Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Полска ги измени неевропските реформи

Denis Rozhnovsky/Bigstock

Полска ги измени неевропските реформи

Владата на Полска ги измени сите свои контроверзни реформи во правосудството, што предизвикаа критики од Европската комисија во Брисел, откако беа оценети како спротивни на правилата и принципите за демократија и за владеење на правото, врз кои се темели ЕУ. Официјална Варшава долго време се спротивставуваше на барањата на ЕУ, тврдејќи дека таа има право да прави реформи во земјата, како што тие одговараат на нејзините потреби. Некои тамошни политичари,  притисокот и барањата на Брисел за измени на неевропските реформи, дури ги споредија со оние од времето на комунизмот и на  притисоците на Москва и на тогашната КП на СССР, што предизвика остра реакција на ЕУ. Посебно остро реагираше  францускиот претседател Емануел Макрон кој ги обвини Полска, но и Унгарија ( за истото такво однесување) дека само благодарејќи на европските пари и развојот што им го овозможи членството во Унијата, двете земји се она што се сега и дека е недопустливо – ЕУ и Брисел да се споредуваат со недемократскиот и тоталистаричкиот режим на Советскиот Сојуз. Со неевропските „ реформи“, меѓу другото,  беше замислена партизација на судството, со судии лојални, или блиски до владеачката конзервативна и националистичка партија на Правото и правдата, посебно, преку насилното пензионирање на судиите во Врховниот суд на земјата, иако таквата постапка е спротивна на Уставот. Владата, сепак,  изготви нов законски проект за реформите, што беше во согласност со барањата на ЕУ и тој  по брза постапка беше прифатен од двата дома на Парламентот. „Ги спроведовме нашите обврски кон ЕУ“- соопшти владата во Варшава. Полска се наоѓа под истрага за непридржување на стандардите и правилата на ЕУ, но Полјаците брзо го сменија својот тврд став, откако се соочија со опасноста да останат без главнината од европските пари.

 

Куба ги враќа своите лекари од Бразил

Првата група од околу 400 кубански лекари се вратија од Бразил во Куба, откако новоизбраниот бразилски претседател Жаир Болсонара, десничар и поранешен офицер на армијата, побара од Хавана да прифати промена на условите под кои Кубанците ќе продолжат да работат во бразилските болници и амбуланти. Новата бразилска влада бара од Куба таа целосно да ги покрива трошоците за платите на лекарите на работа во Бразил. Кубанската влада не го прифати тоа и одлучи сите, вкупно 8300 лекари и медицински персонал, да се вратат дома, во Куба. Досега , Хавана само делумно учествуваше во покривање на платите на нејзините лекари. Програмата за „извоз“ на лекари, но и на учители и наставници, низ земјите на Латинска Америка, започна во времето на сега починатиот, петдецениски лидер Фидел Кастро. Се веруваше дека освен за девизните средства до кои на овој начин доаѓаше Куба, преку трансферот на пари од странство, на овие луге, во испраќањето лекари има и многу идеологија и левичарска ( комунистичка) пропаганда, на кубанскиот модел на социјализам. Но, во договорот на Кастро со тогашниот претседател на Венецуела, Хуго Чавез , Куба ги покриваше потребите за евтина нафта, за да може да преживее. Венецуела добиваше учители и наставници кои ги немаше доволно, а Куба обезбедуваше нафта, по нереални цени, како што тоа го имаше во времето на комунизмот , преку испораките од  Советскиот Сојуз, кога руската нафта ја плаќаше со нереално скапиот кубански шеќер. И во едниот и во другиот случај тоа го спасуваше Кастро за да остане на власт и да владее како што владееше.

 

Поранешен војник осуден на 5160 години затвор

Поранешниот војник на армијата на Гватемала, Сантос Лопез, беше осуден на затворска казна од вкупно 5160 години, за неговото учество во познатиот масакр на армиските сили во селото Дос Ерес. Во 1982 година, за време на граѓанската војна во оваа централно-американска држава, која траеше 36 години, една армиска единица беше испратена во посебна операција во селото за ставање ред и контрола. Операцијата , меѓутоа,  се претвори во најкрвавата и најбруталната епизода во војната во Гватемала, затоа што во налетот на војниците беа убиени над 200 цивили. Судот во Гватемала Сити, го прогласи војникот Лопез виновен за дури 171 убиство и му определи казна од по 30 години за секоја од неговите жртви.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе