Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Украинско-руски инцидент во Азовско Море

Anton_Medvedev/Bigstock.com

Украинско-руски инцидент во Азовско Море

Владата во Киев ја обвини Москва дека брод на руската крајбрежна стража, намерно удрил во еден брод-влекач на украинската воена морнарица. Инцидентот се случил блиску до брегот на анектираниот полуостров Крим, во Керчкиот морски премин кој е единствениот морски пат што ги поврзува Црното и Азовското Море.  Руската контра-разузнавачка агенција (ФСБ) преку соопштение испратено до руските новински агенции тврди дека Украинците извршиле „повреда на територијалните води“ на Русија, за кои се  вели дека привремено биле затворени.

Случајот во кои се вклучени помали воени бродови од двете земји, дополнително ќе ги засили тензиите меѓу Украина и Русија кои се постојано напрегнати по анексијата на Крим и руската воена интервенција во источно-украинските области Луганск и Донецк, од 2014, а во најскоро време, тензиите се заострија по запирањето на еден руски рибарски брод во територијалните води на Украина.

Според киевските власти, станува збор за „отворена агресија“ на Русија, затоа што трите украински бродови- две мали воени пловила и еден брод-влекач се движеле од Одеса кон пристаништето Маријупол, во Азовското Море, минувајќи низ тесниот морски канал. Украинците тврдат дека руската страна претходно била известена  и посочуваат дека од силината на ударот од бродот на руската крајбрежна стража, влекачот бил тешко оштетен и со онеспособен мотор

Руската страна, меѓутоа, го обвинува Киев дека е извршена „свесна провокација“ . Веднаш по инцидентот, Русија целосно го блокирала каналот, поставувајќи попреку еден танкер кои оневозможува било каков брод да помине во Азовското Море.

Целиот простор сега се контролира од руски воени хеликоптери, а украинските морнари тврдат дека биле надлетувани од руски воени авиони.

Украинската влада и Западот ја обвинуваат Москва дека намерно предизвикува инциденти на овој морски пат, за да се оневозможи патувањето на комерцијални бродови, иако тоа е единствениот морски пат меѓу Црното и Азовското Море. Властите во Киев уште ја обвинуваат Русија дека настојува низ вакви инциденти и низ други акции, да предизвика ситуација по која би го приграбила за себе  и градот-пристаниште Маријупол , што е последниот поголем град во источна Украина, под контрола на Киев, за да потоа го претвори Азовското Море во „ руско“ море.

В0 2003 година, владите во Киев и во Москва се имаат договорено за тоа – Азовско Море да се третира како внатрешно море на двете соседни држави. Работите очигледно се измениле од пред 4,5 години откако Русија интервенираше во Украина, а сега одржува ситуација на „замрзнат сукоб“ , поради што се  создадени крајно напрегнати односи за кои се стравува дека би можело и воено да ескалираат.

Украинската морнарица во меѓувреме соопшти дека врз трите бродови, во неделата , доцна вечерта, од руска страна бил отворен оган, по што двата мали воени бродови и оштетениот влекач, биле заробени. Русија не реагираше веднаш на изјавата на Украинците, но независни посматрачи оценуваат дека малку е веројатно овој инцидент, без разлика од кого е испровоциран,  може да прерасне во воен судир од поголем интензитет. Според нивните проценки и двете страни предивикуваат , повремено, вакви случаи за да ја одржуваат тензијата и за меѓусебно обвинување, одлагајќи ја на тој начин можноста, за украинското прашање да се најде трајно мирно решение.

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе