Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Орбан пречекан и испратен со протести

Yulia75/BigStock.com

Орбан пречекан и испратен со протести

Унгарскиот премиер Виктор Орбан престојуваше во Загреб, на отворањето на годишната конференција на земјите од групата СЕИ, а во истовреме имаше и билатерлани разговори во хрватската влада со премиерот Андреј Пленковиќ, околу настојувањето на Хрватска, некогашна рафинерија ИНА, која е во сопственост на унгарската компанија МОЛ, да се врати одново под хрватска контрола.

Во главниот хрватски град, Орбан, сепак, престојуваше колку да “протрча” низ него. Се фотографираше со учесниците на конференцијата, на неговите домаќини (одново) им порача дека не прифаќа владини разговори за ИНА/МОЛ, третирајќи го целото тоа прашање како “работа за која треба да разговараат компаниите” и само се појави на свечената вечера по повод СЕИ. Во нејзиниот работен дел, меѓутоа, не учествуваше, туку набрзина замина за Будимпешта. Не остана ниту дваесетината часови во Загреб, но и во тоа кусо време, унгарскиот премиер не бил оставен мирен, туку бил постојано следен од демонстранти кои протестирале против неговото присуство на конференцијата, осудувајќи ја неговата политика, кон мигрантите и кон демократските и либералните групи и организации во Унгарија.

“Депортирајте го Орбан, а не бегалците” и “Сето ова смрди на фашизам” – биле најчестите пораки на големите транспаренти кои го следеле унгарскиот премиер, секаде каде се појавувал- пред седиштето на хрватската влада, пред конференциската сала и пред неговиот хотел.

Сакаме Европа и ЕУ во кои подеднакво се вреднуваат сите човекови права и владеењето на правото, во кои нема да има “црни оази” како Унгарија, каде се загрозени тие темелни вредности

– изјавил за домашните медиуми претставник на хрватскиот Центар за мировни студии, кој бил еден од организаторите на протестите. Според мислењето на оваа мировна организација, Орбан е “човекот кој ги користи бегалците како своевидна мета и како некаква фиктивна закана за европските вредности, што тој, наводно, ги заштитува, а всушност, постојано ги урива, затоа што сака апсолутна власт во Унгарија”.

Во својата земја, тој отворено се пресметува со сите облици на либерализмот и на либералната демократија, за која зборува дека треба да биде контролирана, има отворено фронт против невладиниот сектор и е во своевидна “света војна” против американскиот филантроп и милијардер Џорџ Сорос, инаку унгарски Евреин кој живее во САД, обвинувајќи го за, наводното, “потикнување на миграцијата (во 2015 година) и настојувањето да “се наполнела Унгарија со неевропско население”. Орбан кој пред дваесетина година со пари на истиот тој Сорос се има дошколувано во Британија, сега тврди дека неговиот некогашен патрон, е “најголемата закана” за државите со десничарска, националистичка и популистичка ориентација, затоа што “потплатува” групи и организации за да се спротивставуваат на десницата, што е крајно грубо толкување на еден авторитарен политичар на борбата за демократија и за почитување на човековите права. Унгарските власти ја протераа организацијата Отворено општество, а на крајот измислија закон за да го затворат т.н. Универзитет Сорос, кој од идната година ќе работи во Виена.

Свои сојузници Орбан наоѓа во крајно-десничарските групи низ ЕУ и низ Европа. Неговата политика против НВО и кон Отворени општество на Џорџ Сорос, уште пред него, ја спроведе Русија на претседателот Владимир Путин, потоа сите поранешни советски републики, каде повремено се појавуваа изблици за демократија, а делумно и некои од земјите во Средна Европа, кои покрај Унгарија се дел од некогашната Вишеградска четворка. На Балканот, сојузници и истомисленици – Орбан најде во Србија, како и во Македонија, во времето кога, сега, побегнатиот осуденик Никола Груевски, кој создаде режим во земјата – “груевизам” – претворајќи ја државата во приватна фирма на неговата националистичка партија и на најблиските соработници. Не е затоа ни малку чудно што по своето бегство од Скопје, помогнато и изведено со унгарската и уште на некои други разузнавачки служби, екс македонскиот премиер, заштита и азил, побара и најде токму во Унгарија и кај нејзиниот премиер. Единственото објаснување на Орбан за својата постапка, со која ги изигрува унгарските и европските закони и правила, е “опасноста која била надвисната над Груевски од соросовите луѓе” (!?) поради што морал да го спасува од затворот на кој беше осуден.

Како “соросови луге” се означуваат сите оние кои се противат на авторитарни режими, кои заговараат демократија и почитување на правото и правниот поредок, а во случајот на Македонја како такви се прикажуваат поранешната опозиција, нејзиниот тогашен лидер, сега премиер Зоран Заев, со неговата продемократска, прозападна и проевропска влада. Таа толку не и пречи на Унгарија, колку на Русија, која не може да се помири со падот на нејзиниот сојузник Груевски, па дејствуваше и дејствува за да ги дисквалификува во домашната јавност . Македонскиот премиер беше еден од учесниците на загрепската конференција, но со Виктор Орбан не можело да се разговара за бегалецот и за барањето на Македонија, тој да биде вратен во Скопје. Едноставно, унгарскиот премиер, како што се дознава од Загреб, премногу брзал за да се врати дома, очигледно, бегајќи од една таква средба. Прво, затоа што нема аргументи за да ја оправдува унгарската постапка кон Македонија, а второ, веројатно затоа што случајот ИНА/МОЛ и продавањето-купувањето на рафинеријата се поврзува со аферата со екс хрватскиот премиер Иво Санадер. И тој беше осуден, па побегна во странство од затвор, но подоцна беше вратен назад, а судската постапка околу Санадер и неговиот случај, се уште не е завршена. Тој и натаму тврди дека не е виновен и дека му се судело од “политички причини”.

(З.Д.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе