Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Грузија за прв пат со жена претседател

Претседателската палата во Тбилиси. Фото: Kisa_Markiza/BigStock.com

Грузија за прв пат со жена претседател

Поранешниот грузиски министер за надворешни работи Саломе Зурабишвили (60) победи на претседателските избори во оваа подкавказка држава и стана првата жена- претседател на Грузија. Во вториот изборен круг, таа освои 59, 6 отсто од гласовите на гласачите, поразувајќи го нејзиниот противкандидат, Григор Вашаџе и тој некогашен шеф на грузиската дипломатија, кој доби 40, 4 отсто. „Донесовме клучна одлука. Сите ние, дефинитивно и цврсто му рековме -не- на минатото“, изјавила Зурабашвили по соопштувањето на изборните резултати. Таа во изборната трка учествуваше како независен кандидат, но ја имаше подршката на владеачката партија Грузиски сон. Во кампањата, таа и партијата заговараа подеднаква блискост кон големиот сосед Русија и кон ЕУ. Опозицијата и Вашаџе, пак, агитираа за влез на Грузија во ЕУ и во НАТО. Претседателски избори, во ваков облик, за последен пат се организираат во Грузија. Веќе следниот претседател ќе биде избран од електорски колегиум. Грузија е држава на чија територија, по распадот на Советскиот Сојуз се создадоа две сепаратистички држави-Абхазија и Јужна Осетија и во двата случаи, со силна воена, политичка и материјална подршка на Русија. По кусата грузиско-руска војна, во август 2008 година, околу Јужна Осетија, Москва ги призна овие две сепаратистички територии на грузиска почва, за независни држави.

Берлин бара обнова на дијалогот меѓу Србија и Косово

Официјален Берлин ги повика владите на Србија и Косово одново да го отворат дијалогот за да се избегне натамошно влошување на нивните односи. Портпарол на германската влада ги критикувал српската влада за напорите што ги направи, за да не се прими Косово во Интерпол, но и владата во Приштина, која одлучи да ги зголеми тарифите за влез на српски производи на 100 отсто. „Ги повикуваме двете страни да не ги влошуваат односите“ – потсетувајќи го притоа Белград дека нормализацијата на односите со Косово, претставува предуслов за преговорите на Србија, за членство во ЕУ. Изјавата на германската влада е речиси идентична со изјавата на шефот на европската дипломатија Федерика Могерини. Во својата порака, таа побара од косовскиот претседател Хашим Тачи, владата во Приштина да ја повлече одлуката за екстра тарифите, потсетувајќи дека таа мерка „не придонесува за подобрувањето на соседските односи“. Косово во февруари 2008 година прогласи независност, но Србија и натаму оваа територија, на која преку 90 отсто од населението се етнички Албанци, а само 10 отсто се Срби, ја смета за своја покраина, иако врз неа одамна нема суверенитет.

Нови руски ракетни системи на Крим

Во Москва е соопштено дека на територијата на полуостровот Крим ќе бидат поставени нови ракетни системи земја-воздух. Станува збор за унапредената верзија на ракетниот систем С-400. Новите орудија и батаљонот со војници се предвидува да бидат на теренот веќе до крајот на оваа година. Според московските медиуми, одлуката за инсталирање на овој ракетен систем, била донесена многу порано, но дека најновата криза во руско-украинските односи, како и одлуката на Киев да воведе вонредна ситуација во украинските области кои се граничат со Русија, го забрзало нивното разместување. На Крим веќе има три батаљони од руските ракетни единици за против-воздушна одбрана, со дострел на ракетите до 400 километри. На тој начин, на руската армија сега и е овозможено да има контрола над голем дел од воздушниот простор над Црно Море. Полуостровот Крим, кој е дел од државната територија на Украина, во март 2014 година беше анектиран од Русија, а Москва од тогаш, на секој начин настојува да ја увери меѓународната заедница дека станува збор за веќе завршена работа. Таквото руско толкување, според кое полуостровот е дел од територијата на Русија, се наоѓа во основата на последниот инцидент кај Керчкиот премин, кога руската крајбрежна стража отвори оган врз три мали воени украински бродови кои пловеа од Одеса кон украинското пристаниште Мариопол, во Азовското Море. Шестмина Украинци се заробени, а бродовите се запленети. Сите дваесетмина морнари се притворени за „илегално влегување во руската територија“.

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе