Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Од Иран до Британија преку Белград

Anjo Kan/Bigstock.com

Од Иран до Британија преку Белград

Во изминатите месеци британската крајбрежна стража интервенираше на повеќепати во близината на брегот, од англиската страна на каналот Ламаш, прогонувајќи, а честопати и спасувајќи групи мигранти кои настојуваат илегално да влезат во Велика Британија. Сите откриени и приведени се дојдени од Франција,  во купени или изнајмени, но најчесто во украдени мали рибарски чамци и бродчиња, земени од  градот Кале и неговата блиска околина, со надеж дека пловилата ќе може да го издржат опасното префрлање преку морскиот канал, до најблискиот брег на британската страна, во областа Кент.

Британските имиграциски власти и локалната полиција, не откриваат за колкава бројка илегални мигранти станува збор, признавајќи дека има и такви кои успеале не само да допловат до јужниот британски брег, туку и да влезат на територијата на Британија, многу веројатно, со помош на шверцерите со луге, или нивни блиски кои веќе престојуваат на британска територија. Една од последните операции за откривање на вакви мигранти е регистрирана минатиот месец, во реонот на јужниот англиски град Фолкстон, каде што се наоѓа железничкиот тунел низ кој минуваат возовите „Јуростар“,под морското дно, на линиите од Лондон кон Париз и Брисел и обратно. Лугето во еден чамец успеале безбедно да дојдат до британскиот брег, но биле забележани од локални жители додека се обидувале да се искачат по стрмината која се издига од брегот, кон патот што води до британскиот главен град.

Јужната врата преку Ламанш

Сите деветмина од чамецот биле приведени и оставени во центри за илегални мигранти. Лондонските антиевропски и антимигрантски таблоиди, кои и онака предизвикуваат „запалива“ атмосфера околу мигрантите од ЕУ, поврзано со процесот за Брегзит, ги обвинуваат властите дека „не прават доволно за да се затвори јужната врата на Британија“, тврдејќи дека брегот во тој дел од земјата се обезбедува со само два помали брода на крајбрежната стража.

Така или не, бројот на илегалците кои „допловуваат“ до британската страна од Ламанш, годинава е поголем и покрај владините уверувања дека илегалната миграција во земјата се намалува. Не станува збор за бранови од бегалци како во 2015 година, ниту како префрлањата во Медитеранот и во Егејското Море, на југот од Европа, каде Грција и Италија, пред се, се уште се преполни со луге од Блискиот и Средниот Исток и од Африка, кои настојуваат да влезат во земјите од ЕУ. Но, истрагата за илегалците фатени кај Фолкстон покажа дека тие се мигранти кои специјално допатувале до северот на Франција, за да се префрлат во Британија.

Ги има од разни националности, но годинава доминираат Иранци. Станува збор за луге кои не бегаат поради воени судирања во нивната земја, или поради немање услови за живот, туку во потрага за подобар и побогат живот,  што веруваат ќе може да го обезбедат  на британската територија, каде веќе од порано, од времето по иранската исламска револуција во седумдесетите години на 20 век, живее и работи бројна иранска заедница.

Според медиумите во Лондон, Иранците кои се префрлаат со чамци од Франција и не се „ типични бегалци и мигранти“ затоа што патуваат како туристи до Париз , или до Кале, а дека нивната почетна дестинација не е некој град, или пристаниште на Блискиот Исток, туку Белград, до каде доаѓаат на најлегален начин, со авионите на иранската воздухопловна компанија „Иран Ер“. Во главниот град на Србија тие обично остануваат неколку денови, смесени во хотел, како и секој турист. Така и се облечени, така и се однесуваат, а нивната прва работа е со парите кои ги имаат кај себе, да си обезбедат „ нормален, туристички“ превоз до некој од европските центри, настојувајќи да најдат најевтин и набрз начин за да допатуваат до францускиот брег на Ламанш. Дури од тука , па понатаму, тие веќе не се однесуваат како туристи, туку како илегални мигранти, како и сите другите.

Белград не е случаен избор

Изборот Белград да биде нивната прва точка во Европа и од таму да патуваат до планираната одредница, не е случаен, ниту е нелегален. Се почнало откако владите на Србија и на Иран се договориле да се отвори директна авионска врска меѓу нивните два главни града, но префрлањето од Иран кон Западот на Европа преку белградскиот аеродром,  се интензивирало, откако владите се спогодиле да се укинат визите. Подобро ситуираните Иранци кои и онака планирале да заминат од својата земја, наеднаш виделе лесна можност тоа да го направат без никој да ги обвинува- а тоа е како туристи да отпатуваат во Србија, не за да ја разгледаат земјата за која ништо и не знаеле, туку преку нејзиниот главен град, да избегаат од Иран.

Не е познато зашто српските власти се имаат договорено со Техеран за „ размена на туристи“ со оглед на неповолниот рејтинг што го има Иран во ЕУ, а уште повеќе за патување и престој без виза. Но, појавата на ирански „ туристи“ низ западните држави од Унијата ( не само во Британија) има предизвикано загриженост, особено кај безбедносните власти во сите овие земји, иако сите Иранци кои имале пари за да дојдат, преку „ белградската врска“ , секаде барале работа. Се верува дека српските власти на овој начин сакале да го зголемета бројот на странските туристи, особено што Иранците додека престојувале во Белград по ништо не наликувале на илегални мигранти. Само за неколку месеци оваа година, иранските авиони имаат префрлено во Европа голем број Иранци, а никој не знае, или не соопштува колкумина се вратиле , патувајќи од  српскиот главен град за Техеран. Сепак, по силниот притисок од Брисел, српските власти мораа да ја раскинат спогодбата за безвизен режим со Иран, по што драстично се намалил бројот на Иранците, иако нивниот бран не е целосно запрен.

Британците не откриваат дали сите кои ги имаат „ уловено“ на јужниот британски брег ќе бидат вратени, со оглед на третманот на Иран и односите што оваа земја ги има со Велика Британија, но Иранците во оваа година имаат користено и обратно патување, наместо кон Западот на ЕУ, кон нејзиниот југ, до Грција. За оваа појава малку се зборува, затоа што е илегална и се одвива тајно, преку територијата на Македонија. Според извори на „Скопје/Глобал“ ирански мигранти, но и бегалци поради разни причини, илегално ја минуваат српско-македонската граница во реонот на Куманово , водени од шверцери на луге и од двете страни. Тие немаат македонски визи кои се неопходни  за иранските државјани, па затоа минуваат тајно низ македонска територија, за да стигнат до  Грција, каде веднаш се пријавуваат како  бегалци. Тоа им е важно затоа што Грција е првата држава во ЕУ,  каде можат да бараат азил, а преку тоа и да заминат во некоја  трета земја на Унијата.

(Т.И.)

(Извештај од Лондон)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе