во дел од српската јавност, дека создава кризи и дека целата работа околу Косово почнува да наликува на времето на Слободан Милошевиќ, во Белград сега се користи за пресметка и со мировниците на територијата. Претставник од Српска листа , партија на Србите која учествува во косовскиот Парламент, има изјавено дека апсењето извршено во петокот наутрио имала за цел „ да го заплаши српскиот народ“ , додека српската власт од северна Митровица, во соопштение тврди  оти „ ќе имало и судири (со косовските полицајци) доколу тие брзо не се повлекле“.

Така или не, Белград, пред се, како и Приштина, каде постои длабока поделеност околу тоа како да се води дијалогот со Србија, успеаја заеднички да ги подигнат тензиите и да создадат атмосфера дека нема никави услови за продолжувањето на преговорите, под посредство на ЕУ, особено што српскиот претседател постојано зборува дека Белград сака мирна разврска, но дека разликите со Приштина изгледаат ненадминливи. Трезвените белградски експерти и познавачи на српската политичка сцена, меѓутоа, уверуваат дека токму создавањето наелектризирана атмосфера е во функција на продолжување на дијалогот Белград – Приштина, но на сосема поинакви основи.

Кавга и нервоза им требаат и на двете страни – на Белград за да ја одржи пресијата во домашната јавност дека „таму доле „ постои хаос и дека нема ништо поважно од надминувањето на таквата ситуација, но и да се продава патриотизам и да се зборува за тоа дека  „ не престанува грижата за заштитата  на  српскиот народ“. Приштина, пак, настојува да ги увери, пред се, своите дека Косово е држава и дека реагира на целата нејзина територија. Всушност, се верува дека сето ова е само увертира за преговорите во кои на маса, се очекува, прв пат отворено да се зборува и за нова гранична линија.

Целата сегашна нервоза ( заштита и грижа за народот) се врти само околу Северот, што ке рече, за севрениот дел од Митровица и за четири други чисто српски опптини, за кои од летоска се зборува дека , со разграничувањето, би требло да „ се вратат“ во Србија, односно да станат дел од српската државна територија (а на Косово да му се даде Прешево, за возврат). Тоа е дел од приказните околу разграничувањето  што се споменуваат последните неколку месеци и за кои зборуваат само Вучиќ, со Дачиќ, како и Тачи, на косовската страна, но за што остро се спротивставува Харадинај. Во сегашните случувања, тој е оној кој „војува“ со Србија , па „упадот“ на северот од Косово, како и сите воведени екстра такси и тарифи, се потези на косовската влада, со која тој раководи. Од Белград, пак, се добива впечаток како грижата за српскиот народ во Косово, да завршува  на северот, иако во другите делови од косовската територија, има двојно повеќе српско население од она парче што Србија би го зела назад, за да има мирна завршница на конфликтот.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе