Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Мадрид без стари возила во центарот

joyfull/BigStock.com

Мадрид без стари возила во центарот

Градските власти на Мадрид одлучија да воведат нови услови за возење низ централното градско подрчаје, при што најважното е да се тргнат старите возила, за да се намали загадувањето на воздухот. Целта на ваквото решение е – загадениот воздух да биде помал од 40 отсто.

Со новите услови, сите возила ќе мораат да бидат  тестирани за степенот на загаденост што ја создаваат, според издувните гасови и за тоа да добијат посебна “еко-ознака”. На најстарите автомобили ќе им биде забрането да влезат во централното градско подрачје, а оние кои нема да се придржуваат на овие прописи, ќе бидат казнети со 90 евра.

Другата цел на новите градски прописи е намалување на бучавата од центарот на Мадрид кој многу често се задушува од автомобили и наместо тоа да се охрабрат велосипедистите и да се потикне користењето на велосипедот. Прв пат, новите мерки ќе се употребат во викендот на почетокт од декември и се верува дека рестрикцијата за чист воздух и за помала бучава, ќе погоди 20 отсто од автомобилите кои секојдневно минуваат низ центарот.

Наместо секојдневниот хаос што го прават многу често автомобилите кои влегуваат во центарот,   сега се настојува да се натераат жителите на Мадрид, наместо да влегуваат во возилата во секоја прилика, да му се вратат на пешачењето, да  користат велосипеди и многу повеќе да се возат со градскиот јавен превоз.

Рестрикциите ќе се применуваат така, што автомобилите ќе имаат ознаки, добиени по еко-тестовите и според тоа колкав се загадувач. Така, хибридните автомобили ќе носат “еко-етикета” што ке биде залепена на видливо место. Тие ќе може без никакви ограничувања да влегуваат во централното градско подрачје и да ги користат сите паркинзи, исто така, без да бидат ограничени. Дизел возилата, произведени пред 2006 година и постарите автомобили, произведени и регистрирани до 2000, ќе бидат без таквата ознака, па тие ќе може да влезат во централната зона, само за да дојдат до приватни паркинзи.

Централната зона ќе биде посебно означена со црвени линии, за тоа од каде почнува (или каде завршува) а движењето на возилата ќе биде надгледувано со полициски камери. Градските власти објаснуваат дека во “рестриктивната” зона возилата ќе може да влегуваат само ако се регистрирани на сопственици кои таму и живеат, но тие ќе бидат задолжени да се паркираат само во улиците во кои живеат.

Идејата за чистење на големите градови, а посебно на централните зони од автомобили- загадувачи, не е нова. Таа од пред десетина години е силно потикната од ЕУ, во рамките на големите планови за вкупното намалување на штетните гасови во атмосферата, а низа европски метрополи користат разни мерки за да ги набркаат автомобилите, пред се, загадувачите, барем од  централните градски зони.

Лондон и Стокхолм имаат воведено посебни (и скапи) тарифи за влез во центарот на градот, што е “казна” за автомобилистите и приход за општинските каси, но се замислени да ги ослободат градските центри од задушување со возила и да ја намалат загаденоста, па затоа се набавени скапи “чисти” еко автобуси ја јавниот превоз. Лондон од пролата во 2019 година, планира да воведе и зона за “супер ниска загаденост”. Францускиот главен град, пак, има воведено забрана за влез во центарот на Париз за возила произведени до 1997 година. Забраната важи за деновите од викендот и трае од 8 часот наутро, до 20 часот навечер. Постои и доплнителна забрана за сите дизел возила што се произведени до 2001 година, што е посебно важно за Франција, затоа што во оваа земја, најголемиот дел од автомобилите имаат дизел мотори. Затоа целта на париските власти е трајно да се тргнат дизел возилата  од центарот на Париз, но притоа, се предвидуваат и високи субвенции за другите видови транспорт.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе