Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Макрон: Засрамете се од насилството на улиците

palinchak/BigStock.com

Макрон: Засрамете се од насилството на улиците

Францускиот претседател Емануел Макрон остро реагираше за насилството по улиците на Париз и на уште десетица други градови низ Франција, за време вториот викенд со демонстрации поради зголемената цена на горивото. „Засрамете се, за насилството, за нападите врз полицијата и безбедносните сили, врз граѓаните кои не им се приклучиле и врз новинарите“ – им порачал Макрон на учесниците на протестите, за кои организаторите тврдат дека треба да бидат мирни и достоинствени. На својата страница на Твитер, францускиот претседател напишал дека „ во Франција нема место за насилство“. Во изминатата сабота, во Париз и во други градови, се организираа демонстрации на кои , според полициски проценки, вкупно, насекаде, имало околу 100 илјади луге. На протестите во изминатиот викенд одново имало насилство од страна на демонстрантите, кои се сукобиле со силите на редот, а тие возвратиле со употреба на гас-солзавец и на „водени топови“. Но во овие насилнички протести, најнасилните се обидувале да се пресметаат и со оние кои не сакале да им се приклучат и со новинарските екипи кои се обидувале да ги следат демонстрациите. Тие првично беа најавени како протести на движењето кое себе си се нарекува „Жолти елеци“ кои се определија да демонстрираат против одлуката на француската влада за зголемување на цената на дизел горивото и на бензинот, но се верува дека во протестите кои требаше да имаат социјален карактер, се инфилтрирале анархисти, крајни десничари и други насилнички групации, затоа што организаторите тврдат дека „ протестите се мирни“, иако јавно не се оградуваат од насилниците. Во првиот викенд со протести, имало 300 илјади демонстранти, што покажува дека демонстрациите кои сега се настојува да се претворат во анти-Макрон протести, како да губат од интерес, веројатно затоа што се користат како сцена за пресметка со полицијата. Во Франција, најмногу се користи дизел горивото, а тоа во изминатите 12 месеци е поскапено 23 отсто и сега еден литар изнесува 1,5 евра, што е највисока цена од 2000 година.

“Русија поопасна и од ИД”

Русија сега е далеку поголема закана од Исламска држава (ИД) – изјавил за британските медиуми, началникот на Генерал-штабот на британската армија, генерал Марк Карлтон- Смит, порачувајќи дека Москва ја користи секоја прилика за да се нафрли врз „ ранливите и слабите“ секаде каде тоа ќе го забележи. Според британскиот генерал, Русија има создадено систем за користење и за злоупотреби на западните слаби точки, посебно во нетрадиционалните области- кибернетиката, вселената и морските длабочини. „Не може никако да се остане мирен на сето ова“- рекол генерал Марк Карлтон-Смит. Тој не е првиот во Британија кој предупредува на растечката закана од Русија и од, како што се вели, нејзиното агресивно однесување. Британско-руските односи веќе петнаесетина години се заладени и исполнети со недоверба и меѓусебни обвинувања. Последниот инцидент, од март годинава, кога двајца оперативци на руската воена тајна служба ГРУ, се обидоа во англискиот град Солзбери да ги убијат поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал, сега жител на Британија и неговата ќерка, користејќи го нервниот агенс „новичок“, спакуван во кутија со парфем, предизвика безмалку прекин на сите врски меѓу Лондон и Москва. Тие го преживеаја нападот, но настрада една жена, во едно место, во соседството на Солзбери која ја нашла кутијата каде бил спакуван отровниот „парфем“. Незнаејќи за што станува збор, таа се испрскала со опасниот нервен гас и набргу почина во болница. Официјален Лондон остро реагираше, обвинувајќи ги Русија и пред се Кремљ, за напад врз британската територија, втор таков по ноември 2006 година, кога со радиоактивен изотоп „полониум 212“ беше убиен Александар Литвиненко и тој пребегнат, поранеше припадник на руските тајни служби.

Германија за вооружување издвојува само 1,2 отсто од БНП

Најбогатата европска држава Германија, најсиланата економија во ЕУ, за вооружување издвојува само 1,2 отсто од својот Бруто национален производ (БНП) – откриваат германските медиуми. Но, се потсетува дека тоа не било од секогаш така. Во минатото, во време на „Студената војна“ само ( западните) Германци, во тогаш поделената држава, издвојувале за вооружување и за воени потреби, многу повеќе, а во 1990 година за воениот буџет се оделувало по 3 отсто од БНП. По падот на Берлинскиот ѕид и повторното обединување на западниот и источниот дел во една држава, средствата биле, пред се, насочувани кон транзицијата и побрзата обнова на источниот дел од земјата, што беше под советска контрола од крајот на Втората светска војна. Воени експерти тврдат дека германското 1,2 отсто од нејзиниот буџет е многу поголемо од оние мали земји кои издвојуваат 3 отсто за воени потреби. Сепак, Германија, сега настојува да ги засили фондовите за вооружување за да може да одговори на новите безбедносни потреби. Во Берлин се вели дека тоа започнало по настаните во Украина во 2014 година и анексијата на Крим и воената руска интервенција во источна Украина, но ваквата определеност на владата во Берлин наидува на отпор кај домашната јавност која во поголемиот процент е против „милтаризацијата“ и трошењето пари за оружје. Германија и канцеларот Ангела Меркел во повеќе наврати се критикувани од американскиот претседател Доналд Трамп, затоа што за НАТО издвојуваат помалку од Грција и од Балтичките земји.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе