Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Модерните ториевци ги поразија антиевропејците

Модерните ториевци ги поразија антиевропејците

Пратениците од британската, владеачка Конзервативна партија и изгласаа доверба на лидерот Тереза Меј, со едно како што се покажа, уверливо мнозинство кое овозможува таа и натаму да ги предводи ториевците и да остане премиер на Велика Британија. За победа над партиските бунтовници на Меј и беше потребно просто мнозинство од вкупно 315 пратеници од оваа партија во Долниот дом на Вестминстер, а таа успеа да ја добие подршката на 200 од нив. Но, безмалку една третина од пратениците, или 117 ториевци  гласаа  против неа, барајќи таа да биде сменета од лидерската функција во партијата, незадоволни од тоа како ги водеше преговорите за Брегзит со ЕУ и особено, за како што тие тврдат  „ лошиот и штетен за Британија“ договор со Брисел.

Во кусата изјава  Меј им изрази благодарност на  оние кои ја подржаа , порачувајќи дека сега продолжува работата во врска со Брегзит. Таа побара единство од сите политичари,  во интерес на Британија и за градењето подобра иднина . Според британскиот премиер, време е сите политичари да дејствуваат во интерес на државата, што важи и за пратениците од Конзервативната партија, за да се обедини државата и за да се дејствува во интерес на сите.

Нејзините сојузници и проевропските конзервативци задоволни, го поздравија резултатот од гласањето што  во британската јавност се исчекуваше како да станува збор за парламентарно гласање, бидејќи ако Меј не ја добиеше подршката, тогаш ќе мораше да се повлече и од премиерската функција. По тоа, ќе се отвореше постапка за нов партиски лидер кој до редовните парламентарни избори ( во 2022 година) ќе беше британски премиер. Тоа , сепак, не се случи , па оние кои ја подржаа сметаат дека изгласаната доверба претставува „ триумф  на модерниот дел од конзервативците“ . Тие ги обвинуваат пучистите дека , всушност, сакаат растурање на ЕУ, како што тоа го посакуваат некои светски сили и нивните политички лидери, затоа што стравуваат од силината на Унијата.

Британија како САД и Канада

Противниците на Меј, од редовите на тврдото десничарско и антиевропско крило во Конзервативната партија, пак, се разочарани од изгласаната доверба за Меј. Еден од тоа  крило , пратеникот Џејкоб Риз- Мог, одново ја повика Меј – „ без разлика на гласањето, да си поднесе оставка“. Пратениците од овој блок сега не ги  плашат лугето со мигрантите од Источна Европа, туку зборуваат дека со Брегзит , Британија „ одново ќе биде слободна и независна, како што се САД, Канада, Јапонија и другите“. Тие инсистираат дека  не треба да има договор со ЕУ , уверувјќи ја домашната јавност дека „ веднаш по британското излегување , Брисел ќе побара да направи трговски договор со Британија“ арогантно забележувајќи дека „Франција и натаму ќе мора да ги продава кај нас своите вина , а Италија својот мебел и техника за кујните“.

Гласањето за доверба на Меј како партиски лидер, а не за доверба на целата влада, за што треба да гласа целиот Парламент, а не само ториевските пратеници, дојде (не)очекувано  за неа. На само 12 часови пред гласањето, пучистите ја известиле за намерата да ја сменат, додека таа тргна низ европските престолнини за да побара дополнително време за усогласување околу веќе одобрениот договор за Брегзит. За него се изјаснија  сите 27 земји- членки на ЕУ, како и  британската влада, но ситуацијата се искомпликува  откако британскиот премиер на 11 декември  го откажа веќе закажаното гласање за ратификација на финалниот договор во Парламентот во Лондон.

Откажувањето уследи не само затоа што се покажа дека таа не може да обезбеди доволно гласови од сите пратенички групи, туку и затоа што утврди дека бунтовниците во нејзините партиски редови сакаат да ги искористат гласовите на опозицијата, која најави гласање против, за да се присили Меј , по поразот во Долниот дом, да поднесе оставка. Така,  ќе можеа со еден удар да завршат две работи- да ја тргнат Меј и без парламентарни избори од кои стравуваат , како и да го блокираат договорот со ЕУ – сокривајќи се зад омилената фраза дека постигнатиот дил со Брисел „ не ги исполнува барањата на гласачите на референдумот“ од пред 2,5 години. Противниците на Меј тврдат дека со договорот, Британија , практично, и натаму би останала врзана за ЕУ, што таа и владата го негираат, инсистирајќи дека она што е договорено е најдоброто за земјата.

Гневни што беа „ прочитани“ бунтовните ториевци, се определија за партиски пуч, обезбедувајќи ги лесно неопходните 48 пратенички потписи за покренување гласање за доверба на партискиот лидер. По поразот на пучистите, Меј може да биде мирна, затоа што ваква постапка не може одново да биде покрената во следните 12 месеци, но без разлика на „ победата“ нема место за славење. Партијата е длабоко поделена, создадена е хаотична ситуација околу Брегзит, а поделбата кај ториевците е пренесена и врз целото британско општетство. Додека се очекуваа резултатите од гласањето за доверба на Меј, пред зградата на Парламентот, мирно и без правење никакви блокади на улиците, на една страна протестираа приврзениците за останувањето на Британија во ЕУ, носејќи британски и знамиња на Унијата, додека на другата, демонстрираа оние кои се за Брегзит и за излез од ЕУ без договор. Останува и неповолната математика во Долниот дом на Парламентот, каде Меј и понатаму нема мнозинство за договорот.

Правење компромиси

Покрај овие 117 нејзини пратеници, против дилот се и сите десет пратеници на северноирската ДУП, иако тие не кријат дека се подготвени за пазарење со владата во Лондон, како и шкотските националисти од СНП, кои се против затоа што се против Брегзит. Најголеми проблеми, сепак, прават лабуристите и нивниот левичарски лидер Џереми Корбин со својата недржавничка и политиканска позиција. Тој не се изјаснува против Брегзит, ниту за тоа да има втор референдум, но се против договорот со ЕУ. Корбин не кажува какви позиции има доколку тој би преговарал, освен што постојано повторува дека „ станува збор за штетен договор за Британија“. Така  излегува дека единствено што го интересира е да ги собори Меј и нејзината влада и на едни вонредни избори , да ја освои власта и да стане премиер. По одложената ратификација на договорот, тој се закануваше со покренување гласање за недоверба на британската влада, но прашање е дали за тоа ќе може да ги обедини сите на своја страна , затоа што поради своето силно левичарење е непопуларен меѓу другите политички сили во Вестминстер, а јавноста не верува дека со него би можело да има подобар дил со Брисел.

Меј сега ќе се обидува да обезбеди мнозинство во Парламентот, низ правење  компромиси со партиите и да ги врати на своја страна ториевските пратеници кои им се приклучија на партиските бунтовници. Како мамец за тоа се смета изјавата дека нема да се кандидира за следните избори и дека порано ќе се повлече од Даунинг стрит 10. Останува и најавената посета во Даблин, каде со ирската влада ќе се обиде да бара можности за некаква поправка за делот од договорот кој се однесува на границата меѓу Северот и Југот на ирскиот остров, односно меѓу британската Северна Ирска и Република Ирска. Ирскиот премиер, меѓутоа, пред гласањето за доверба на Меј, ја повтори пораката на Брисел, дека не може одново да се преговара за договорот за Брегзит, па целата мисија на Тереза Меј во следните недели, до повторното ставење на гласање  на договорот со ЕУ, пред британските пратеници , изгледа како невозможна мисија. Единствено што Меј сега би можела  да изнуди од Брисел е да го продолжи крајниот рок за ратификација- наместо до крајот на оваа , до јануари следната година, а тоа значи да си купи уште малку време.

(Т.И.)

(Извештај од Лондон)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе